Свет
Захарова: Изјавите на Трамп за прекин на конфликтот мора да бидат проследени со конкретни чекори
Портпаролот на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, денеска рече дека изјавите на Доналд Трамп за прекин на конфликтот во Украина мора да бидат проследени со конкретни чекори.
Захарова за телевизијата „Русија 24“ рече дека изјавите на Трамп мора да бидат проследени со конкретни активности на кои ќе се фокусираат сите страни.
Според неа, Трамп разбрал дека САД треба да ги решат своите внатрешни проблеми, пренесе „РИА новости“.
Трамп, кој прогласи победа на претседателските избори во САД, рече дека планира да не почнува војни, туку да ги прекине.
Републиканскиот кандидат Доналд Трамп моментно води против кандидатот на Демократската партија, Камала Харис, на претседателските избори во САД, а според последните проекции на АП, Трамп добил 267 електорски гласа, а Харис собрала 224.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Богатството на Трамп се зголеми за повеќе од милијарда долари по победата на изборите
Доналд Трамп не ја освои само Белата куќа. Во средата стана побогат за повеќе од една милијарда долари, пишува „Си-ен-ен“. Акциите на „Трамп медиа“, кои тргуваат под симболот „DJT“, пораснаа за 35 отсто во претпазарното тргување, давајќи и неверојатна пазарна вредност од околу 9 милијарди долари.
Трамп е доминантен акционер на конзервативната компанија за социјални медиуми, која има скромни приходи и бележи загуби.
Акциите во сопственост на новоизбраниот претседател, вкупно 114,75 милиони акции, вредат околу 5,3 милијарди долари врз основа на претпазарното тргување, во однос на 3,9 милијарди долари на денот на изборите. Се разбира, ова се само добивки од хартија, а во пракса би било тешко Трамп да ги продаде повеќето од тие акции без цената драстично да се намали.
Со месеци Трамп Медиа служеше како показател за тоа како трговците веруваат дека изборите ќе завршат.
Како што се намалуваа шансите за победа на Трамп, цената на акциите на компанијата падна на рекордно ниско ниво во текот на септември. Но, помеѓу 23 септември и крајот на октомври, вредноста на Трамп Медиа тројно се зголеми – неверојатен скок поттикнат од облозите за победа на Трамп во Белата куќа.
Свет
Франција и Германија ја повикаа Европа да се обедини: „Мораме да застанеме заедно“
Европската Унија мора да биде обединета и тесно координирана во поглед на враќањето на Доналд Трамп во Белата куќа, изјавија лидерите на Германија и Франција откако разговараа за координацијата на нивниот одговор.
Францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Олаф Шолц му честитаа на Трамп за изборната победа, но ги истакнаа и предизвиците на неговата протекционистичка трговска политика и изолационистичката реторика отелотворени во слоганот „Америка на прво место“.
„Европската унија мора да застане заедно и да дејствува на обединет начин“, рече Шолц, додавајќи дека тој и Макрон тесно се координираат со другите европски шефови на држави и влади. Макрон на „Икс“ објави дека Берлин и Париз ќе работат за обединета, посилна Европа во „нов контекст“.
Постигнувањето на европското единство, сепак, ќе биде предизвик, особено затоа што Париз и Берлин во последниве години се имаат несогласувања за низа прашања, од финансирање зголемени трошоци за одбрана до трговија, особено тарифи за кинеските електрични автомобили.
Францускиот и германскиот лидер се исто така во деликатни позиции дома. Макрон изгуби голем дел од својата моќ по изборните порази оваа година, а Шолц се бори да ја задржи својата коалиција заедно.
Многу европски лидери пред изборите изјавија дека се загрижени за можната победа на Трамп со оглед на заладените трансатлантски односи во неговиот прв мандат, неговата силна критика кон НАТО, неговата амбивалентност за борбата на Украина против руската инвазија и неговите ставови за климатските промени.
Европа е особено загрижена за трговијата. Трамп минатиот месец рече дека акопобеди на изборите, ЕУ ќе мора „да плати голема цена“ за тоа што не купува доволно американски стоки.
Европа е загрижена и за промената на американската надворешна политика, пред се кога станува збор за војната во Украина. Трамп ја критикува американската помош за Украина, а пред изборите вети дека ќе стави крај на конфликтот уште пред да ја преземе функцијата, без да каже точно како.
Француските и германските министри за одбрана треба да се сретнат во среда во Париз, пред состанокот на десетици европски лидери во четврток во Будимпешта на самитот на европската политичка заедница, по што ќе следи неформален самит на ЕУ, исто така во Будимпешта.
Свет
Хамас: Нашиот однос со Америка ќе зависи од политиката на администрацијата на Трамп
Палестинската милитантна група Хамас соопшти дека американската политика ќе го обликува нивниот однос со новата американска администрација на новоизбраниот претседател Доналд Трамп.
„Потврдуваме дека нашиот став за новата американска администрација зависи од нејзиното практично однесување кон палестинскиот народ, неговите легитимни права и прашања“, се вели во соопштението на Хамас.
Тие велат дека сите претходни американски администрации ја поддржале израелската окупација.
Американското политичко и воено покритие за Израел ја потврди неговата улога како целосен партнер во убиството на десетици илјади наши луѓе, вклучително и деца, жени и постари лица, додаде групата. Палестинската група ја повика идната американска администрација да ги слуша гласовите на американската јавност… која ја отфрла израелската окупација и геноцид и не поддржува пристрасност кон Израел.
За време на неговиот прв мандат во Белата куќа од 2017 до 2021 година, Трамп обезбеди непоколеблива поддршка за Израел, вклучително и преместување на американската амбасада од Тел Авив во Ерусалим, потег што го следеа неколку земји.
Израел ги напаѓа Газа и Хамас веќе една година по масакрот на Хамас на 7 октомври 2023 година, кога беа убиени 1.300 Израелци, главно цивили. Повеќе од 40.000 луѓе, главно цивили, беа убиени во израелската одмазда.