Македонија
Филипче: Премиерот откога е на функција, како да живее во некој паралелен универзум

Немоќта на Христијан Мицкоски да се справи со водењето на државата ги затскрива со измислени состојби и лаги. Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната прес-конференција, одговарајќи на новинарско прашање за наводно следење со дронови на Мицкоски кога бил лидер на опозиција, ја потести јавноста за серијата измислени ситуации пласирано во јавноста од сегашниот премиер.
„Лагите на премиерот еволуираат во зависност од тоа како еволуира технологијата. Во еден дел жолтите комбиња еве станаа дронови, во друг дел видовме на собраниската седница шилото стана црвче. Премиерот откога е на функција, како да живее во некој паралелен универзум, некои работи само тој ги гледа. Имаше некое мито за Коридорот, железничките, кое само тој го виде, имаше дестабилизација, па сега нема. Па ‘Бехтел и Енка’ беше скандалозно коруптивен проект, на кој сега се фотографираат и повикуваат на промоција“, изјави Венко Филипче.
На собраниска седница, Мицкоски, одбегнувајќи да одговори на пратеничко прашање на претседателот на СДСМ, Филипче, поврзано со скандалозното назначување на Бојан Христовски за директор на АНБ, рече дека кога била ВМРО-ДПМНЕ во опозиција, безбедносните го следеле со дронови. Познатата теза на претходникот на Мицкоски, Груевски, „вистината е како шило“, сега Мицкоски ја преиначи во „вистината е како црвче“. Кога беше во опозиција, Христијан Мицкоски велеше дека договорот со „Бехтел и Енка“ е историски криминал за пред некој ден да каже дека е супер проект. Премиерот пред неколку месеци говореше и дека за Коридорот 8, секција 3 за железницата, му понудиле мито, но и од тој случај не излезе ништо на видело. Мицкоски исто така гледаше и најавуваше опасност од дестабилизација. Би рекол дека тој измамнички пристап е карактеристичен само за луѓе што не може да се справат со функцијата и бегаат во лага тогаш кога имаат сериозен предизвик и не може да реагираат, немаат што да направат“, изјави Филипче, претседател на СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Меџити и Вардар го претставија Мастер планот за Чаир, сеопфатна визија за модерна, функционална и урбано силно идентификувана општина

Кандидатот за градоначалник на Општина Чаир, Изет Меџити во соработка со
светски познатиот архитект, Бајрам Вардар, денес го претставија Мастер
планот за Чаир, стратешки документ кој има за цел трансформација на
општината во модел на одржлив развој, со модерна инфраструктура, урбано
зеленило, културни простори и нови образовни и младински центри.
Мастер планот е резултат на работењето на широк тим експерти од Турција
и Северна Македонија, под водство на архитектот Бајрам Вардар, урбанист
со потекло од Скопје, кој изгради успешна кариера во Турција и беше дел
од тесниот тим на претседателот Реџеп Таип Ердоган за време на неговиот
мандат како градоначалник на Истанбул. Во тимот учествуваа и познатите
експерти Надир Доган и д-р Мустафа Тутар, заедно со локални специјалисти
кои обезбедија прилагодување на планот кон реалните потреби на Чаир.
Мастер планот се темели на седум клучни столбови на развој:
Транспорт и сообраќај
Заштита на културното наследство
Туризам и економија
Образование
Култура и уметност
Рекреација и спорт
Урбана трансформација
Фокусот на планот се конкретни решенија за олеснување на сообраќајот и
модернизација на инфраструктурата. Визијата предвидува изградба на
булеварот “Хрватска” и “Црна Гора”, што ќе овозможи движење од
Автокоманда кон Сарај без да се минува низ Чаир. Исто така, предвидено е
проширување на булеварите “Митат Фрашери”, “Џон Кенеди” и “Цветан
Димов”, како и оптимизација на клучните сообраќајни точки за зголемување
на протокот. Еден од најзначајните проекти е изградбата на кружниот тек
околу парк-шума Гази Баба.
Друг клучен елемент е ревитализацијата на Стариот Чаир, со конкретни
мерки за зголемување на бројот на туристи, развој на економијата и
културниот живот, со трансформација на традиционалните ханови во
функционални центри и епицентри на урбани активности.
Проектот предвидува и создавање на 5000 нови паркинг места, вклучувајќи
механички паркинзи, како и изградба на нови младински центри, реновирање
на постоечките училишта и креирање на модерен кампус за Универзитетот
“Мајка Тереза”.
Посебно внимание во Мастер планот е посветено на проектот „Модерна
Топхана“, кој има за цел трансформација на населбата Топхана во иконичен
и атрактивен простор за Скопје, со спојување на траги од верски,
културни и историски вредности со современ архитектонски јазик, во
согласност со стандардите на Европската Унија.
На настанот за презентација на Мастер планот присуствуваа граѓани,
архитекти, урбанисти, претставници на медиуми и јавни личности, кои ја
поздравија оваа иницијатива како голем чекор кон трансформација на Чаир
во европска општина со силен урбан и културен идентитет.
Македонија
Трипуновски: Откупот на пиперка се одвива непречено, земјоделството останува врвен приоритет на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ

„Вчера во Струмица остварив средба со откупувачи и преработувачи на пиперка. На средбата договоривме откупот на пиперката да се одвива со одбитоци не поголеми од 3%, а откупната цена да не биде пониска од 25 денари за килограм пиперка откупена на рефус. Исто така, договорена е и динамиката на откупот, при што целата пиперка ќе биде откупена“, информира министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски.
„Денеска, заедно со директорот на Државниот инспекторат за земјоделство, Васе Анакиев, ги посетивме откупните центри во Кривогаштани и Могила, каде што извршивме увид во откупниот процес на пиперката. Ова е резултат на нашата постојана грижа за заштита на интересите на земјоделците и обезбедување на фер услови при откупот на земјоделските производи. На секој откупен пункт ќе има инспектор кој ќе го следи откупот и нема да дозволи манипулации во самиот процес. Земјоделството е приоритет и ние сме тука да ги штитиме правата на секој земјоделец“, пишува во објавата на ФБ.
Македонија
(Фото) И пратеници трчаа на скопскиот маратон

Денеска во Скопје се одржа 21. Визер Скопски маратон. Првпат институцијата Собрание настапи како организиран тим, со силна порака за блискост со граѓаните и тимски дух, под мотото „Собрание за граѓаните – трчаме заедно“, информираат од прес службата на Собранието на Македонија.
64 пратеници и службеници од Собранието трчаа во неколку дисциплини, и тоа: полумаратон, штафета и трка на 5 километри, за промоција на здрави навики, солидарност и институционална отвореност кон граѓаните.
Учеството на Маратонот е дел од Планот за подобрување и ЦАФ мерки кои успешно се имплементираат во Собранието од септември 2025 година, согласно Програмата за собраниска поддршка (ПСП).
На штафетата, Собранието беше претставено од 2 екипи, додека на полумаратонот трчаа 6 претставници. Во трката на 5 километри учествуваа 50 претставници на Собранието.
„Пратениците и службениците со гордост ја пренесоа пораката дека Собранието е институција блиска до граѓаните, која трча заедно со нив – во спортот и во развојот на општеството. Во суштина, ова учество не е само спортски настан — тоа е симболична порака за транспарентност, соработка и човечки пристап во работата на Собранието“, стои во соопштението.