Регион
„Го погледнав и видов дека нема нога, не знаев како да му помогнам, го изгубив умот“: исповед на таксист кој му помагал на повреден на железничката станица во Нови Сад

Истрчав по детонацијата и влетав од другата страна на станицата за да им помогнам на повредените. Го гледам момчето одзади, на почетокот се чинеше дека е добро. Му приоѓам, а тој е во седечка положба. Блед како крпа, но двете нозе ги нема, нема крв“, со грутка во грлото, ова го раскажал таксист кој во петокот, 1 ноември, неколку минути пред пладне, се нашол на такси станицата во Нови Сад близу железничката станица, додека чекал муштерија, пренесуваат српските медиуми.
Бетонската конструкција на влезот во станицата во Нови Сад од засега непозната причина наеднаш паднала врз минувачите. Повеќе од 80 спасувачи учествуваа во расчистувањето на урнатините, под кои трагично загинаа 14 лица.
– Бев на станицата кога се случи трагедијата. Јас сум тука секој ден и има многу луѓе кои кружат. Тој ден, петок, бев пред автомобилот и во еден момент додека чекав муштерија слушнав силен тресок – вели таксистот и продолжува да ја опишува агонијата во која се нашол.
– Како нешто да пукна. Земјата се затресе, мислев дека можеби е земјотрес. Бев оглушен од силната детонација. Бев во облак од прашина.
Се собрав и инстинктивно почнав да трчам кон станицата. Ја оставив и вратата од колата отворена, во тој момент не ни помислив на тоа. Погледнав во станицата и видов дека е затрупана – вели тој.
– Почнав да трчам кон задниот влез на станицата за да се обидам да им помогнам на повредените внатре. Кога влегов во зградата на станицата, почнав да налетувам на луѓе, сите бегаа некаде. Како да не знаат по кој пат да тргнат и каде одат“.
Таксистот кој со години работи и ги превезува жителите на Нови Сад, вели дека настанала сцена поради која не можел да јаде, ниту да функционира.
– На самиот излез од станицата, буквално на вратата, го видов момчето одзади. Трчам кон него и се надевам дека е добро, се молам во себе. Го стигнувам, се вртам и гледам. Блед е како крпа, дури и како бела хартија, не реагира. Мислам, можеби не реагира затоа што е во шок од падот. И тогаш гледам надолу, гледам дека нема нога. Нема крв, ниту капка – вели таксистот и додава:
-Почнав да трчам. Не знам на каде, го изгубив умот. Сакав да му помогнам, но тој не реагираше, беше во седечка положба и се замрзнав.
Им помагав на други луѓе, а на тоа момче набрзо му пријдоа лекари од итната помош, не знам дали преживеа. Но, побегнав од шокот, мојата грешна душа не знаеше како да му помогне – рече тој криејќи ги солзите.
– Отидов потоа да запалам свеќа за душите на тие луѓе. Верувајте ми, јас не сум истата личност од петокот. Јас не спијам и не можам да спијам затоа што ги имам овие слики пред очи. Тоа што го видов, што најдов под тие урнатини, не може да се опише – рекол таксистот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Вучиќ: Суштината на обоената револуција е Србија да биде најслаба во регионот, а јас да клекнам пред сите

Српскиот претседател Александар Вучиќ денес изјави дека суштината на обоената револуција е дека Србија мора да биде послаба во споредба со сите во регионот, како и тоа тој да биде неспособен претседател, кој би клекнал пред сите што не ѝ посакуваат добро на Србија, пренесуваат медиумите во соседството.
„Тоа е суштината на обоената револуција. Србија мора да биде скромна и секогаш мора да биде послаба од Хрватска и од сите други во регионот за да може да бидат задоволни“, рече Вучиќ во Палатата на Србија одговарајќи на новинарско прашање.
Вучиќ рече дека денес не е случај Србија да е најслаба во регионот, иако е посиромашна од другите, туку дека, од друга страна, напредува побргу од другите, што никому не му одговара.
„Тоа е една од причините зошто го прават тоа бидејќи би сакале да имаат некомпетентен претседател, кој би клекнал на колена пред сите оние што не ѝ посакуваат добро на Србија“, рече Вучиќ.
Тој ги обвини луѓето, за кои тврди дека се водачи на блокади, дека ја мразат Србија и ѝ посакуваат најлошо на својата земја наведувајќи дека поради нив, земјата е во тешка ситуација бидејќи „ја намалиле стапката на раст, го уништиле туризмот, како и многу економски гранки“.
„Дури и меѓу блокадите има такви што ја сакаат Србија, но не може да се одвојат од овие водачи – новинари, професори и политичари. Тоа е еден од проблемите“, рече Вучиќ, пренесува „Бета“.
Регион
Поради силни ветрови, во прекин фериботскиот сообраќај во Грција

Фериботскиот сообраќај во Егејското Море во Грција денес беше прекинат поради силни ветрови, кои достигнаа брзина од 60 километри на час, поради што илјадници туристи не можеа да одат до своите планирани дестинации.
Забраната за пловидба, која ќе биде во сила денес најмалку до 13 часот по локално време, важи во сите поголеми пристаништа во Атика, а само фериботите на неколку линии во областа Аргосароникос сè уште пловат, објавува „Јуроњуз“.
Пристанишните власти чекаат ветерот да стивне за да може да се укине забраната за пловидба.
Пловењето кон островите Киклади беше прекинато во пристаништето Рафина иако екскурзиите до Мармарис на островот Кос продолжија според планот.
Фериботите не сообраќаат од Пиреја, а пловидбата во пристаништето Лаврио е прекината во правец на Китнос и Агиос Маринас и Неа Стира.
Илјадници патници не можеа да го почнат своето патување утрово поради прекин на пловидбата и чекаат да одат на своите дестинации.
Грчката крајбрежна стража им советува на патниците да се консултираат со компанијата чиј ферибот треба да ги превезува кога ќе бидат можни нови поаѓања, како и да ги избегнуваат пристаништата на кои се појавил сообраќаен метеж.
Метеоролошката служба прогнозира дека силните ветрови ќе траат најмалку до недела, што би можело да влијае на фериботскиот сообраќај.
Поради оваа причина, властите им препорачаа на туристите да стапат во контакт со локалните пристанишни власти и компании пред да заминат.
Регион
Гори во Грција: издадена наредба за итна евакуација

Голем шумски пожар избувна денес во областа Каравадос на грчкиот остров Кефалонија, а издадена е наредба за евакуација на три области, јавуваат грчките медиуми.
Пожарот избувнал во земјоделска и шумска зона, а ангажирани биле 20 припадници на противпожарната служба со седум возила, како и членови на планинската спасувачка служба и волонтери, објави „Катимерини“.
„Доколку се наоѓате во областите Каравадос, Доризата и Керамис, засолнете се и упатете се во правец на Аргостоли. Следете ги упатствата на властите“, се наведува во известувањето на противпожарната служба.
Четири авиони и два хеликоптера исто така помагаат во гаснењето на пожарот, пишува грчкиот весник.
Фото: принтскрин