Македонија
Дурмиши – Рокас: Спроведување на реформите во економијата е приоритет на патот кон членството во ЕУ

Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши денеска оствари состанок со новиот амбасадор на Европската унија во државава Михалис Рокас.
Дурмиши му посака добредојде на евроамбасадорот Рокас и успешен мандат.
„Соработката со Европската унија и спроведувањето на економските реформи се едни од најважните приоритети на Министерството за економија и труд“, истакна Дурмиши на состанокот и додаде дека како министер ќе биде целосно ангажиран во спроведување на надлежностите во делот на Реформаската агенда.
Основната цел на Реформската агенда е засилено спроведување на реформите преку забрзување на усогласувањето на нашиот јавен сектор со вредностите, законите, правилата, стандардите, политиките и практиките на јавниот сектор на Унијата, обезбедување негово транспарентно управување, развој на конкурентна и зелена економија и поддршка на процесот на пристапување.
Двајцата соговорници разговараа дека овие средби се од суштинско значење за зајакнување на нашата соработка и потикнување на реформи кои ни помагаат да ги исполниме стандардите и очекувањата на ЕУ.
Министерот на средбата потенцираше дека дека ЕУ е наш значаен партнер и се заблагодари за континуираната поддршка на ЕУ кон земјата и изрази надеж дека таа ќе продолжи и во иднина, во насока на остварување на нашата цел – целосна интеграција во ЕУ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Собранието ќе формира комисија за избор на нов претседател на антикорупциската

Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата во 12 часот ќе одржи седница на која се очекува да ја формира Комисијата за селекција на кандидати за нов претседател на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК).
Процесот следи откако на 5 август беше распишан јавен оглас, со рок за пријавување од 10 дена. Оваа постапка се спроведува по оставката на претходната претседателка Татјана Димитровска, која е обвинета за оддавање службена тајна и компјутерски фалсификат.
Според Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, до изборот на нов претседател, функцијата ја врши заменик-претседателот на ДКСК. Новиот претседател мора да има најмалку десет години работно искуство, од кои осум во областа на борбата против корупцијата, владеењето на правото или добро управување.
Македонија
Свечена седница по повод 24 години од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор

Во Владата ќе се одржи одбележување на 24 години од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор.
По тој повод со почеток во 10:00 часот во Свечената сала во Владата на Република Северна Македонија ќе се одржи свечена седница на која ќе се обрати премиерот Христијан Мицкоски.
Настанот ќе биде пренесуван во живо на „Фејсбук“ и „Јутуб“ каналот на Владата.
Охридскиот рамковен договор беше потпишан на 13 август 2001 година помеѓу претставниците на тогашните најголеми политички партии и специјални претставници на ЕУ и на САД.
Македонија
Сончево и многу топло со мала локална облачност: максималната температура до 39 степени

Времето денеска ќе биде сончево и многу топло со мала локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 13 до 21, а максималната ќе достигне од 32 до 39 степени.
Во Скопје сончево и многу топло со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 19, а максималната ќе достигне до 38 степени.
Времето во наредните денови
Ќе се задржи сончево и топло време со умерена облачност преку денот. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од југоисточен правец.