Скопје
Ѓорѓиевски на отворање канцеларија за поддршка на идни брачни двојки: Создаваме здрави и стабилни семејства!
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски и претседателката на Здружението на социјални работници, проф. д-р Светлана Трбојевиќ, денес отворија канцеларија за социјална поддршка на млади брачни парови од општина Кисела Вода, лоцирана во Домот на култура „Билјана Беличанец”. Оваа канцеларија е прва и единствена од ваков вид во Македонија и ќе овозможи бесплатна стручна поддршка и совети за надминување на тешкотиите и одржување на здрава комуникација помеѓу идните брачни двојки, што е клучно за стабилноста на секое семејство.
– Денес со големо задоволство ја отвораме Канцеларијата за социјална поддршка на млади брачни парови, прва од ваков вид во нашата држава, посветена на жителите на Општина Кисела Вода. Оваа иницијатива е плод на нашата соработка со Здружението на социјални работници, кое го обезбедува професионалниот тим, додека општината го овозможи просторот во Домот на култура „Билјана Беличанец“. Ова е единствена можност во Македонија каде младите брачни парови можат да добијат бесплатна и стручна поддршка за навремено справување со предизвиците во нивните односи.

Канцеларијата е создадена од потребата да се превенираат и спречат нарушените односи и семејни недоразбирања кои, за жал, сè почесто доведуваат до разводи. Наша цел е да ги поддржиме паровите во изградба на стабилни семејства, што има директен позитивен ефект врз благосостојбата на младите, но и на целокупната заедница. Стручниот тим во оваа канцеларија ќе им помогне на младите брачни парови да се справат со секојдневните проблеми, да ги решат предизвиците на заемното разбирање и да создадат основа за силен, стабилен и среќен дом.
Канцеларијата ќе работи два дена во неделата, секоја среда и сабота, по претходно закажани средби, што овозможува да се пристапи кон секое семејство индивидуално и со целосно внимание. Се надевам дека ова е почеток на позитивен тренд кој ќе го следат и други општини, бидејќи ваквите услуги се неопходни во едно модерно и динамично општество.
Искрено се заблагодарувам на претседателката на Здружението на социјални работници, проф. д-р Светлана Трбојевиќ и на сите негови членови за посветеноста и желбата да направат вистинска разлика за нашите граѓани. Заедно градиме општина која се грижи за своите жители, која вложува во иднината на младите семејства и која, со оваа канцеларија, им дава нова надеж и поддршка на сите оние кои сакаат да ги зајакнат своите семејни односи-изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

Канцеларијата ќе работи во среда од 16:00 до 20:00 часот и сабота од10:00 до 16:00 часот.Стручната помош и поддршка од страна на тимот се бесплатни. Потребно е претходно да се закаже термин на телeфонскиот број 02/3212 690. Термините се закажуваат во понеделник од 10.00 до 12:00 часот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Герасимовски: Почна новогодишната магија во нашите градинки, детската насмевка е најубавиот украс на празниците
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, денеска беше дел од празничната магија на предновогодишниот концерт во ЈУДГ „Корчагин“ – објект „Пинокио“, каде што дечињата од објектите „Пинокио“ и „Палешка“ со искрена радост и насмевки посакаа добредојде на Новата 2026 година.
Со специјално подготвена приредба заедно со учениците од ДМБУЦ Илија Николовски Луј под водство на проф. Маре Видевска, со традиционални новогодишни композиции, сценски точки и празничен дух, најмладите упатија новогодишни честитки и желби до најблиските, и до најомилениот лик, дарежливиот Дедо Мраз.

Герасимовски ги поздрави децата, родителите и вработените, им заблагодари за прекрасниот концерт, а најмладите ги израдува со новогодишни пакетчиња.

„Детската насмевка е најубавиот украс на празниците. Како градоначалник на Општина Центар, останувам целосно посветен на создавање услови за среќно детство и правилен развој на нашите најмили. Така било и така ќе остане“, порача Герасимовски.
Македонија
(Видео) „Општината молчи додека ‘Зимзоленд’ незаконски работи“, велат од партијата Левица
„Недозволиво и крајно алармантно е што општинските власти и понатаму молчат, иако е утврдено дека објектот „Зимзоленд“ работи без соодветна дозвола. И покрај ова, објектот сè уште е отворен и секојдневно посетуван од деца и семејства, без никаква реакција од општинските власти“, велат од партијата Левица.
„Фактот што станува збор за објект наменет за најмладите ја прави состојбата уште посериозна. Наместо итна интервенција и постапување согласно законските обврски, општината избира молк и неактивност, со што директно се доведува во прашање безбедноста на граѓаните, особено на децата.
Законот мора да важи еднакво за сите, без исклучоци и привилегии. Секое одложување на постапката претставува преземање на ризик и префрлање на одговорноста, која во случај на несреќа нема да може да се избегне.
Бараме итна интервенција од надлежните служби и затворање на објектот сè додека не се обезбедат сите потребни дозволи и безбедносни услови. Молкот на општината во вакви случаи ја прави истата соучесник во криминалот“, се додава во соопштението на партијата Левица.
Македонија
Дел од Кисела Вода денеска без струја
Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН Македонија АД, информира дека поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа, без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 09.00 до 11.00 часот корисниците на ул. 368 бр.3 (општина Кисела Вода)

