Македонија
Финансиска полиција со кривични пријави против екс министер и двајца вработени во Земјоделство

Финансиска полиција со кривични пријави против три лица во Министерството за земјоделство.
Првопријавениот, вработен во Министерството, согласно Решение, несовесно постапувал при вршење на своите овластувања, на начин што во текот на 2021 и 2022 година не изготвил записник за одземање на владението на правниот субјект ДЗС Илинден АД Скопје, иако уредно му била доставена Изјава за раскинување на договорот за закуп на акционерското друштво.
Второпријавената, вработена во Министерството, Изјавата за раскинување на договорот за закуп на правниот субјект ДЗС Илинден АД Скопје не ја доставила до надлежните служби на МЗШВ-Гази Баба за истата да биде евидентирана во ФАРМ системот и правниот субјект ДЗС Илинден АД Скопје да биде избришан од Единствениот регистар на земјоделски стопанства.
Третопријавениот, функционер во Министерството за земјоделство, во период од јануари 2022 до ноември 2023 година ги повредил законските прописи за совесно постапување при вршењето на своите овластувања со пропуштање на должен надзор над комисијата за одземање на владение врз основа на престанок на склучени договори за закуп, формирана од страна на министерот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Зоран Божиновски исклучен од ЗНМ за „сериозни етички повреди и родово базирано вознемирување“

Управниот одбор на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), постапувајќи по предлог на Советот на честа при ЗНМ, донесе одлука за исклучување на Зоран Божиновски од членството на ЗНМ поради прекршувања на повеќе членови на Етичкиот кодекс на новинарите.
„Одлуката е донесена поради тешки и повторливи повреди на Етичкиот кодекс – преку серии неодамнешни објави што поттикнуваат родово базирано вознемирување кон новинарки и го нарушуваат угледот и приватноста. Освен ова, овие објави иницираат малициозни коментари со што се поттикнуваат и охрабруваат други лица да шират говор на омраза и закани, а на тој начин се создава непријателска средина и се зголемува ризикот по безбедноста на новинарките“, велат од ЗНМ.
„Советот на честа при ЗНМ, следејќи го Статутот и Правилникот за работа, по разгледување на пет доставени претставки до ЗНМ од страна на новинарките Жана Божиновска, а во име на Мирослава Симоновска, потоа од Јована Костадиновска, Анета Андонова, Сашка Цветковска и Мери Попова, одлучи дека Зоран Божиновски грубо ги прекршил член 10, член 15 и член 16 од Кодексот на новинарите. Врз основа на тоа, Советот даде предлог за исклучување, кој беше прифатен од Управниот одбор на ЗНМ.
Зошто е донесена оваа одлука? ЗНМ има обврска да ги штити професионалните стандарди и безбедноста на своите членови. Нормализирањето на вознемирувањето и јавните понижувања – особено кога се насочени кон жени – директно ја поткопува слободата на изразување, ја нарушува довербата во медиумите и ги обесхрабрува новинарките да бидат гласни и присутни во јавната сфера.
Кои се последиците ако ова не се третира соодветно? Игнорирањето на ваквите појави води кон зголемена неказнивост, ескалација на онлајн и офлајн напади, самоцензура и системско потиснување на женските гласови во медиумите, што е штетно за јавниот интерес и демократскиот дискурс. ЗНМ потсетува дека согласно измените на Кривичниот законик од 2023 година, загрозувањето на сигурноста на медиумските работници претставува кривично дело, за кое веќе постои и судска пракса.
Укажуваме дека секој член на ЗНМ при зачленување потпишува изјава дека ќе ги почитува одредбите на Етичкиот кодекс. Согласно член 20 од Статутот, член против кого се поднесени и прифатени претставки за сериозни прекршувања на Кодексот може да биде исклучен од здружението, а со тоа да ги изгуби бенефитите од членството – правна помош и застапување, право на добивање и користење новинарска легитимација (национална и меѓународна, согласно правилата), учество во органите и програмите на ЗНМ, пристап до обуки, мрежи и други членски услуги.
ЗНМ, како најстара професионална организација на новинари во земјата со 79-годишна традиција, останува на страната на професионалното новинарство и на сите новинар(к)и кои со интегритет и одговорност ја вршат својата работа во интерес на јавноста“, се додава во соопштението на ЗНМ.
Македонија
В недела посебен режим на сообраќај во Скопје поради одржување на „Скопскиот маратон 2025“

