Македонија
Тошковски: Ефикасна прекугранична полициско-царинска соработка за успешна борба со шверцот на мало и лесно оружје и криумчарењето мигранти
Денеска министерот Панче Тошковски се обрати на „Конференција на високо ниво за соработка меѓу полицијата и царината за мало и лесно оружје и за криумчарење мигранти во Југоисточна Европа“ во организација на ОБСЕ.
Тошковски во своето обраќање нагласи дека организираниот криминал и нелегалната трговија со мало и лесно оружје и кориумчарењето мигранти се значителни безбедносни предизвици како во Југоисточна Европа така и во поширокиот регион.
„Овој настан во организација на ОБСЕ и ЕУ4ФАСТ кој иницира посилна институционална соработка на меѓународно и национално ниво ќе придонесе кон функционалноста на безбедносните системи кои се носечки столб на сигурноста на граѓаните и демократските вредности на државите. Борбата против организираниот и транснационален криминал бара од сите нас максимално вложување на напори и ресурси посебно во делот на прекуграничната полициско-царинска соработка, како клучен фактор во ефикасно справување со оваа закана“, потенцираше Тошковски.
Jа акцентираше и поддршката што ја добиваме во делот на борбата против криумчарење мигранти и трговија со луѓе и неодамнешното зачленувањето на МВР кон Европската мрежа за миграција на Европската Унија, со цел обезбедување на пристап до објективни, веродостојни и споредливи информации.
Тошковски нагласи дека ваквите настани ќе придонесуваат до поголема национална и регионална безбедност, која ќе биде остварлива доколку се зголеми нивото на размената на добри практики, искуства и максимално вложување на целокупниот капацитет и потенцијал кои што го поседуваме како агенции одговорни за спроведување на законот.
Амбасадорот на ОБСЕ, Килијан Вал истакна дека за жал Југоисточна Европа останува фокус точка за криумчарење мигранти и нелегална трговија со мало и лесно оружје.
„Нелегалното оружје од регионот се криумчари низ Европа засилувајќи го организираниот криминал па дури и тероризмот. За да одговориме на ваквите предизвици, започнавме соработка, меѓурегионална иницијатива на ОБСЕ која ги обединува полициските директори, царинските директори, службениците за спроведување на законот и експертите за теми од цела Југоисточна Европа“, нагласи Вал.
Амбасадорот Вал додаде дека нашата земја успешно ги препознава проблемите и работи активно на нивното решавање а Мисија на ОБСЕ во Скопје со задоволство ќе ја продолжи својата поддршка во адресирање на сите овие закани.
Министерот Тошковски и амбасадорот Вал во рамките на конференцијата остварија и посебна средба на која во фокус беа сите тековни проекти со кои ОБСЕ соработува со министерството за внатрешни работи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Мали остатоци од снег има на планинскиот превој од (село Лисец – Попова Шапка) кои се задржани на коловозот, извести АМСМ.
Врнежи од снег со слаб интензитет има на патниот правец (Крива Паланка – г.п.Деве Баир) кој не се задржува на коловозот и намалена видливост поради појава на магла има на планинските премини Плетвар до 30 метри, Ѓавато до 100 метри и планинскиот превој Крушево до 40 метри.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од Карпош денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект ф-100мм на крстосницата Његошева/Софиска, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Софиска, Његошева, Бриселска, Копенхагенска, Стокхломска, Петар Драганов и Гаврил Лесновски, општина Карпош.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со услови за повремени слаби врнежи од дожд
Променливо облачно со услови за повремени слаби врнежи од дожд. Претпладне, врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег и во некои од повисоките места. Ќе дува слаб до умерен, а попладне наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 3 до 10 степени.
Во Скопје, претежно облачно со услови за слаб дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
До крајот на оваа седмица следува период на претежно облачно време со повремени врнежи од дожд, кои на повисоките планини, ќе преминуваат во врнежи од снег. Повремено наместа врнежите ќе бидат пообилни. До сабота ќе дува југоисточен и југозападен ветер, а во недела ветерот ќе го смени правецот и ќе дува засилен северен ветер.

