Македонија
Општина Валандово постхумно му додели највисоко признание на Мирко Попов
Вчеравечер, во преполната сала на Домот на културата „25 Мај“ во Валандово, во рамките на церемонијата по повод „Денот на општината“, највисокото општинско признание „6 Ноември“ за оваа година постхумно му беше доделено на Мирко Попов.
„Општина Валандово има чест највисоката општинска награда ‘6 Ноември’ годинава постхумно да му ја додели на Мирко Попов. Одлука што Советот на Општината едногласно ја донесе. Неговата иницијатива за снимање и издавање македонска музика во изведба на ансамблот ‘Распеани валандовчани’ претставува уште еден во низата придонеси за афирмација на македонскиот идентитет. Уште повеќе што го става во фокус културното наследство на Валандово преточено во музиката. Овој проект, кој го почна Попов, ќе го реализираме заедно со неговите соработници и со поддршка на Општината“, изјави Перо Костадинов, градоначалник на општина Валандово.
Претседателот на Советот на Општината, Владимир Марков, ѝ ја врачи наградата на Виолета Качакова, долгогодишна партнерка и соработничка на Мирко Попов.
„Прогресивната мисла и визија за поквалитетен живот во нашата земја Мирко Попов неуморно ја градеше преку продуцирање, издавање и промовирање автохтона македонска музика, вткаена во творештвото на разни генерации автори и изведувачи. Во овој контекст ќе биде запишано и изданието на ансамблот ‘Распеани валандовчани’, продуцирано во соработка со Владан Дробицки. Куриозитет е дека музичкиот запис ќе излезе на винил, кој се смета за најквалитетниот и најценет носач на звук во светот на музиката. ‘Распеани валандовчани’ ќе биде 14. по ред винил-издание на македонска музика како резултат на работата на Мирко Попов и неговите соработници“, изјави Качакова.
Трајниот аудиозапис на музика изведена од ансамблот „Распеани Валандовчани“ ќе се надоврзе во низата од 300 изданија македонска музика како дел од работата на Попов. Овој музички проект воспоставува и историска врска со семејното потекло на скопјанецот Мирко Попов. Неговиот дедо, истоименик Мирко Попов, кој потекнува од Валандово, бил еден од најпочитуваните граѓани и јавни личности, кој со својата работа придонел во општествениот и културниот развој на општината.
Ансамблот „Распеани валандовчани“ е основан 1973 година. Неговиот прв и досега единствен музички запис на винил е од 1974 година, издаден за Радио-телевизија Белград. По точно 50 години, ансамблот со рецентниот состав ќе добие ново винил-издание за македонски издавач благодарение на иницијативата на Мирко Попов и соработката со „Распеани валандовчани“ и Општина Валандово. Винилот ќе излезе за „ПМГ џез“ во продукција на Здружението за развој на музиката и културата „Крај Вардарот“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Следува променливо облачно време со повремени врнежи од дожд и снег
Времето утре ќе биде променливо облачно со врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни (над 25 l/m²), особено попладне и во текот на ноќта. На планините врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува засилен ветер од јужен правец (над 60 km/h).
Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 12, а максималната ќе достигне од 10 до 17 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен дожд, особено кон крајот на денот и во текот на ноќта. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на циклонска активност во следните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег. Поради продор на постуден воздух и засилен северен ветер во четврток врнежите ќе преминуваат во снег на повисоките и во некои од пониските места.
На планините во западните делови ќе се формира нова снежна покривка, а помала покривка се очекува и во пониските места. Во петок ќе има преодно стабилизирање на времето, а во деновите од викендот, особено во сабота повторно ќе има локални врнежи од дожд и снег, кои наместа ќе бидат пообилни. Температурите ќе бидат во опаѓање.
Македонија
(Видео) Николоски: 40 километри од автопатот Охрид – Кичево се веќе во функција
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на својот фејсбук профил објави ноќно видео од автопатот Охрид-Кичево, каде истакнува дека 40 километри од автопатот се ставени во функција.
„Погледнете го ова прекрасно ноќно видео од делот од автопатот Охрид – Кичево. 40 километри се веќе во функција. Се надевам голем број македонски граѓани ќе возат по овој автопат на пат кон Балканскиот Ерусалим – Охрид за овој Божиќ. Честитки на сите вредни работници кои се посветија на неговата изградба! За многу години Божиќ и Бадник!“ порача вицепремиерот Николоски.
Македонија
(Фото) Мицкоски: Бадник не е само ден, туку порака дека заедништвото, љубовта и солидарноста нe прават посилни
„Во пресрет на Бадник, денеска поделивме пакети помош во Карпош, Гази Баба, Чаир, Аеродром, Ѓорче Петров, Кисела Вода, Бутел и Центар со желба секое семејство да ја почувствува топлината на празникот на својата трпеза“, извести премиерот Христијан Мицкоски преку социјалните мрежи.
„Бадник не е само ден, туку порака дека заедништвото, љубовта и солидарноста нe прават посилни“, додаде Мицкоски.

