Економија
МЕПСО ги прекинува сите донации и спонзорства до крајот на годинава
На седница на Управниот одбор на АД МЕПСО, предводен од Генералниот директор Бурим Љатифи, едногласно била донесена одлука да се прекинат сите видови на донации и спонзорства до крајот на оваа година.
„Заеднички заклучок е дека трошоците и издатоците по оваа основа треба да се стопираат до следната 2025 година, кога овој процес ќе продолжи и понатаму да функционира, но на транспарентен начин и со детално почитување на критериумите предвидени за оваа намена“, соопштија од МЕПСО.
На ваков чекор Управниот Одбор се одлучил по анализа на долгата листа на донации и спонзорства и паричните средства кои биле доделени од почетокот на годината па се до доаѓање на новото раководство.
„Сеопфатниот преглед на нашите служби покажа дека во првите седум месеци од 2024 година претходното раководство на Друштвото, кое наводно делувало согласно Законот за донации и спонзорства во јавни дејности, ја пречекорило финансиската програма за оваа година за речиси 10 милиони денари. За новиот менаџерски тим единствен приоритет останува вложувањето исклучиво во продуктивни инвестиции кои се во насока на градење и управување на стабилен и доверлив електропреносен систем на најтранспарентен начин и отчетно“, пишува во соопштението на МЕПСО.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Турција ѝ нуди помош на Европа, 10 милијарди кубни метри гас годишно преку балканскиот гасовод
Турскиот министер за енергетика, Алпарслан Бајрактар, изјави дека Турција е подготвена да и испорачува на Европа до 10 милијарди кубни метри природен гас годишно преку балканскиот гасовод, но само доколку европските земји покажат политичка волја и вложат во потребните инфраструктурни врски.
„Турција е подготвена да придонесе повеќе за енергетската безбедност на Европа. Доколку Европа покаже политичка волја и посветеност, и се направат дополнителни инвестиции во меѓусебните врски, ќе можеме да извезуваме до 10 милијарди кубни метри гас годишно во Централна и Источна Европа преку балканскиот гасовод“, истакна Бајрактар во интервју за јапонското економско издание „Никеи“.
Изјавата на турскиот министер доаѓа по прекинот на транзитот на рускиот гас преку Украина, кој беше значаен дел од снабдувањето на Европа.
Транзитниот договор меѓу Русија и Украина истече на 1 јануари годинава, а Киев одби да преговара за продолжување на договорот поради тековната воена агресија на Русија врз Украина. Ова предизвика сериозни прашања за идното снабдување со природен гас во Европа и можноста Турција да стане клучен играч во енергетската стабилност на регионот.
Економија
(Фото) Грин Машинс на БРАКО ќе ги чисти Бермудите
Машините за чистење Грин Машинс на БРАКО станаа дел од флотата за одржување урбана хигиена на тропската држава Бермуди.
Од компанијата велат дека клиентот од Бермудите го избрал моделот 414 rs на Грин Машинс, со кој истовремено можат да се чистат и улици и тротоари, може да се управува рачно, но нуди можност и за седење на операторот.
„Нашиот тим од Обединетото Кралство беше на Бермуди, каде одржа обука за користење на нашите машини, и горди сме што македонски производи ќе придонесат за чисти улици и ќе бидат присутни на оваа британска островска територија, која е светскa туристичка дестинација“, велат од БРАКО.
Економија
Македонците од ова лето ќе плаќаат повеќе, Грција ги зголеми туристичките такси
Грција од оваа година ќе ги зголеми таксите за туристите, со цел да генерира средства за подобрување на инфраструктурата и промоција на одржлив туризам. Според информации објавени на порталот „Шенген њуз“, туристите кои ќе посетат Грција ќе плаќаат дневен данок од 2 евра, што претставува значително зголемување во однос на досегашните 0,5 евра. Во периодот од април до октомври, во текот на ударната туристичка сезона, таксата ќе се зголеми на 8 евра.
Зголемување на таксите се очекува и за сместувањето. Така, за хотелите со една и две ѕвезди, како и за изнајмување соби, ќе се плаќа 2 евра, наместо досегашните 1,5 евра. Во хотелите со три ѕвезди ќе се плаќаат 2 евра повеќе, додека госите во хотелите со четири ѕвезди ќе платат 10 евра наместо 7. Најголемо поскапување ќе биде за хотелите со пет ѕвезди и вилите, каде што таксата ќе порасне од 10 на 15 евра.
Исто така сместувањето преку „Airbnb“ ќе биде поскапено, со такса од 2 евра во зимските месеци и 8 евра во летните месеци, се очекува и зголемување на таксите за туристите кои ќе одлучат да патуваат со крстарење. Прогнозите велат дека Грција ќе биде домаќин на 8 милиони туристи во 2025 година.
Како дел од новите такси, посетителите на Санторини и Миконос ќе треба да плаќаат по 20 евра, додека за останатите острови, вклучувајќи ја и Атина, таксата ќе изнесува 5 евра на ден. За споредба, иако Миконос има само 12.000 жители, секој ден го посетуваат до 20.000 туристи, што го прави островот едно од најпопуларните дестинации.
Промените беа најавени во септември од страна на грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, кој истакна дека се очекува приходот од зголемените такси да изнесува 600 милиони евра. Овие средства ќе бидат насочени кон фондот за санација на штетите предизвикани од климатските промени.