Забава
Дијамантски ѓердан поврзан со падот на Марија Антоанета оди на аукција
Дијамантски ѓердан за кој се верува дека е поврзан со скандалот што ја собори последната француска кралица Марија Антоанета, ќе се продава на аукција во Женева следната недела.
Дијамантскиот ѓердан од 300 карати е понуден на продажба од приватен азиски колекционер на 13 ноември, а неговата вредност е проценета на речиси два милиони швајцарски франци (2,1 милиони евра), објави аукциската куќа Сотби, но може да достигне и повисока цена.
Во 1780-тите, ѓерданот беше во центарот на аферата со дијамантски ѓердан, во која сиромашната благородничка, Жана де ла Моте, тврдеше дека кралицата на Франција го присвоила ѓерданот без да плати за тоа.
На судењето било утврдено дека кралицата не е виновна, но останала на лош глас поради нејзината екстраваганција, што придонело за избувнување на Француската револуција и нејзино погубување на гилотина.
„Веројатно или можно е некои од овие дијаманти да потекнуваат од познатиот дијамантски ѓердан што доведе до пропаст на Марија Антоанета“, изјави за Ројтерс во четвртокот Џесика Виндхам, шеф на продажбата на луксузен накит во аукциската куќа.
„Видовме дека благородниот накит може да предизвика огромна возбуда“, рече таа, наведувајќи го како пример приврзокот од бисер што ѝ припаѓаше на француската кралица, кој во 2018 година беше продаден многу пати повеќе од неговата првична проценка.
Дијамантите од оригиналниот ѓердан, направени во 1776 година, подоцна беа продадени одделно на црниот пазар и речиси е невозможно да се следат. Но, некои експерти веруваат дека квалитетот и староста на дијамантите укажуваат на тоа дека тие би можеле да одговараат на оригиналните.
„Мислам дека тоа е еден од највозбудливите примероци што ги поседуваме, не само поради потеклото туку и поради дизајнот“, рече Виндам.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Забава
„На кој нормален човек би му текнало да се фотографира вака?“: Ким Кардашијан на удар на критики
Ким Кардашијан се најде на удар на критики откако позираше во атрактивно издание носејќи крст околу вратот.
Таа сними реклама за новата колекција на нејзиниот бренд Skims во соработка со Dolce & Gabbana. Носеше градник и боксерки кои ги спушти надолу. Следеа бројни негативни коментари.
„Ова е навистина непримерно“, „На кој нормален човек би му текнало да се фотографира вака?“, „Ја навредувате религијата. Невкусно е“, „Зошто секогаш носи крст кога е полугола?“, се некои од нив.
Забава
Тори Спелинг објави фотографии во бикини: „Покажав друга страна од себе“
Актерката и реалити ѕвезда Тори Спелинг на својот Инстаграм профил сподели носталгични моменти од минатото. Имено, таа објави стари фотографии кои се направени во октомври 2000 година, кога позирала за насловната страница на магазинот „Stuff“.
На една од фотографиите таа носи виолетово бикини, а објави и неколку други страници од тоа издание на магазинот, на кои исто така позира во различни костими за капење.
Во описот на објавата, Тори напиша: „Сакав да покажам дека добрата девојка, позната како Дона Мартин, сепак може да биде личност која го заснова својот живот на верата, семејството, добрината, моралните вредности, силата и промисленоста, но и поседува привлечност, прифатив сопствен стил и покажав поинаква страна од себе“.
Таа, исто така, објави страница од списанието на која е вклучено и нејзиното интервју, во кое зборува за нејзината кариера, предизвикувачките улоги и за нејзината витка фигура.
Забава
Ексклузивното музичко кабаре шоу „Нина“ на 15 февруари во Скопје – Љубов, љубомора, криминал и покајание
„Животот е ништо повеќе од шаховска партија. Таа секогаш се гледаше себеси како пион, сè додека судбината не ѝ понуди шанса да ја одигра играта како кралица.“
Денот на вљубените добива нова димензија кога на 15 февруари 2025, „Македонската опера и балет“, ќе блесне во светлината на ексклузивното музичко кабаре шоу „НИНА“ – спектакуларен перформанс, што го носи духот на Бродвеј и магијата на џез ерата директно во срцето на Скопје.
Фасцинантна приказна за обична девојка, која се соочува со избор – да продолжи да игра според правилата и да се бори со тешкотиите што животот ѝ ги наметнува или да и се спротивстави на судбината и да ја земе контролата во свои раце, по секоја цена. Љубов, љубомора, криминал, покајание – сето ова и многу повеќе ќе го видите во шоуто „НИНА“.
Гледачите ќе бидат маѓепсани од неочекуваните пресврти во приказната, детективските истраги, љубовните приказни и блескавите слики од холивудскиот живот. Шоуто ќе ве транспортира во гламурозната атмосфера на Бродвеј Кабаре, со сите негови раскошни костими, извонредна музика и стилски танцови изведби.
„НИНА“ е спектакл од големи размери и извонредно импресивно шоу од секој аспект. Благодарение на напорите на меѓународен тим професионалци, создадовме двокатна сцена со внатрешни лавиринти, обложена со големи ЛЕД екрани кои емитуваат специјално изработена видео содржина. Сценографијата што ќе ја сведочат гледачите е толку реалистична што во еден момент ќе ги почувствуваат ладните ветришта од затворската ќелија, во друг ќе се најдат како гости на најгласната свадба, а во третиот ќе ја почувствуваат удобноста на едно елегантно кабаре.
Кореографијата во шоуто „НИНА“ ќе ги изненади дури и најпребирливите гледачи со своите енергични групни точки, нежни дуети и акробации. Овој спектакл е вистински празник за сетилата, кој ќе ве држи во неизвесност од првата минута и нема да ве пушти до самиот крај!