Македонија
Васиќ-Бозаџиева: Потребни се законски интервенции за Уставниот суд да може да укинува пресуди од редовното судство

Судијката на Уставниот суд, м-р Татјана Васиќ Бозаџиева се обрати на Панелот за „Правно советување за современи теми ‘одлуки на Уставниот суд vis – a – vis одлуки од редовно судство” на Годишната меѓународна конференција со која се одбележаа 73 години од основањето на Правниот факултет „Јустинијан Први”- Скопје. Во своето излагање истакна дека дебатата за надлежноста на уставните судови да укинуваат/поништуваат неуставни одлуки на редовните судови е клучна и контроверзна во уставното право поради фактот што се отвораат прашања за балансирање меѓу заштитата на уставните права и зачувувањето на независноста на редовното судство.
Актуелната правна рамка во Република Северна Македонија не овозможува директна и ефикасна заштита на уставните права преку укинување или поништување на неуставни судски одлуки од страна на Уставниот суд. Ова ограничување ја намалува правната сигурност и остава простор за правни несигурности во однос на заштитата на основните човекови права, посочи судијката Васиќ-Бозаџиева.
„Од една страна, поништувањето на одлуките на редовните судови од страна на Уставниот суд се смета за потребно за заштита на правата на граѓаните, додека од друга страна, се гледа како прекумерна интервенција во судската независност, истакна Васиќ-Бозаџиева, напоменувајќи дека во Република Северна Македонија, уставната рамка овозможува единствено Уставниот суд може само да утврди повреда и да предложи начин за отстранување на последиците, без укинување/поништување на актот со кој е сторена повредата.
Според судијката Васиќ-Бозаџиева постојат две клучни причини за да се воведе механизам за поништување на судски пресуди од страна на Уставниот суд, а тоа се потребата од брза и ефикасна заштита на човековите права и одржувањето на баланс помеѓу правната сигурност и заштитата на уставните права. Напоменува дека ефективната заштита на човековите права не може да се сведе само на констатирање на повредата, туку треба и да се обезбеди рехабилитација на правата на засегнатите граѓани.
„Како особени предизвици кои би се појавиле при укинувањето на неуставните судски одлуки се конфликтите со редовните судови кои таа можност би ја перцепирале како мешање на Уставниот суд во нивната судска автономија, потоа преоптовареност на Уставниот суд со предмети од сите нивоа на судови и од сите апелациони подрачја, опасност од политизација, ризик од правна несигурност која може да биде последица на различни интерпретации. Како особено важен предизвик ќе го истакнам ограничувањето на финансиските ресурси на Уставниот суд, кој несомнено би влијаел врз работниот процес и ефикасноста”,истакна судијката Васиќ-Бозаџиева.
Согласно направената анализа и уставно-судската пракса која е земена во предвид од искуството на судовите во Германија, Шпанија, Австрија и Хрватска, судијата Васиќ-Бозаџиева ги лоцираше можните решенија за кохезија помеѓу Уставниот суд и редовното судство кога станува збор за унапредување на заштитата на правата на граѓаните, пред се’ тргнувајќи од првичната ревизија на надлежностите на Уставниот суд и следствено на ова интервенирање во Актот со кој би се утврдиле начините и постапката за укинување на неуставните судски пресуди. Дополнително, нужно е изменување на процесните закони како Законот за парнична постапка, Законот за кривична постапка и Закон за управни спорови со кои би се овозможило повторување на судските постапки врз основа на одлука на Уставниот суд со кој е утврдена повреда на човековите слободи и права. За целосно и трајно решение потребни се амандмански измени на Уставот со кој би се вовела целосна уставна тужба.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Костадиновски: Градскиот парк во Виница ќе добие нов лик

Митко Костадиновски, кандидат за градонадалник за општина Виница од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, на денешниот митинг во рамките на изборната кампања под слоганот „Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!“, истакна дека изминатите четири години општина Виница ја карактеризираа позитивни промени проследени со многу реализирани проекти и решени проблеми. Костадиновски вети дека ќе работи одговорно, транспарентно и отчетно, со нулта толеранција за корупција и единствено само во интерес на граѓаните.
Костадиновски појасни дека програмата е изработена согласно потребите и барањата на граѓаните на општина Виница, притоа ги наведе приоритетните проекти како изградба на спортска сала, рехабилитација и реконструкција на градски парк, рехабилитација на зелени површини како и проектите во областа на сообраќајот.
„Од приоритетните проекти ветуваме изградба на спортска сала во ОУ “Гоце Делчев”, кое е единственото училиште во градот кое нема спортска сала. Целосна рехабилитација и реконструкција на градскиот парк. Градскиот парк ќе добие сосема нов лик, ново, модерно и сензорно осветлување, целосна реконструкција на детското катче, многу нови содржини, рехабилитација на зелените површини и ќе биде поставен систем за наводнување за дрвјата и тревата“, рече Костадиновски и додаде:
„За подобрување на сообраќајот во градот ќе изработиме сообраќаен проект со кој ќе се преземат голем број активности, како што се обнова и измена на постоечкиот режим на сообраќај, регулирање на раскрсници, поставување на нова потребна вертикална и хоризонтална сигнализација, обележување на паркинг простор според сите законски регулативи, обележување и проектирање нови пешачки и велосипедски патеки, воведување посебен режим на сообраќај околу училиштата и градинките и слично’’.
Костадиновски потенцира дека во програмата се содржани и проекти за модерна општинска инфраструктура, а кои се однесуваат на реконструкција на градски улици, локални и регионални патишта во општина Виница.
„Во делот на патната инфраструктура ветуваме довршување со реконструкцијата на локалниот пат Блатец-Детлово во должина од 2 и пол километри и реконструкција на регионалниот пат Превалец-Виница-Смојмирово која ќе го опфати нереконструираниот дел од патниот правец Превалец-Виница, кој минува низ градот Виница. Како и реконструкција на 13 најоштетени улици во градот и изградба, асфалтирање и поплочување на улици во населените места во вредност од еден милион евра“, рече тој.
Костадиновски заклучи дека ќе се работи на донесување на нови урбанистички планови и формирање на зона за мало стопанство, а сето тоа во насока на развој на општина Виница.
„Во делот на урбанизмот ќе работиме на донесување на нови урбанистички планови за Виница и населените места што ќе значат развој на Општина Виница, а наскоро ветуваме формирање на зона за мало стопанство во м.в. Скараница- с.Блатец која ќе биде распростанета на површина од 24 хектари и во неа ќе има предвидено 29 градежни парцели за продажба“, кажа Костадиновски.
Македонија
Забрана за тешки товарни возила на неколку патни правци

Од 19:45 часот на магистралниот пат Маврово – Дебар воведена е забрана за тешки товарни возила поради задржување на снег на коловоз, извести АМСМ.
Од 19.55 часот воведена е забрана за тешки товарни возила и за патниот правец Гостивар – Стража, додаваат од АМСМ.
Македонија
Посебен сообраќаен режим утре во Скопје

Од утре петок до сабота, во официјална посета на Р.С.Македонија ќе присуствува претседателот на Владата на Република Србија, Ѓуро Мацут.
Од тие причини Едницата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќај на подрачјето на град Скопје.
МВР апелира до граѓаните да се почитуваат наредбите што ќе ги даваат униформираните полициски службеници.