Свет
Руски дрон удрил во резиденцијата на естонската амбасадорка во Киев
Резиденцијата на естонската амбасадорка во Украина, Енели Колк, е оштетена во напад со дрон на Киев рано утринава.
Зградата не е уништена, Колк не е повредена и може да продолжи да престојува во таа зграда, пренесува естонскиот јавен сервис „ЕРР“. Нападот почнал во четвртокот вечерта и траел осум часа, а амбасадорката и нејзиниот партнер биле во засолништето.
„Во еден момент се чинеше дека опасноста помина и ние се вративме во својот стан на последниот кат. Но, сепак, беспилотните летала продолжија да летаат и напаѓаат, а беше погодена и нашата зграда“, рече Колк.
Таа изјавила дека дронот удрил во зградата во 5:30 часот, но дека нема жртви бидејќи немало никој на последниот кат.
„Штетата е ограничена на надворешната фасада и покривот на зградата. Целиот горен кат беше погоден, но за среќа сите останаа неповредени“, додаде естонската амбасадорка. Естонскиот министер за надворешни работи Магнус Кана изјави дека руско беспилотно летало ја погодило куќата во која живее естонскиот амбасадор во Киев и рече дека на Украина и треба повеќе воздушна одбрана.
„Никој не е безбеден во Украина додека Русија не престане со својата агресија. На Украина и треба повеќе воздушна одбрана за да ги заштити своите граѓани.
Не треба да се навикнуваме на ова“, изјави шефот на естонската дипломатија на платформата Икс. Синоќа и утринава на приодите кон Киев беа соборени повеќе од 30 руски беспилотни летала, а оштетени се згради во шест квартови на градот, јавуваат украинските медиуми, пренесува Танјуг.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Околу 130.000 домаќинства и компании во Сан Франциско останаа без струја
Околу 130.000 домаќинства и компании во американскиот град Сан Франциско вчера останаа без електрична енергија. Напојувањето со електрична енергија постепено се стабилизира и сега речиси 20.000 потрошувачи се без струја.
Електрична енергија немаше во северниот дел од градот, поради што беа затворени голем број продавници и ресторани, а нарушен беше и градскиот транспорт.
Компанијата „Пацифик гас енд електрик“ ((Pacific Gas and Electric, PG&E), соопшти дека се истражува причината за масовниот прекин на електричната енергија, додавајќи оти се стабилизира електричната мрежа и не се очекуваат нови прекини.
Според противпожарната служба, дел од прекините беа предизвикани од пожар што избувна во потстаница на ПГ&Е.
Свет
Зеленски бара уште една средба со европските сојузници
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски денеска изјави дека поддржува да се одржи нова средба со европските сојузници по состанокот на украинската делегација и американските претставници во Мајами, Флорида.
Постои општо чувство дека по работата на нашиот дипломатски тим во САД, сега треба да одржиме консултации со европските партнери во поширок формат, објави Зеленски на платформата Икс, по телефонскиот разговор со норвешкиот премиер Јонас Гар Сторе.
Зеленски разговорите во Мајами ги опиша како конструктивни и оти е забележан брз напредок.
Тој обвини дека Русија не сака да ја заврши војната и за една недела руските сили употребиле речиси 1.300 борбени дронови, околу 1.200 бомби и девет крстосувачки и други ракети врз Украина.
Свет
По повеќе од 400 години данската пошта прекинува со достава на писма
Данската пошта денеска соопшти дека на 30 декември ќе ја изврши последната достава на писма, со што се завршува традицијата долга повеќе од 400 години, која датира уште од 1624 година.
Причината за потегот е тоа што во текот на последните 25 години испраќањето писма драстично опадна – за повеќе од 90 отсто.
„PostNord“, компанијата која настана со спојување на шведската и данската пошта во 2009 година, претходно соопшти дека ќе укине 1.500 работни места во Данска и ќе отстрани 1.500 поштенски сандачиња, со оглед на тоа што побарувачката за писма драстично опадна, додека онлајн купувањето продолжува да расте. Оваа компанија, која и понатаму ќе доставува писма во Шведска, нагласи дека во Данска на нејзино место доставата ќе ја преземе компанијата „Dao“, која веќе врши достава на писма и која планира да ги прошири своите услуги од 1 јануари.
Меѓутоа, истражувањата покажуваат дека меѓу младите доаѓа до повторен пораст на пишувањето писма. Истражувањето на „Dao“ покажа дека лицата на возраст меѓу 18 и 34 години испраќаат два до трипати повеќе писма отколку другите возрасни групи, а истражувачот на трендови Мадс Арлиен-Соборг верува дека младите се свртуваат кон пишувањето писма како „противтежа на дигиталната преоптовареност“.
Според данскиот закон, мора да постои можност за испраќање писма, што значи дека доколку „Dao“ одлучи да ја прекине доставата, владата би била обврзана да именува друга компанија за таа задача.
Законот за дигитален идентитет, „MitID“, се користи за сè – од онлајн банкарство до закажување прегледи кај доктор, а поголемиот дел од официјалните комуникации се испраќаат преку дигитална пошта наместо со обична пошта.
Денес 97 отсто од данската популација постара од 15 години е регистрирана во „MitID“, додека само пет отсто одлучиле да се откажат од дигиталната пошта.
– Бевме данска пошта 400 години и затоа ова е тешка одлука, но Данска стана сè подигитална, што значи дека денес речиси и да нема писма. Со оглед на падот на побарувачката, пазарот на писма повеќе не е профитабилен, изјави заменикот извршен директор на „ПостНорд Данска“, Ким Петерсен.

