Свет
Шолц подготвен да побара гласање за доверба пред Божиќ
Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека е подготвен да побара гласање за доверба пред Божиќ.
Владејачката коалиција во земјата се распадна пред неколку дена откако Шолц го отпушти министерот за финансии, Кристијан Линднер. Канцеларот тогаш рече дека ќе побара поддршка од Бундестагот во средината на јануари, а доколку не ја добие, во март ќе се одржат предвремени избори.
Во интервју за телевизијата „Аерде“ во неделата, Шолц рече дека нема да биде проблем гласањето за доверба да биде пред божиќните празници доколку главните партии се договорат за тоа. И покрај политичката криза, канцеларoт изрази уверување дека е можно да се добие уште еден мандат за формирање нов кабинет.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Руте: Војната во Украина е дел од глобалната борба за моќ меѓу САД и Кина
Генералниот секретар на НАТО Марк Руте денеска изјави дека војната во Украина е дел од глобалната борба за моќ меѓу САД и Кина. Тој го кажа ова во Мастрихт на собирот „Предавања на принцезата Беатрикс“, објави денеска „NL Times“.
Претседателот на Воениот комитет на НАТО, адмирал Роб Бауер изјави дека додека не се најде рамнотежа ќе има војни, но не светски, туку регионални војни.
Бауер очекува да ги види основите на двата посебни светски поредоци во различни делови на светот во рок од пет до 10 години.
Бауер оценил дека решавачкиот пресврт е тоа што Северна Кореја испратила војници да се борат против Украина заедно со Русите и дека како резултат на тоа војната повеќе не може да се реши без склучување договор со Северна Кореја, Иран и Кина, пренесува Танјуг.
Свет
Германија го одби предлогот на шефот на дипломатијата на ЕУ за прекин на дијалогот со Израел
Германија го отфрли предлогот на еврокомесарот за безбедност и надворешна политика, Жозеп Борел, за прекин на политичкиот дијалог со Израел, наведувајќи го како причина евентуалното кршење на човековите права во Газа.
„Прекинувањето на дијалогот со Израел не е од корист за луѓето кои страдаат во Појасот Газа, за заложниците на Хамас, ниту за луѓето во Израел кои се подготвени за дијалог“, се вели во соопштението на германското Министерство за надворешни работи во Берлин.
Берлин рече дека Советот за асоцијација ЕУ-Израел создава „соодветна рамка“ за да разговара со израелската влада за придржувањето кон принципите на меѓународното хуманитарно право.
„Ние сме за одржување на отворени каналите за комуникација. Во секој случај, тоа важи и за Израел“, се вели во соопштението на МНР.
Германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок реагираше и на претходните предлози на Жозеп Борел да ги стави екстремните израелски министри Безалел Смотрич и Итамар Бен-Гвир на листата на санкции на Европската унија.
„Ако одделни израелски министри го доведуваат во прашање правото на Палестинците да постојат, тоа мора да биде санкционирано на ниво на ЕУ“, изјави Баербок за јавниот радиодифузен сервис ZDF.
Борел повика на прекин на дијалогот по долгогодишното одбивање на Израел да разговара за хуманитарната ситуација во Појасот Газа на Советот за асоцијација.
Во писмото испратено до министрите за надворешни работи на ЕУ во средата, пред нивниот состанок во понеделникот, Борел изрази „сериозна загриженост за можни прекршувања на меѓународното хуманитарно право во Газа“ и рече дека „Израел досега не одговорил доволно на овие грижи“.
За суспензијата ќе биде потребно одобрение од сите 27 земји на ЕУ, што се смета за неверојатно меѓу дипломатите.
Според дипломатски извори, како што пренесуваат светските медиуми, предлогот на Борел има за цел да испрати силен сигнал за загриженост поради однесувањето на Израел во војната.
Свет
Маж се разнел пред зградата на Врховниот суд во Бразил: „Сакаше да ја разнесе зградата“
Судијата на Врховниот суд на Бразил, Александре де Мораеш, денеска изјави дека бомбашот самоубиец кој вчера се обиде да влезе во Врховниот суд имал намера да ја разнесе зградата, опишувајќи ја како дел од растечкиот бран напади врз демократијата.
Експлозиите пред Врховниот суд и на блискиот паркинг, кои федералната полиција ги третира како напади, ги зголемија безбедносните стравувања неколку дена пред самитот на Г-20 во Рио де Жанеиро и посетата на кинескиот претседател Шји Џјинпинг на бразилската престолнина.
Полицијата го идентификуваше човекот кој се самоуби во експлозијата пред Врховниот суд како поранешен кандидат за градскиот совет од партијата на поранешниот претседател Жаир Болсонаро. На интернет ширеше жестока политичка реторика, пренесуваат медиумите во светот.
Франциско Вандерли Луиз ја загуби трката за градскиот совет во 2020 година во Рио до Сул, во јужната држава Санта Катарина, како член на десничарската Либерална партија на Болсонаро.
Мораеш рече дека е можно Луиз да дејствувал сам, но дека нападот бил резултат на реторика која датира од владата на Болсонаро.
Тој ги опиша експлозиите како најлошиот напад врз Врховниот суд откако приврзаниците на Болсонаро упаднаа во зградата во немири минатата година.
Болсонаро се огради од последните напади и на социјалните мрежи објави дека се работи за изолиран инцидент предизвикан од лице со психички проблеми.