Македонија
(Видео) Петрушевски: Клиниката за очни болести оштетена за 3.9 милиони од раководството од СДС и ДУИ

ДЗР констатирал нерегуларности во финансиското работење и на Клиниката за очни болести во време на СДС и ДУИ, кажа денеска на прес-конференција Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
„Според ревизијата на ДЗР на Клиниката за 2022 година, по основ на неуплатена партиципација за лекување буџетот на истата е оштетен за 3.9 милиони денари. 3.9 милиони денари се пари кои требале да легнат на сметката на Клиниката за очни болести по основ на партиципација за лекување. По детален увид во документацијата на Клиниката од ДЗР се констатирало дека за 2.4 милиони денари со задоцнување се доставени потврди за ослободување од партиципација, но за истите не е доставена поткрепувачка документација. Раководството на СДС и ДУИ на Клиниката за очни болести работело надвор од законските процедури, оштетувајќи ја Клиниката. Ако знаеме дека за период од една година, за која е правена Ревизијата буџетот на Клиниката е оштетен за 3.9 милиони денари, тогаш што е направено за 7 години колку што СДС и ДУИ раководеле со истата?“, рече Петрушевски.
Тој го повика Јавното обвинителство да отвори постапки.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Посебен сообраќаен режим утре во Скопје

Од утре петок до сабота, во официјална посета на Р.С.Македонија ќе присуствува претседателот на Владата на Република Србија, Ѓуро Мацут.
Од тие причини Едницата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќај на подрачјето на град Скопје.
МВР апелира до граѓаните да се почитуваат наредбите што ќе ги даваат униформираните полициски службеници.
Македонија
Судијата за врски на Франција за балканскиот регион во посета на Јавното обвинителство

Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Љупчо Коцевски денеска се сретна со францускиот амбасадор Кристоф Ле Риголер, на средба за претставување на новоназначениот судија за врски на Република Франција за регионот Сирил Лакомб.
Тој е еден од вкупно 20 судии за врски на Франција во светот, а од државниот обвинител Коцевски се информираше директно за состојбите во обвинителството. Притоа, судијата за врски Лакомб понуди поддршка со оперативна и техничка помош, но и експертиза преку француските правосудни органи.
Бидејќи и самиот бил јавен обвинител и лице за врски на Република Франција со Европравда, Лакомб се интересираше и за постапката за делегирање на обвинителот за врски на Република Северна Македонија во оваа меѓународна институција.
Јавниот обвинител Коцевски, од своја страна, изрази благодарност за континуираната француска поддршка за работата на Јавното обвинителство.
Македонија
Камион излета од магистралниот пат Деве Баир – Крива Паланка, сообраќајот во прекин

Од 17:10 часот магистралниот пат Деве Баир – Крива Паланка кај место викано Самоков е во прекин за сите возила во двата правци поради собраќајна незгода. Товарно моторно возило излетало од патот и на самиот пат има расврлани метални предмети кои ги превезувало, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.