Македонија
Додека Таравари шета во светот, болниците се претворија во пекол за пациeнтите: ДУИ бара одговорност за смртта на бебињата

Демократската унија за интеграција бара одговорност од министерот за здравство и директорот на детската клиника за секојдневните смртни случаи на бебиња во болниците со кои раководат Изет Меџити и Арбен Таравари.
„Болниците се претворија во пекол за пациентите каде секојдневно умираат бебиња, додека Таравари шета низ светот и не чувствува никаква одговорност.
ВЛЕН, Изет Меџити и Арбен Таравари реагираат само кога ќе им се наруши кумството со коцкарскиот бос во земјава, нивниот најголем поддржувач“, велат од ДУИ.
Според партијата на Ахмети, секогаш кога Таравари е министер за здравство, смртта на пациентите станува секојдневна појава.
„ВМРО ДПМНЕ го нарече Арбен Таравари министер за смрт и најкорумпиран човек.
Мицковски денеска мора веднаш да ги разреши Таравари и директорот на клиниката Мемеди за да ги спаси граѓаните“, нагласуваат од оваа партија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Минчев-Дукај: Зајакнување на јавната администрација преку регионална соработка

Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, оствари билатерална средба со својот колега, министерот за јавна администрација на Црна Гора, Мараш Дукај, во Скопје. Целта на оваа средба е зајакнување на билатералната соработка помеѓу двете земји во областа на јавната администрација.
Министрите разменија визии и идеи за унапредување на реформските процеси и примена на современи методологии кои ќе придонесат кон создавање на поефикасна, транспарентна и граѓански ориентирана администрација.
„Реформата на јавната администрација не е само внатрешна обврска, туку и надворешен сигнал, дека нашите институции се подготвени за европските стандарди, за модерно управување и вистински партнерства во регионот. Токму оваа соработка е доказ за тоа, што ја потврдува нашата посветеност кон транспарентност, ефикасност и заемна поддршка на патот кон европската интеграција.“ изјави Минчев.
Во јуни годинава беше потпишан Меморандум за соработка, кој служи како цврста основа за стратешка и континуирана комуникација меѓу двете министерства, овозможувајќи заедничка реализација на проекти и иницијативи поддржани од меѓународни партнери и Европската Унија.
„Во согласност со стратешката определба за воспоставување на ефикасна, модерна и граѓански ориентирана јавна администрација, ја препознавме важноста на регионалната соработка и размената на најдобри практики во оваа област. Потпишувањето на Меморандумот претставува значаен чекор кон зајакнување на институционалните капацитети и унапредување на партнерските односи“ додаде Дукај.
Министерството за јавна администрација, како што нагласуваат од таму, останува посветено на унапредување на меѓународната соработка и градење на партнерства кои придонесуваат за професионални и поефикасни институции.
Македонија
Димовска-Вал: Соработката е клуч за успех на реформите

Денеска, генералната секретарка на Собранието на Република Северна Македонија, Марина Димовска оствари средба со амбасадорот на ОБСЕ, Килиан Вал.
На средбата Димовска го запозна амбасадорот Вал со тековните процеси на кои активно работи собраниската служба, осврнувајќи се на неодамна донесениот Правилник за внатрешна организација на Службата на Собранието на Република Северна Македонија и изработената Функционална анализа, со која се унапреди ефикасноста на собраниската служба, како и на резултатите од донесениот Етички кодекс на службата на Собранието и работата на Етичкиот комитет и Повереникот за етика. Генералната секретарка го нагласи донесувањето на Акцискиот план за унапредување на рамноправноста меѓу жените и мажите на Собранието на Република Северна Македонија 2025-2027 и искажа благодарност за целокупната поддршка на Канцеларијата на ОБСЕ за проектите кои се реализираат во Собранието во рамки на овој План и искажа надеж дека поддршката ќе продолжи и во иднина.
Амбасадорот Вал истакна дека особено е значајно што поддршката од ОБСЕ е отелотворена преку конкретни резултати кои ги унапредуваат капацитетите на службата на Собранието. Вал потврди дека поддршката и соработката ќе продолжат во сите сфери од интерес, врз темелите на веќе реализираните проекти. Искажа и почитување за тоа што во Работна група надлежна за следење на реализацијата на активностите предвидени со Акцискиот план вклучува и претставник од ОБСЕ, како претставник на развојните партнери на Собранието.
Соговорниците се согласија дека непосредната, директна и постојана комуникација меѓу Собранието и развојните партнери е особено важна за успешна реализација на реформите за унапредување на работата на Собранието.
Македонија
Судот го одложи судењето, Штекли добил епилептичен напад

Судењето за случајот „Штекли“, во кој повеќе лица се обвинети за организирана продажба на дрога, е одложено за 9 октомври. Одлагањето следува по епилептичен напад на првообвинетиот Раде Трајковски – Штекли, пред почетокот на рочиштето. По укажана лекарска помош, тој одбил да прими терапија.
Судијата Илија Трпков ја донесе одлуката за одложување, истакнувајќи дека ќе се почитуваат правата и здравствената состојба на обвинетите, но и дека секој обид за одолговлекување ќе биде санкциониран.
Адвокатот на Штекли, Сашко Дуковски, пред судот изјави дека епилептичен напад на лице со дијагностицирана епилепсија не може да се третира како нарушување на редот во судницата. Тој посочи дека обвинетиот ниту еднаш не го нарушил редот на расправата и дека нападот се случил непосредно пред почетокот на главното рочиште. Дуковски додаде дека одбраната нема интерес да го одолговлекува процесот. Додаде дека обвинетиот вчера бил прегледан и дадена му е терапија од психијатар, со оглед на суицидални идеи.
Во предметот обвинети се вкупно 10 лица, за организирана продажба на кокаин и марихуана, по речиси едногодишна истрага.