Економија
Се очекува забавување на инфлацијата и во следните години: НБРМ ги презентира макроекономските проекции
Просечната инфлацијата годинава значително ќе забави и од 9,4% минатата година ќе се сведе на 3,5%, а трендот на намалување ќе биде карактеристичен и за следните години, додека економскиот раст постепено ќе забрзува, при претежно стабилна платнобилансна позиција, посочи гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска, која ги претстави најновите макроекономски проекции на Народната банка за периодот 2024 ‒ 2027 година пред дипломатскиот кор и пред претставниците на меѓународните институции. На настанот, којшто се организира редовно, по секој нов циклус макроекономски проекции на Народната банка, присуствуваа претставници на Светската банка (СБ), Делегацијата на ЕУ (ДЕУ), Обединетите нации (ОН), како и на дипломатските претставништва на Албанија, Бугарија, Германија, Грција, Италија, Казахстан, Кина, САД, Словачка, Словенија, Турција, Унгарија, Холандија, Швајцарија, Шведска.
Во презентацијата беше наведено дека благодарение на надолното приспособување на инфлацијата и поволниот девизен пазар, Народната банка почна претпазливо да ја нормализира поставеноста на монетарната политика. Се очекува дека инфлацијата и натаму ќе се стабилизира и во просек ќе изнесува 3,5% и 2,5% во 2024 година и 2025 година, соодветно. На среден рок се оценува дека таа ќе се врати на историскиот просек од 2%. И покрај значителното забавување на инфлацијата, и понатаму постојат неизвесности, главно поврзани со цените на примарните производи на светските пазари, но и со домашните политики коишто влијаат на агрегатната побарувачка. Оттаму, потребна е внимателност во овој домен и во иднина. Во рамките на есенскиот циклус проекции се предвидува умерено забрзување на растот на економијата, односно закрепнување на економската активност од 2,3% и 3,3% во 2024 година и 2025 година, соодветно, но побавно во споредба со априлските проекции. Економијата ќе биде поддржана и од кредитната активност, чијшто просечен раст би се движел над 7%, поддржан од натамошното проширување на депозитната база и стабилниот банкарски систем.
Очекувањата за надворешната позиција на економијата, како клучен сегмент во услови на стратегија на стабилен девизен курс, упатуваат на поволна и претежно стабилна позиција на тековната сметка на платниот биланс на среден рок. Во целиот период на проекцијата се очекуваат солидни нето-приливи во финансиската сметка, поддржани од директните инвестиции и задолжувањето на државата, со што девизните резерви и натаму ќе растат и ќе се задржат на ниво коешто е соодветно за задржување на стабилноста на домашната валута.
Народната банка внимателно, на дневна основа, ќе ги следи макроекономските податоци и ризиците коишто сѐ уште постојат и како и досега и ќе ги презема сите неопходни мерки, користејќи ги сите расположливи инструменти, заради задржување на стабилноста на девизниот курс и стабилизирање на инфлацијата на среден рок.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
За една година поскапеа и кафаните: угостителските услуги зголемени за 3,5 проценти
Цените на угостителските услуги во декември 2025 година се зголемени за 3,5 проценти во споредба со истиот месец лани, покажуваат податоците на Државен завод за статистика.
На годишно ниво, односно во периодот јануари – декември 2025 година во однос на истиот период од 2024 година, угостителските услуги се поскапени за 4,8 проценти.
Истовремено, статистиката покажува дека во декември нема промени во однос на претходниот месец. Цените на угостителските услуги останале на исто ниво како и во ноември 2025 година.

Фото: unsplash
Економија
МФ: Пласирани над 224 милиони евра за поддршка на инвестиции кон компаниите, исплатена нова транша од Буџетот кон Развојната банка
Министерството за финансии од Буџетот изврши исплата нова транша во вредност од 424,9 милиони денари или 6,9 милиони евра кон Развојната банка за поддршка на домашните компании.
Со исплатата на оваа транша вкупната поддршка на државата кон домашната економија изнесува 13,8 милјарди денари или 224,3 милиони евра од вкупно планираните 250 милиони евра за поддршка на домашните компании, велат од Министерството за финансии.
„Владата ги обезбеди овие средства преку кредитна линија од Унгарската експорт-импорт банка со цел поддршка на домашната економија. Поддршката се состои од пласман на средства по поволни услови за компаниите во насока на реализација на приватните инвестиции, со што тие ќе обезбедат сопствен развој и поттикнување на економскиот раст. Средствата се пласираат до крајните корисници преку деловните банки, каматната стапка е 1,95% годишно, рокот на отплата е до 15 години и грејс период до 3 години.
Вкупниот буџет за поддршка на домашните компании предвидени во Буџетот изнесува 250 милиони евра, а вредноста на инвестицискиот циклус се проценува на околу 300 милиони евра“, се додава во соопштението на Министерството за финансии.
Економија
Мицкоски најави построги казни за супермаркетите што го кршат законот: „Ако така продолжат, ќе мора да стават клуч на врата“
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека годишната инфлација ќе се движи околу четири проценти, најавувајќи засилени инспекциски контроли и законски измени со значително повисоки казни за трговските ланци што ги прекршуваат правилата за нефер трговски практики.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски изјави дека ваквите проекции за инфлацијата се присутни веќе со месеци и дека Владата активно делува преку зачестени контроли на инспекциските служби.
„Ќе предложиме законски измени со многу поголеми казни за сите ланци на супермаркети коишто го изигруваат законот за нефер трговски практики. За некои од ланците веќе имаме докази и мислам дека ако така продолжат, ќе мора клуч да стават на врата“, изјави премиерот.

