Македонија
Љутков со новиот евроамбасадор Михалис Рокас: разменети мислења за унапредување на соработката во областа на културата и туризмот
Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, денеска оствари средба со новиот евроамбасадор, Михалис Рокас.
На средбата, Љутков потенцираше дека соработката со ЕУ e еден од најважните приоритети на Владата и на Министерството за култура и туризам. Тој истакна дека Северна Македонија вложува значителни напори во развојот на културниот и туристичкиот потенцијал на земјава, особено на заштитата на културното наследство, при што поддршката од ЕУ во овој процес е од клучна важност за понатамошниот раст на економијата и за меѓународна промоција на земјава.
Во тој контекст, соговорниците разменија и мислења и ставови за унапредување на соработката во областа на културата и туризмот, а разговараа и за можностите за натамошно зацврстување на партнерството со ЕУ во овие два клучни сектори.
На средбата стана збор и за начините и можностите за искористување на европските фондови за финансирање проекти кои ќе ги подобрат културните и туристичките капацитети на земјава преку разни инцијативи во овие области.
Амбасадорот Рокас нагласи дека соработката и помошта во реализацијата на проектите, како што се реконструкцијата на Шалтер-салата на Поштата која треба да прерасне во мултифункционален центар и манифестацијата „Скопје – европска престолнина на културата за 2028 година“, ќе придонесат за дополнително зацврстување на односите меѓу Северна Македонија и Европската Унија.
На крајот, министерот му посака успешна дипломатска мисија на евроамбасадорот Рокас и изрази очекување дека за време на неговиот мандат, пријателските односи и соработката во областа на културата и туризмот со Европската Унија ќе продолжат да се засилуваат и да се продлабочуваат со уште понагласена динамика.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Сарај и Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 09:00 до 14:00 часот, дел од корисниците од село Буковиќ, горниот дел (општина Сарај);
во периодот од 09.00 до 12.00 часот, корисниците на улицата Струшка (општина Карпош).
Македонија
Апасиев: Следната недела ќе закажам посебна седница за трагедијата во „Пулс“
„Како претседател на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот во Собранието на РМ, следната недела планирам да ја закажам посебната комисиска седница на која ќе се разгледува добиената Претставка од „Здружението 16 Март“ на родителите од Кочани, на која ќе се расправа за изнесените наводи поврзани страшната трагедија во дискотеката „Пулс“. На седницата официјално ќе бидат поканети и претставници на подносителите“, напиша на социјалните мережи пратеникот и лидер на Левица, Димитар Апасиев.

За време на саботниот „Марш на ангелите“ во Скопје, семејствата на загинатите во „Пулс“ побараа пратениците да иницираат надзорна расправа и посебна анкетна комисија за целосно и независно испитување на случајот.
Македонија
Претежно облачно со повремени локални врнежи од дожд
Претежно облачно со повремени локални врнежи од дожд. Наместа врнежите ќе бидат пообилни (над 30 l/m² за 24 часа), локално со услови за невреме со засилен ветер (над 60 km/h) и појава на ретки грмежи. Ќе дува умерен до засилен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 11, а максималната ќе достигне од 13 до 18 степени.
Во Скопје, облачно со повремени врнежи од дожд, во делови од котлината повремено пообилни. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на серија влажни воздушни бранови до крајот на седмицата следува период на променливо облачно и релативно топло време со повремени локални врнежи од дожд. Наместа врнежите ќе бидат пообилни, локално со услови за невреме со засилен ветер (над 60 km/h) и ретки грмежи. Во текот на 24 часа се очекува да наврне поголема количина дожд (над 30 l/m2). Ќе дува умерен до засилен ветер од јужен правец.

