Македонија
Лимани од Самитот во Турција: Внесувањето на родовата перспектива во креирањето на вештачката интелигенција има големо значење во градењето на еднакво општество за сите
Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани во рамки на работната посета на Република Турција, денеска учествуваше на шестиот Меѓународен самит за жените и правдата, кој оваа година е со тематски наслов – Жените во ерата на вештачката интелигенција (ВИ): Растечки предизвици и зголемени можности.
Самитот беше на највисоко ниво, со присуство на Претседателот на Република Турција, Таип Реџеп Ердоган, првата дама на оваа земја, Емине Ердоган, Министерката за семејство и социјални услуги, Махинур Оздемир Ѓокташ, учествуваа министри од повеќе земји и претставници на Здружението жени и демократија (KADEM).
Домаќин на настанот беше Министерството за семејство и социјални услуги со поддршка на Здружението жени и демократија (KADEM).
За време на панел дискусијата министерот Лимани се осврна на неколку клучни работи. А тоа е дека, Република Северна Македонија сериозно работи на подготовките за влез во Европската Унија приближувајќи ги своите институции и законодавство кон нејзините стандарди. Како и дека особено внимание му се посветува на корпусот прашања за човековите права и слободи како и еднаквите можности за секој граѓанин.
„Владата на Република Северна Македонија насочено работи и на полето на родовата рамноправност свесна дека вистинската демократизација на земјата не е можна без целосно и непречено вклучување на мажите и жените во сите општествени текови. Треба да вложиме повеќе напори во отстранување на пречките за жените и девојките за еднаков пристап до правдата, како што се културните бариери, стравот и недовербата во судскиот систем или дискриминаторските ставови и сексистичкото однесување во правосудниот систем,“ порача Лимани.
Тој се осврна на неодамнешниот извештај за имплементацијата на Препораката од 2019 година на Советот на Европа кој покажа дека и покрај одреден напредок, треба да ги интензивираме нашите напори на многу нивоа како што се образованието, (дигиталните) медиуми, културата, академската и професионалната ориентација со цел да се бориме против сексизмот и да прекинеме со родови стереотипи.
Во насока на имплементација на прифатените и ратификувани документи за родова еднаквост и човекови права, министерот Лимани истакна дека државата ќе работи на внесување на родовата перспектива во креирањето на вештачката интелигенција.
„Во технолошката индустрија во Северна Македонија, жените сеуште се соочуваат со родов јаз во однос на вработување напредок и видливост а вештачката интелигенција овие прашања може да бидат уште понагласени поради комплексноста на самата област. Затоа е потребно преку соработка со релевантни институции во државата и регионот да ги преземеме позитивните пракси преку реализација на вакви и слични настани,“ посочи Лимани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сали во Брисел: Билатералните прашања не смеат да го кочат европскиот пат на земјата
Во рамките на официјалната посета на Брисел, Првиот заменик-претседател и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со европратеникот Матеј Тонин (EPP) во Европскиот парламент.
За време на средбата се дискутираше за напредокот на Северна Македонија во процесот на евроинтеграции и за спроведувањето на клучните реформи, вклучувајќи го владеењето на правото, јавната администрација и правата на заедниците. Истакната е важноста билатералните прашања да не го попречуваат напредокот на земјата кон ЕУ.
Исто така, беше оценет постигнатиот напредок во Планот за раст и дигитализацијата на услугите, вклучително и проектот WiFi4WB и приклучувањето во SEPA, како и соработката со Претседателството на Кипар и европските партнери за решавање на предизвиците со транспортерите по воведувањето на Системот Entry/Exit.
Првиот заменик-претседател Сали повторно ја потврди посветеноста на Северна Македонија кон европскиот пат и подготвеноста за натамошно унапредување на секоја реформа со европските партнери.
Македонија
Во наредните денови дожд, на планините снег – температурите растат
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб ветер, а долж Повардарието умерен ветер од југоисточен правец. Минималните температури ќе се движат од -4 до 3 степени, додека максималните ќе достигнат од 6 до 11 степени.
Во Скопје се очекува променливо облачно време со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1 степен, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во наредните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини и од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер, а во среда повремено засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.
Македонија
Сиљановска-Давкова на Светскиот самит на лауреати: Во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи
Промената во светот бара промена во образованието, гледање на реалноста низ очите на новите генерации, рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во своето обраќање на Светскиот самит на лауреати, што денеска се одржува во Дубаи, во пресрет на Светскиот самит на владите.
На еминентниот собир, на којшто учествуваат околу 150 врвни научници, вклучувајќи Нобеловци и лидери на истражувачки институции од целиот свет, Сиљановска-Давкова посочи дека во време на подем на вештачката интелигенција, образованието повеќе не е еднонасочна улица на пренесување и помнење на факти и посочи на потребата фокусот на образованието да се префрли на критичко и креативно размислување.
„Вештачката интелигенција е дел од новиот модел на образование. Таа не може и не треба да биде забранета. Сепак, тоа треба да се регулира, бидејќи носи бројни ризици, меѓу коишто е зависноста“, рече претседателката.
Според неа, образованието мора да почне да се фокусира на менталната стабилност, емоционалната интелигенција и етичкото и моралното расудување, што ѝ недостасува на вештачката интелигенција.
„Ни треба глобален консензус дека вештачката интелигенција во образованието и во секојдневниот живот мора да биде транспарентна, фер и водена од човекот. Вештачката интелигенција мора да биде алатка, а не господар“, рече Сиљановска-Давкова.
Претседателката смета дека промена на парадигмата е потребна и во македонскиот образовен систем.
„Верувам дека во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи. Имаме луѓе со одлични идеи. Имаме хемичари и физичари кои се меѓу првите 2% од најцитираните научници на глобално ниво. Имаме жени во STEM кои ги надминуваат регионалните и европските нивоа. Имаме талент и потенцијал, но не можеме да го направиме тоа сами. Ни треба вашата поддршка, идеи, а најважно од сè, вашиот совет. Македонската академија на науките и уметностите, нашите универзитети и факултети се отворени за соработка во истражувачки и развојни проекти од коишто сите би можеле да имаме корист“, рече претседателката на самитот.

