Свет
Зеленски: Се бориме против 50.000 непријателски војници во регионот Курск
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, денеска изјави дека украинската армија се бори против 50.000 непријателски војници во руската област Курск, објави Киев Индипендент.
Неговата изјава доаѓа еден ден откако Њујорк Тајмс објави дека Москва подготвува офанзива во регионот Курск со сили од 50.000 војници, и руски и севернокорејски.
Киевскиот весник наведува дека Русија распоредила илјадници севернокорејски војници во оваа воена зона, а некои од нив веќе дошле во помал судир со Украина и дека според некои извештаи, околу 11.000 севернокорејски војници се стационирани во регионот Курск од 4 ноември.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Израелски министер: Израел е поблиску од кога било до договор за прекин на огнот со Хезболах
Израелскиот министер за енергетика Ели Коен денеска изјави дека Израел е поблиску до постигнување договор за прекин на огнот со либанскиот Хезболах отколку што беше од почетокот на војната.
Коен, член на безбедносниот кабинет на израелската влада, сепак, во изјава за Ројтерс рече дека Израел мора да ја задржи слободата на дејствување во Либан доколку се прекрши некој договор.
Клучниот камен на сопнување за Израел, како што рече министерот, е обезбедувањето слобода на дејствување доколку Хезболах се врати во пограничните области каде што може да претставува закана за израелските заедници.
„Помалку ќе простуваме од претходно за обидите да се создадат упоришта на териториите во близина на Израел“, рече Коен.
Израелските медиуми објавија дека одговорот на Либан на предлогот за прекин на огнот испратен до Бејрут од САД би можел да пристигне во следните 24 часа.
Министерот за стратешки прашања Рон Дермер оваа недела разговараше во Вашингтон со претставници на администрацијата на американскиот претседател Џозеф Бајден за последните детали од предлогот, вклучително и писмени гаранции дека Израел има слобода на дејствување против заканите на Хезболах во Либан.
Дермер се сретна и со новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп.
Израелскиот министер за надворешни работи Гидеон Сар неодамна изјави дека е постигнат одреден напредок во напорите да се постигне прекин на огнот во конфликтот со Хезболах.
Малку подоцна израелскиот министер за одбрана Израел Кац објави дека Израел нема да се повлече додека не се постигнат целите на војната.
Тој го повтори ова во средата и изјави дека целта е да се разоружа Хезболах, да се истурка оваа проиранска организација преку реката Литани и да им се овозможи на жителите на северен Израел безбедно да се вратат во своите домови.
Според податоците на либанските власти, од почетокот на конфликтот меѓу Израел и тешко вооружената организација, ден по почетокот на војната во Газа, на 8 октомври минатата година, загинале повеќе од 3.200 луѓе, главно цивили. Повеќето од нив починале од крајот на септември.
76 лица загинаа во Израел, од кои 31 војник, според Асошиејтед прес.
Свет
Шмигаљ: Четири милијарди евра од Европскиот фонд за поддршка на Украина
Европската комисија даде позитивна оценка за доделувањето на втората транша финансиска помош за Киев во износ од 4,1 милијарди евра од Европскиот фонд за поддршка на Украина, а одлуката мора да биде одобрена од Советот на Европската унија, објави украинскиот премиер Денис Шмигаљ.
Европската комисија утврди, според написите во светските медиуми, дека Украина ги исполнила сите девет точки од реформските обврски, што беше услов за исплата на новата транша од помошта. Се нагласува дека реформите се однесуваат на борбата против корупцијата, условите за бизнис, правилата на пазарот на труд, стандардите на пазарот на енергија и заштитата на животната средина.
Шмигаљ истакна дека по исплатата на оваа транша, Украина годинава ќе добие 16,1 милијарди евра од Европската унија, пренесува Укринформ.
Очекуваме Советот на ЕУ брзо да ја потврди денешната одлука на Европската комисија, изјави украинскиот премиер.
Европскиот фонд за поддршка на Украина е програма од 50 милијарди евра, а беше одобрена на крајот на минатата година за периодот од 2024 до 2027 година.
Свет
Шефот на мировните сили: ОН остануваат во Либан
Шефот на мировните сили на ОН, Жан-Пјер Лакроа денеска изјави дека УНИФИЛ (Привремените сили на ОН во Либан) ќе остане на сите свои позиции во јужниот дел на таа земја и покрај интензивните борби меѓу израелската армија и екстремистите на либанскиот Хезболах.
УНИФИЛ продолжи да ја следи ескалацијата на конфликтот меѓу Израел и Хезболах преку границата позната како Сина линија и покрај израелските повици мировниците да се повлечат пет километри од неа.
Силите на ОН во Либан го обвинија Израел за намерно уништување на опремата за надзор и дека во борбите се повредени 13 мировници.
Лакроа денеска посети некои од ранетите во Либан.
Тој рече дека силите на УНИФИЛ ќе продолжат да бидат распоредени на сите позиции и оти смета дека е многу важно да се зачува нивното присуство.
Шефот на мировните сили на ОН додаде дека доколку УНИФИЛ си замине, некои од завојуваните страни ќе ги преземат тие позиции.
„Ние имаме одговорност да обезбедиме дека ОН и понатаму се гледаат како неутрални и непристрасни“, рече Лакроа.