Македонија
Сиљановска-Давкова на КОП29: Од суштинско значење е обезбедувањето финансии за имплементација на климатските цели
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска во Баку, Република Азербејџан присуствуваше на официјалното отворање на 29. Конференција на страните на Конвенцијата на Обединетите нации за климатски промени.
На официјалното отворање на самитот, што се одржува под мотото „Со солидарност за зелен свет“, се обратија Мухтар Бабаев, министерот за екологија и природни ресурси на Азербејџан, како претседател на КОП29, Сајмон Стил, извршниот секретар на Рамковната конвенција на Обединетите Нации за климатски промени, како и претседателoт на КОП28, министерот за индустрии и високи технологии на ОАЕ, Султан Ахмед Ал Џабер.
Во фокусот на разговорите меѓу претставниците на земјите учеснички на Конференцијата ќе биде обезбедувањето финансии неопходни да им се помогне на земјите во развој со цел да се прилагодат на климатските промени и да ги спроведат мерките потребни за постигнување на климатските цели.
Утре, претседателката Сиљановска Давкова ќе има обраќање на првата пленарна сесија на сегментот на високо ниво за шефови на држави и влади.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Андоновски: Нема да дозволиме корупцијата и приватниот интерес да надвладеат над сајбербезбедноста
Денеска, министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, учествуваше и се обрати на конференцијата „Business and Government: Aligning for a Secure Digital Future”, организирана од Американската стопанска комора. На настанот, кој собра повеќе од 150 учесници од бизнис заедницата, владини институции, меѓународни организации, граѓанскиот сектор и ИКТ професионалци, министерот Андоновски ја истакна важноста на соработката меѓу власта и приватниот сектор во процесот на дигитализација.
“Оваа конференција ни дава исклучителна можност да разговараме отворено и да ги усогласиме приоритетите на бизнис секторот со владините иницијативи, да дискутираме за модернизација на регулаторната рамка и да најдеме начини како заедно да го прошириме пристапот до електронските услуги,” нагласи министерот Андоновски.
„Како Влада нема да дозволиме корупцијата која го владееше јавниот сектор, мотивирана и од приватниот интерес на компаниите негативно да влијаат на системот на сајбербезбедност.“
„Во изминатите три месеци скоро го дуплиравме бројот на достапни електронски услуги, а бројот на поднесени барања на порталот за е-услуги, uslugi.gov.mk е зголемен за над 150%.“, истакна Андоновски.
Министерот додаде дека заедно, Владата и бизнис секторот можат да креираат дигитален екосистем, кој не само што ќе се прилагоди на денешните потреби, туку и ќе ги предвиди можностите на новото време.
„Знам дека за многумина од вас времето е пари, а инвестициите бараат сигурност. Затоа, ќе создадеме околина каде вашите дигитални иновации ќе можат да растат и да се развиваат. Ќе поставиме јасни правила на игра, ќе обезбедиме модерна инфраструктура и ќе се погрижиме сите наши напори да одат во иста трансформативна насока“, истакна министерот во своето обраќање.
Конференцијата „Business and Government: Aligning for a Secure Digital Future”, е организирана од Американската стопанска комора со цел да се поттикне фокусирана дискусија за начините на кои бизнисот и власта можат да соработуваат за да ја забрзаат дигиталната трансформација и да преземат конкретни чекори кон дигитализација на институциите, бизнисите и општеството во целина.
Скопје
Еднократна парична помош, 2.500 денари за пензионери во социјален ризик и приматели на социјална помош, најави Герасимовски
Трета година по ред Општина Центар распишува Јавен повик за доделување еднократна парична помош за пензионери со старосна, семејна, инвалидска или социјална пензија не повисока од 23.758,00 денари. Јавниот повик е објавен денеска и важи до 29.11.2024 година. Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски истакнува дека висината на еднократната финансиска поддршка ќе изнесува 2.500,00 денари и ќе биде по принципот „прв дојден – прв услужен“, се до исцрпување на средствата предвидени за таа намена.
„Ги повикувам сите пензионери кои ги исполнуваат условите да го искористат ова право и да си го олеснат секојдневието, особено во период кога се предвидуваат поголеми семејни трошоци поради претстојните празници. Сметаме дека секоја поддршка е значајна и може да придонесе за подобрување на животниот стандард на нашите повозрасни сограѓани,“ порача Герасимовски
Оваа финансиска поддршка Општина Центар ја доделува на граѓани кои се со постојано живеалиште на територија на Општина Центар и кои се приматели на старосна, семејна, инвалидска, социјална пензија (корисници на правото на социјална сигурност на стари лица) чиј износ не е повисок од 23.758,00 денари (согласно податоците од Фондот на пензиско и инвалидско осигурување на Република Северна Македонија исплатена пензија во месец септември 2024 година).
