Македонија
Мицкоски со најдобри желби до претседателот Трамп: Оваа победа е потврда за длабоката верба на американскиот народ во принципите на слободата и демократијата
Премиерот Христијан Мицкоски упати честитка до Доналд Трамп за неговата победа на изборите во САД преку социјалните мрежи.
„Оваа победа е потврда на длабоката верба на американскиот народ во принципите на слободата и демократијата. Со нетрпение очекуваме натамошно продлабочување на нашето цврсто партнерство и соработка, особено во областите на безбедноста, економскиот развој и демократските реформи.
Македонија останува посветена на градењето уште посилни врски со САД, како стратешки сојузник и пријател, кои ќе продолжат да ја зајакнуваат стабилноста и напредокот на целиот регион. Честитки и најдобри желби до претседателот Трамп и до целиот американски народ!“, напиша Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Љутков им посака успешна работа на членовите на комисиите кои ќе ги оценуваат апликациите на годишните конкурси
Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, ги поздрави членовите на комисиите за оценување на пријавите пристигнати на Годишните конкурси за финансирање проекти од национален интерес по одделни области и активности од културата и на нацрт-годишните програми за работа на националните установи од областа на културата, пожелувајќи им успешна работа во креирањето на националната програма за култура за 2025 година.
На Годишните конкурси, кои завршија вчера, пристигнаа околу 2 илјади и 900 пријави кои ќе бидат оценувани од комисиите што годинава се формирани во согласност со препораките од Државниот завод за ревизија. Во таа насока, Министерството за култура и туризам за првпат изготви Упатство за критериумите за именување на членовите на комисиите во кое е јасно утврдено дека за членови на комисиите може да бидат именувани лица кои имаат најмалку 10 години професионално искуство, потоа лица кои имаат реализирано, организирано или продуцирано најмалку 5 проекти од соодветната дејност во која ќе вршат евалуација на проектите, лица кои имаат стекнато стручно звање во согласност со прописите за заштита на културното наследство итн.
Членови на комисиите за секоја дејност одделно се следниве: за музичка дејност: проф. д-р Валентина Велковска-Трајановска, м-р Весна Малјановска и Сарана Адеми; за ликовна дејност: редовен проф. Антони Мазневски, професор во пензија, академски скулптор Томе Аџиевски и Исмаил Мислими; за драмска дејност се актерите: Крсте Јовановски, Рубенс Муратовски и Вулнет Кучи; за издавачка дејност: проф. д-р Маја Јакимовска-Тошиќ, д-р Марина Мијаковска и м-р Флорентина Фетахи; за фолклор: Филип Арилон, Мирко Стефановски и Емин Гаџа; за музејска дејност: проф. д-р Сашо Цветковски, дописен член на МАНУ, проф. д-р Елизабета Димитрова и проф. Мустафа Куртиши; за заштита: проф. д-р Драги Митревски, проф. д-р Марјан Јованов и Ерон Белули; за библиотечна дејност: проф. д-р Солзица Поповска, д-р Иван Заров и проф. д-р Шенер Билали.
Министерот Љутков, поздравувајќи ги членовите на комисиите, им пожела успешна работа на Годишните конкурси и изрази уверување дека на крајот ќе добиеме програма која ќе донесе нов и повисок квалитет на културните содржини во државава. Тој истакна дека годинава, Министерството изготви и Упатство за утврдување на видовите на проектите, условите за учество, мерилата и критериумите за оцена на проектите во кое јасно и прецизно се утврдени видовите на проектите што ќе бидат поддржани, како и приоритетите за 2025 година, што ќе придонese за квалитативно оценување на проектите.
Македонија
Таравари му честита на претседателот Доналд Трамп
Претседателот на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, му честита на новоизбраниот претседател на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп.
„Му честитам на г. Доналд Трамп за постигнатиот резултат на претседателските избори! Многу сум оптимист дека г. Трамп ќе биде претседател кој ќе го заштити достоинството на Американците и ќе ја задржи Америка како сојузник на мирот и доброто“, посочи Таравари.
Македонија
Филков: Ефикасниот правосуден систем е клучен фактор за владеењето на правото
Ефикасниот правосуден систем не е само еден од главните предуслови за создавањето на поволна инвестициска и бизнис-ориентирана средина туку и клучна претпоставка за борба против криминалот и корупцијата и гаранција за основните човекови слободи и права, рече министерот за правда, Игор Филков, на отворањето на 15-тата сесија на националната конвенција на ЕУ во РСМ. Главен аспект, пак, на ефикасноста, според министерот, е должината на судските постапки.
„Странките пред судовите очекуваат нивните предмети да бидат решени од страна на независни и професионални судии, со донесување пресуди во разумен рок. Токму долготрајноста на постапките, за жал, и 25 години по примената на Европската конвенција за човековите права од страна на државава, сè уште е една од најчестите повреди на човековите права, кои ги генерираат самите судови. Па, така, наместо судовите да ги штитат човековите права, тие ги повредуваат, што е констатирано со многуте одлуки на Европскиот суд за човекови права против нашата држава, каде што најчестите повреди се констатирани токму за правото на правично судење во разумен рок во согласност со членот 6 од Европската конвенција за човекови права и основни слободи“, посочи Филков.
Осврнувајќи се на извештајот за напредокот на Република Северна Македонија, министерот Филков рече дека постојат разни начини за решавање на идентификуваните проблеми по однос на ефикасноста, како: реформирање или изменување на процесното законодавство, воспоставување рокови и временски рамки за одредени активности или фази на судските постапки, измена на судската мрежа и надлежност на судовите, создавање електронски постапки за одредени видови случаи.
„Ние ќе продолжиме со реформските чекори сè додека не се промени перцепцијата на граѓаните, но и оценките на Европската комисија дека во нашата држава постои целосно реформиран и независен правосуден систем поставен на здрави темели. Во изминатите три месеци имаше што да правиме и паралелно со тоа анализиравме каде се слабостите. Врз основа на недоследностите, скандалите и контроверзните одлуки што се случија досега, за жал, речиси секојдневно гледаме каде треба најмногу и најитно да се интервенира“, изјави Филков.
Реформите во правосудството се одвиваат во согласност со развојната секторска стратегија за правосудство за периодот 2024-2028 со нејзиниот акциски план. Во наредниот период клучен приоритет е да се реактивира Советот за следење на имплементацијата на развојната секторска стратегија за правосудство.
Министерството за правда и во наредниот период посветено ќе работи на обезбедување сите предуслови што се потребни за подигнување на ефикасноста на судските постапки и квалитетот на правдата.