Македонија
Мисајловски: Безбедносната состојба е стабилна, силно инвестираме во модернизацијата на Армијата и соработуваме со сојузниците во Алијансата
Безбедносната состојба во државата е стабилна и нема индиции за загрозеност на интегритетот и суверенитетот на државата рече министерот за одбрана Владо Мисајловски, кој денеска (5 ноември) учествуваше на конференцијата насловена „НАТО – 75 години единство, соработка и колективна одбрана: Безбедносни предизвици за Европа“. Во своето обраќање министерот се осврна и на потребата од блиска соработка со сојузниците во справувањето со сите безбедносни предизвици, поддршката за Украина како и континуираното инвестирање во Армијата – во нејзината модернизација, но и во развојот на човечките капацитети.
„Колективната безбедност е поврзана, најважно во овој момент е да ги следиме сите безбедносни предизвици и да соработуваме колку што е можно поблиску со нашите партнери од НАТО и Европската Унија“, рече министерот. На одговор на прашање поврзано со внатрешните ризици за земјите членки на НАТО, министерот порача дека безбедносната ситуација во државата е на највисоко ниво, но и дека институциите мора да останат будни, да ги следат и превенираат сите безбедносни предизвици. „Една од заканите се дезинформациите и влијанието кое доаѓа директно од хибридните закани и мешањето во внатрешните работи“, рече министерот.
Мисајловски најави нов пакет на поддршка за Украина кој треба да биде дел од затворена седница на Владата денеска, и порача дека поддршката ќе продолжи и понатаму, во согласност со нашите можности и потребата од задржување на борбената готовност на Армијата во остварувањето на своите надлежности.
Во однос на модернизацијата, министерот порача дека во тек се повеќе договори, споменувајќи ја набавката на лесните оклопни возила JLTV и Stryker од САД, опрема за противвоздушна одбрана, набавката на хаубици. Развојот на Лесната пешадиска баталјонска група, рече, е наш приоритет кој е и обврска согласно квантитативните и квалитативните цели на способности дефинирани како дел од НАТО – Алијансата. Мисајловски истакна дека паралелно со процесот на модернизацијата, ќе се почитуваат и сите обврски од Колективниот договор на вработените во одбраната и Армијата затоа што тоа е начинот како можеме да имаме успешна Армија. „Сето ова е поврзано со буџетот и затоа драго ми е што и следната година буџетот [на одбраната] ќе биде над 2 проценти, за што изразувам благодарност до цела Влада“, додаде министерот.
Мисајловски спомена дека интеграцијата во Европската Унија е од исклучително значење за државата од многу аспекти поврзани со безбедноста и порача дека државата во делот на одбраната има одлична соработка со соседите. Пример за тоа, како што рече, е Договорот за мобилност на Коридорот 8, потпишан со Италија, Албанија и Бугарија во Вашингтон, кон кој на неодамнешниот министерски состанок во Седиштето на НАТО во Брисел се приклучи и Романија.
Конференцијата е во коорганизација на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, Фондацијата Конрад Аденауер и Влифрид Матин Центарот за Европски студии. Покрај останатите на конференцијата зборуваше и амбасадорката на Германија Петра Дрекслер.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Општина Бутел започна изградба на 40 пешачки и пристапни патеки во Скопје Север
Општина Бутел денеска (23 февруари 2026) започна активности за изградба на 40 пешачки и пристапни патеки до станбените згради во населбата Скопје Север.
Градежните работи опфаќаат реконструкција на пристапните влезови до станбените објекти на улиците „Боро Менков“, „Лазо Москов“, „Гоце Стојчевски“ и „Костурска“.
Од општината информираат дека новите пешачки патеки ќе го олеснат движењето на граѓаните и ќе придонесат за спречување на поплавување на влезовите на зградите.
Реализацијата на проектот, како што наведуваат, претставува исполнување на предизборните ветувања на градоначалникот за еднаков и рамномерен развој на сите населени места во општината.
Македонија
Ангелов на работен состанок во Министерството за правда за измени на Законот за здруженија и фондации
На барање на директорот Стојанче Ангелов на Дирекција за заштита и спасување (ДЗС), денеска беше одржан работен состанок во Министерство за правда, посветен на најавените измени на Законот за здруженија и фондации, што директно ги засегаат доброволните противпожарни друштва во Македонија.
На состанокот беа разгледани можните правни импликации од предложените измени, со посебен акцент на правниот статус и функционирањето на доброволните противпожарни друштва (ДПД), нивната улога во системот за заштита и спасување и на потребата од усогласување на законската рамка со реалните теренски потреби и со европските практики.
Притоа, Ангелов, заедно со тим од ДЗС и од претставници на ДПД, ја истакна важноста од заштита, унапредување и институционално препознавање на доброволниот сектор, како клучен партнер во справувањето со кризи, пожари и природни непогоди. Соработката помеѓу институциите и доброволниот сектор е еден од темелите за ефикасен и функционален систем за заштита и спасување во Македонија.
Македонија
Лажни дојави за бомби во училишта во Скопје и Тетово
Во неколку училишта во Скопје и во Тетово денеска биле примени дојави за поставени експлозивни направи, но по извршените проверки било утврдено дека станува збор за лажни пријави.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека веднаш по добивањето на пријавите биле преземени соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници.
„Веднаш по добиените пријави преземени се соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници и утврдено е дека станува збор за лажни пријави“, соопштија од МВР.
Во Тетово дојавите ги опфатиле средните училишта СОУ „Никола Штејн“, СОУ Гимназија „7 Март“, СОУ Гимназија „Кирил Пејчиновиќ“ и СОУ „8 Септември“.
Кај основните училишта биле опфатени ООУ „Истикбал“, ООУ „Кирил и Методиј“, ООУ „Братство-Мигени“, ООУ „Гоце Делчев“, ООУ „Беса“ и ООУ „Прпарими“.
Надлежните институции продолжуваат со преземање мерки за расчистување на случајот.