Заинтересираните граѓани треба да достават барање за доделување финансиска поддршка на пензионери во социјален ризик, копија од лична карта, копија од трансакциска сметка, за корисниците на старосна, семејна или инвалидска пензија – доказ од последна примена пензија (потврда/чек издаден од Банката во која се прима пензијата – за примена пензија во последните 2 месеци, односно за септември или октомври 2024 година), а за корисници на социјална пензија (корисници на правото на социјална сигурност на стари лица) – Потврда / Решение издадено од надлежниот Центар за социјална работа (ЦСР-Центар).
Барањето е достапно во Архива на Општина Центар-Скопје, барака 6 и на веб страната на општината. Потребната документација може да се достави секој работен ден од 09.00 до 14.00 часот.
Комисијата за селекција, формирана од Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски, ќе ги разгледува и ќе одлучува по поднесените барања за остварување на правото за финансиска поддршка. На пензионерите во социјален ризик што аплицирале и ги исполниле потребните критериуми, Општина Центар ќе им изготви Решение за доделување на финансиска поддршка. Исплатата ќе се изврши директно на трансакциските сметки на барателите и ќе биде реализирана до крајот на тековната година.
Македонија
(Видео) Тренчевска: Амандманите на СДСМ се за 20% повисоки плати и 10% повисока социјална заштита
„ВМРО ДПМНЕ со предлог Буџетот за 2025 уште еднаш ја покажа безидејноста и незаинтересираноста за интересите на граѓаните и развојот на економијата. Ова е буџет за власта, а не за народот. Нереален, неразвоен и недомаќински, буџет во којшто нема ништо од ветувањата за подобар животен стандард, социјална поддршка, нови инвестиции, развиена економија“, изјави Јована Тренчевска – пратеничка на СДСМ.
„ВМРО ДПМНЕ скори предизборен буџет, буџет кој ќе биде генератор на нови долгови, со планиран дефицит од 4% кој го крши законскиот максимум, со зголемени непродуктивни трошоци, а скратени пари за ставки важни за граѓаните.
Во новата буџетска каса не се планирани средства за зголемување на минималната плата.
Со ова ВМРО ДПМНЕ потврди дека нема намера за нагорна корекција на минималната плата и подобрување на животниот стандард на граѓаните. Ако се анализира поддршка за социјална политика, јасно се гледа дека за следната година власта решила да ги намали средствата за клучни ставки од овој сектор.
Намалени се средствата од 80 милиони денари на 60 милиони денари кои согласно Законот за игри на среќа се трансферираат кон Националните сојузи на инвалидските организации (Сојуз на трудови инвалиди, Сојуз на слепи лица, Сојуз на глуви и наглуви и сл.), кон Црвениот крст и здруженијата за борба против насилство врз жените.
Следната година ќе има помалку пари или речиси ич пари за трансфери кон невладини организации (провајдери) кои ги спроведуваат социјалните услуги кои се однесуваат на обезбедување услуги за помош и нега во домот за старите лица, лица со попреченост, личната асистенција на лица и деца со попреченост и други ранливи категории на граѓани.
ВМРО ДПМНЕ ветуваше за 30% зголемени права од социјална заштита, но и ова ветување не е исполнето во Буџетот за 2025 година. Нема предвидено средства за згоlемување на Гарантирана минимална помош, за правата на лицата со попреченост, за социјалната пензија.
Во делот на капиталните инвестиции за социјална заштита кои се однесуваат на инвестиции за нови дневни центри за лица со попреченост за старечки домови, е планирана сума која нема да биде доволна ниту за реализација на започнатите повеќегодишни инвестиции од 2023 година, а за оние од 2024 нема да има средства ниту за нови капитални инвестиции.
Покрај ова, при планирањето на новиот Буџет, власта не водела сметка ниту за изградба на нови градиники- следна година очигледно нема да се градат нови градинки.
СДСМ нема да гласа за буџет кој не ги застапува интересите на граѓаните. Затоа поднесовме 200 амандмани, со кои нудиме конкретни решенија за подобар животен стандард, повисока поддршка за социјална политика, за развиена економија. Со нашите амандмани предлагаме зголемување на платите во јавниот сектор и спроведување на обврските од Општиот колективен договор, односно поголеми плати за сите вработени во јавниот сектор.
Потоа предлагаме 2 милиони поддршка за Сојузот на борци, тоа им го должиме на оние кои се избориле за слободата што ја живееме денес. Со нашите амандмани предлагаме да се издвојат 995.490.000 денари за 10% повисок месечен надоместок за социјална заштита, а капитални инвестиции од областа на социјална заштита 88 милиони денари.
Ова се амандмани кои преставуваат вистинска грижа за граѓаните, особено за ранливите категории и ќе придонесат за социјален напредок.СДСМ активно ќе учествува во расправата за Буџетот, но цврсто ќе ги браниме нашите позиции, затоа што граѓаните заслужуваат да живеат во развиена и напредна држава со подобар животен стандард“, соопшти Јована Тренчевска – пратеничка на СДСМ.