Свет
По изборот на Трамп, Техеран се надева дека САД ќе ги преиспитаат погрешните пристапи од минатото
Иран, кој со децении има затегнати односи со САД, изрази надеж дека изборот на Доналд Трамп ќе му овозможи на Вашингтон „да ги преиспита погрешните пристапи од минатото“.
„Имаме многу горчливи искуства со политиките и пристапите на разните американски влади“, изјави портпаролот на иранската дипломатија, Есмаил Багај, пренесе официјалната агенција ИРНА.
Тој апелира до Вашингтон да ги преиспита погрешните пристапи од минатото.
Иранските медиуми денеска опширно известуваат за резултатите од претседателските избори во САД.
„САД се големиот сатана, кој и да е претседател“, пишува весникот „Кејхан“.
Владиниот весник „Иран“ наведува дека „иранската економија е погодена од притисоци, но дека сега ситуацијата е поинаква и дека Трамп повеќе нема да може да го изолира Иран и да ѝ наштети на економијата“ на земјата.
За време на неговиот прв мандат, Доналд Трамп одржуваше многу тензични односи со Техеран, анализираат медиумите.
Во мај 2018 година тој еднострано ги повлече САД од договорот за иранската нуклеарна програма и повторно воведе остри санкции кон Техеран и покрај договорот склучен со големите сили.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
„Њујорк пост“: Севернокорејските војници во Русија првпат добија пристап до Интернет и се навлекоа на порнографија
Севернокорејските војници кои за првпат им се придружија на Русите, имаат непречен пристап до Интернет, кој го користат за гледање порнографија, дознава „Фајненшл тајмс“ од добро информиран извор, објави „Њујорк пост“.
Војниците од „изолираното кралство“ се бореа за првпат во Украина во понеделникот, но нивната борба наводно почнала многу пред да стапнат на бојното поле, и тоа, против сопствените демони, се вели во извештајот.
Нивната битка започнала кога добија бесплатен и непречен пристап до интернет.
„Обично сигурен извор ми кажува дека севернокорејските војници распоредени во Русија никогаш порано немале неограничен пристап до Интернет. Како резултат на тоа, тие се навлечени на порнографија“, напиша колумнистот на Фајненшл Тајмс, Гидеон Рахман на социјалната мрежа „Икс“.
A usually reliable source tells me that the North Korean soldiers who have deployed to Russia have never had unfettered access to the internet before. As a result, they are gorging on pornography.
— Gideon Rachman (@gideonrachman) November 5, 2024
Рахман не одговори на прашањето како неговиот извор ги знае интернет навиките на 10.000 севернокорејски војници испратени од Ким Џонг Ун да ги поддржат воените напори на Путин.
Кремљ не одговори на барањето на Њујорк пост за коментар.
Свет
Германскиот претседател подготвен да распише нови избори: „Крајот на коалицијата не е крај на светот“
Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер изјави дека е подготвен да го распушти парламентот и да го отвори патот за нови избори по распадот на тричлената коалиција на канцеларот Олаф Шолц барајќи од сите партии да се однесуваат одговорно, јавуваат агенциите.
Шолц рече дека ќе побара гласање за доверба во парламентот по заминувањето на министерот за финансии, Кристијан Линднер, со што неговата влада повеќе нема да има мнозинство. Само по неуспешно гласање за доверба, Штајнмаер може да распише нови избори.
„Сега не е време за тактики, туку за разум и одговорност“, рече Штајнмаер на прес-конференцијата.
Тој нагласи дека германската демократија е силна, пренесува ДПА.
„Крајот на коалицијата не е крај на светот. Тоа е политичка криза, која треба да ја надминеме и ќе ја надминеме“, додаде тој.
Изјави дека германскиот Устав дава јасни насоки за идните активности.
Како претседател, ќе треба да одлучам за распуштање на долниот дом на парламентот, Бундестагот, рече тој.
„Подготвен сум да ја донесам оваа одлука. На нашата земја ѝ треба стабилно мнозинство и оперативна влада. Тоа ќе биде моето мерило“, додаде Штајнмаер.
Свет
Лукашенко: Трамп не размислува само за својата иднина, туку и за иднината на своите деца
Белорускиот претседател Александар Лукашенко денеска изјави дека се надева оти со победата на републиканскиот кандидат Доналд Трамп на претседателските избори во САД нешто ќе се промени бидејќи тој „се бори за иднината на своите деца“.
Лукашенко оцени дека кога на власт се луѓе без искуство, тоа е една работа, а „кога луѓето немаат деца, тоа е катастрофа“, пренесува „РИА новости“.
„Трамп има големо семејство, деца. Трамп ја има нашата Меланија, која цврсто го држи в раце. Тоа што има семејство и деца е голема работа. Тој не размислува само за својата иднина, туку и за иднината на своите деца“, рече Лукашенко.
Трамп, освојувајќи го вториот мандат на изборите во вторникот, стана првиот американски претседател од 19 век што се вратил во Белата куќа по четиригодишна пауза, пишува медиумот.
Републиканецот Трамп ја победи демократката Камала Харис освојувајќи ги потребните 270 електорски гласа.
Според најновите проекции на АП, Трамп освоил 295 електорски гласа, а Камала Харис 226.
Харис беше критикувана од републиканците за време на изборната кампања бидејќи нема биолошки деца.
Одговарајќи на овие наводи, таа рече дека „ова веќе не се педесеттите години од минатиот век“.
Таа исто така ги нарече лоши и злонамерни коментарите на републиканскиот потпретседателски кандидат Џеј ди Венс за „дамите без деца што чуваат мачки“.