На 05. октомври, недела, со почеток во 08:00 часот, ќе се одржи „Скопскиот Маратон 2025“ со следните траси на движење: траса на движење на трката од 5км – Старт на ул.„11-ти Октомври“ (кај зелен пазар), право по ул.„11-ти Октомври“, лево по бул.„Крушевска Република“, десно по бул.„3-та Македонска Бригада“, полукружно на крстосница помеѓу бул.„3-та Македонска Бригада“ и ул.„Васко Карангелевски“ и по истата траса назад до целта – Плоштад „Македонија“ на ул.„11-ти Октомври“ и траса на движење на маратонот, полумаратонот и штафетната трка (по наведената траса за штафетната трка и маратонот натпреварувачите се движат 2 пати) – Старт Собрание на РСМ на ул.„11-ти Октомври“, право кон „Рекорд“ односно по ул.„Димитрие Чуповски“, право по ул.„Митрополит Теодосиј Гологанов“, право по ул.„Војвода Васил Чакаларов“, се до крстосница со ул.„Ангел Динев“ каде се врти полукружно назад по истата траса се до Собрание на РСМ на ул.„11-ти Октомври“ и се продолжува право по ул.„11-ти Октомври“, лево по бул.„Крушевска Република“, десно по бул.„3-та Македонска Бригада“, лево по ул.„Васко Карангелевски“, десно по бул.„Јане Сандански“ се до крстосница со бул.„Србија“ каде се врти полукружно и во истата коловозна лента назад по бул.„Јане Сандански“ се до крстосница со бул.„Кузман Јосифовски Питу“ каде се врти полукружно назад во истата коловозна лента до крстосница со ул.„Васко Карангелевски“, десно по ул.„Васко Карангелевски“, десно по бул.„3-та Македонска Бригада“, лево по бул.„Крушевска Република“, десно по ул.„11-ти Октомври“ до целта- Плоштад Македонија.
Од тие причини Единица за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќај, при што сообраќајот ќе се пренасочува по околните сообраќајници.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците каде ќе се одвива настанот.
Македонија
Божиновска: Вратите на Министерството се отворени за студентите – потпишан Меморандум со Машинскиот факултет

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, потпиша Меморандум за соработка со Машинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, со цел зајакнување на врските меѓу институциите, отворање на нови можности за студентите и унапредување на практичната настава. Документот го потпишаа министерката Божиновска и деканот на Факултетот, проф. д-р Златко Петрески.
Со овој Меморандум се создаваат услови за студентски пракси во Министерството, заедничко учество во проекти, како и организирање на работилници, обуки и конференции. Дополнително, документот отвора пат за долгорочна соработка во областа на енергетиката, машинството и иновациите, како и поголема вклученост на студентите во процесите кои ја обликуваат иднината на енергетскиот сектор.
„Нашата заедничка цел е младите инженери да добијат што повеќе реални искуства уште за време на студиите. Вратите на Министерството се отворени за нив – преку пракси, проекти и дијалог сакаме да создадеме генерации кои ќе бидат подготвени да одговорат на предизвиците на енергетската иднина“, истакна министерката Божиновска.
Деканот на Машинскиот факултет, проф. д-р Златко Петрески, ја нагласи важноста на ваквиот чекор, посочувајќи дека ова е силен импулс за факултетот и за студентите, кои сега ќе имаат повеќе можности за практична надградба на знаењата.
По повод почетокот на академската година, на Машинскиот факултет беше одржан и мини академски час, на кој министерката Божиновска имаше прилика да се сретне и разговара со студентите. Студентите изложија кои се нивните очекувања од студиите, што би сакале да се подобри во практичниот дел на наставата и на кој начин институциите можат да им помогнат за полесно да се вклучат во реалниот пазар на трудот. Студентите отворено споделија идеи и предлози, а министерката ја нагласи подготвеноста на Министерството активно да им овозможи повеќе практични можности, стажирања и учество во проекти. Таа ги охрабри да бидат активни и да го користат секој простор што им се нуди за практично знаење, но и да ги изнесат своите идеи и очекувања.
„Вашиот глас е важен – вие сте идните двигатели на енергетскиот и индустрискиот развој, а наша задача е да ви дадеме простор да растете и да создавате“, порача Божиновска.
Министерката Божиновска изрази посебно задоволство од фактот што на Машинскиот факултет сè поголем број девојки ја гледаат својата иднина и избираат инженерски насоки. Таа нагласи дека токму ваквите примери се доказ дека стереотипите во образованието и професиите се надминуваат, а младите жени се сè поактивни во областа на технологијата и енергетиката. „Посебно ме радува што сè повеќе девојки одлучуваат да станат дел од машинството и енергетиката – тоа е силен сигнал дека иднината е во рацете на нови генерации кои ќе внесат свежа енергија и еднакви перспективи“, истакна министерката.
Со овој Меморандум, Министерството и Машинскиот факултет отвораат ново поглавје во заедничката соработка, кое треба да резултира со силна поддршка на образованието, иновациите и одржливиот развој во земјата.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини доследно ја гради својата соработка со академската заедница, бидејќи токму вложувањето во младите кадри е најважна и само со ваков ангажман можеме да ги задржиме младите инженери во земјата и да ја изградиме новата генерација експерти што ќе ја движи енергетиката напред.
Освен меморандум со Машинскиот факултет, Министерството веќе има воспоставено партнерство и со Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ), Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), како и со Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Преку овие соработки се создаваат услови студентите да добијат повеќе практични знаења, можности за истражувања и директно вклучување во развојни проекти.