Македонија
(Видео) Петрушевски: ДЗР утврдила нерегуларности при исплати од власта на СДС и ДУИ

Според Извештајот на ДЗР за 2023 година, а кој се однесува за управување на јавните финансии и исплатите кои ги вршеле од Министерството за финансии управувано од СДС и ДУИ се утврдени нерегуларности.
Средствата кои Република Македонија ги вратила кон ЕК, поради злоупотреба со ИПА средства, а како последица на контрола од ОЛАФ, власта на СДС и ДУИ не успеала да ги наплати од правното лице кај кое е утврдена злоупотребата, истакна на прес-конференција Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
„Имено во Изваштајот се наведува дека се вратени над 600 илјади евра, тоа се пари кои се исплатени од буџетот на државата кон ЕК, затоа што државата има обврска да ги врати парите за кое ќе се утврди злоупотреба, а истата потоа тие средства ќе ги побарува од правното лице кое ја направило злоупотребата.
Владата на СДС и ДУИ не успеала да ги наплати парите кои ги исплатила за злоупотребата кон ЕК.
Неспособноста на СДС и ДУИ ја чини државата народни пари, кои наместо за нови училишта, градинки или болници одат за покривање на криминалното работење“, кажа тој.
Според него, важно е да се напомене дека ДЗР констатира дека договорите кои се прават за техничка помош мора да бидат со извршна клаузула со сила на нотарски акт, со цел забрзан поврат на средствата во буџетот. Додава дека државата мора да има заштитен механизам.
Со СДС и ДУИ, вели Петрушевски, штетите по државата во изминатите години се огромни, неспособноста завршува со нив.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Утре променливо облачно и посвежо време со врнежи од дожд

Времето утре ќе биде променливо облачно и посвежо со повремени врнежи од дожд. Ќе дува умерен до засилен ветер од југоисточен правец, информира УХМР.
Локално врнежите ќе бидат поројни и пообилни (над 20 l/m²), проследени со појава на грмежи и засилен ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 9 до 18, а максималната ќе достигне од 17 до 24 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд. Во делови од котлината ќе биде нестабилно со пороен дожд и услови за појава на грмежи. Ќе дува умерен до засилен југоисточен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 17, а максималната ќе достигне до 24 степени.
Под влијание на циклонска активност до понеделник времето ќе биде променливо облачно и посвежо со повремени врнежи од дожд. Локално врнежите ќе бидат поројни и пообилни (над 20 l/m²), проследени со грмежи и засилен ветер.
Дневната температура ќе опадне за 8 до 10 степени во однос на денешната.
Македонија
Сиљановска – Давкова: Одржливиот мир на Блискиот Исток мора да се постигне единствено преку дијалог и дипломатија

Одржливиот мир на Блискиот Исток мора да се постигне единствено преку дијалог и дипломатија, рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на генералната дебата на 80. Сесија на Генералното собрание на Обединетите Нации во Њујорк.
„Блискиот Исток има древна и богата традиција на меѓурелигиски и меѓуетнички соживот. Историјата покажа дека различноста кога се почитува, може да биде извор на културно збогатување и долгорочен мир. Но, исто така, историјата учи дека насилството, без оглед на неговото потекло, ги продлабочува поделбите, го продолжува човечкото страдање и ги оддалечува страните од праведно и сеопфатно решение. Убедени сме дека одржливиот мир на Блискиот Исток мора да се постигне единствено преку дијалог и дипломатија, во согласност со меѓународното право“, рече претседателката.
Таа додаде дека непрокосновеноста на човечкиот живот и достоинство мора да се почитуваат, дури и за време на војна, во согласност со меѓународното хуманитарно право.
„Во тој дух, ја реафирмираме нашата поддршка на меѓународните напори насочени кон деескалација, инклузивен дијалог и директни преговори“, рече Сиљановска – Давкова.
Македонија
По 80 години од основањето, крајно време е за жена Генерален секретар на Обединетите нации, изјави Сиљановска – Давкова

По 80 години од основањето, крајно време е за жена Генерален секретар на Обединетите нации, рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во своето обраќање на генералната дебата на 80. Сесија на Генералното собрание на Обединетите Нации во Њујорк
„Следната година ќе бираме нов Генерален секретар на Обединетите нации. Потребна ни е личност со лидерски вештини, со богато дипломатско искуство, со способност да ги премостува разликите и да гради консензус, но и да биде длабоко хумана и посветена на ранливите. Идниот прв дипломат на светот мора да има многу знаење, трпение и такт. По 80 години од основањето, крајно време е за жена Генерален секретар на Обединетите нации. Во свет доминиран од силни мажи, често со оружје, потребни ни се силни жени со мудрост и емпатија. Верувам дека жените, кои, заедно со децата се најголемите и најбројни жртви на војните, имаат неотуѓиво право и обврска да посегнат по нивна превенција“, рече претседателката.
Таа кажа дека анархичниот меѓународен поредок е закана за сите, а најмногу за малите држави и дека е природно малите и средни држави да бидат најголемите поддржувачи на реформите на Обединети нации.
На крајот на своето обраќање, Сиљановска – Давкова рече дека светот се наоѓа пред голем испит.
„Пред голем испит сме: или ќе го гарантираме меѓународен поредок врз визионерски принципи, или ќе итаме кон катастрофа со несогледливи размери за човештвото. Поранешниот Генерален секретар Даг Хамершелд потсети дека „Обединетите нации не се формирани за да нè однесат во рајот, туку за да нè спасат од пеколот. […] Треба да ги препознаеме Обединетите нации за она што се – навистина несовршен, но неопходен инструмент на нациите во работењето за мирна еволуција кон поправеден и побезбеден светски поредок.“ Да им ја дадеме таа шанса“, рече претседателката.