Македонија
Меџити со апел до општините: Аплицирајте со проекти, уште 50 милиони евра на располагање
Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, денеска заедно со премиерот Христијан Мицковски и директорот на Европската инвестициска банка, Габриел Бјорн, одржаа информативна средба со 58 градоначалници, кои беа информирани за финансискиот договор во износ од 50 милиони евра, средства обезбедени преку Европската инвестициска банка (ЕИБ), а кои ги доделува Владата преку Министерството за животна средина и просторно планирање.
Меџити рече дека средбата била во насока на зајакнување и подобрување на ефикасноста и координацијата во користењето на средствата наменети за „Подобрување на водната инфраструктура на општините во Северна Македонија“, обезбедени од Европската инвестициска банка и Владата на Република Северна Македонија, и кои ќе се доделуваат преку Министерството за животна средина и просторно планирање, како неповратни средства на општините.
„Со доплонителните 50 милиони евра правиме, уште еден чекор напред за зајакнување и подобрување на условите за живот на сите граѓани на нашата држава, без исклучок. Како што направивме и минатиот пат, со 100-те милиони евра, не се залагаме истите да одат во одредени општини, туку да се распределат за сите локални самоуправи”, рече Меџити, додавајќи дека досега средствата не се искористени и не се распределувале меѓу општините, но процесот е веќе започнат и откако оваа Влада стапи на функција, постигната е реализација на 15 отсто од вредноста на средствата. Тоа ни овозможи да ги започнеме процедурите за реализација на овие грант средства со интензивна реализација на општинските проекти.
Средствата, како што информира Меџити, Република Северна Македонија ги враќа од централниот буџет, а истите ќе се распределуваат според методологија и се неповратни дотации од Владата до општините.
„Проектите за водна инфраструктура во општините кои се финансирани од Европската инвестициска банка се однесуваат на водоснабдителните системи, фекална и атмосферска канализација, вода за пиење и третман на отпадни води, како и заштита од поплави“, изјави првиот вицепремиер Меџити пред медиумите.
Меџити рече дека тимот на Министерството за животна средина и просторно планирање и Проектната единица за реализација работат и на контрола на проектната документација испратена од општините, како и на изработка на документацијата за набавка за реализација на проектите.
До сега се одобрени вкупно 9 проекти со вкупна вредност од 7,33 милиони евра, одобрени од Европската инвестициска банка, од кои ЕИБ финансира 6,56 милиони евра.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

