Економија
Народната банка домаќин на работилница за зајакнување на капацитетите на ЕСГ, основа на одржливото работење и општествената одговорност
Централната банка беше домаќин на работилница за унапредување на капацитетите поврзани со еколошките, социјалните и управувачките остварувања (ЕСГ). Настанот којшто беше организиран под покровителство на „Инвестицискиот фонд за зелен раст“, во соработка со експерти од „Ернст и Јанг“, имаше за цел да ги зајакне капацитетите на централната банка со знаење и алатки за одржливи практики, во согласност со меѓународните стандарди и регулативи.
На работилницата беа разработени теми поврзани со Политиките за одржливост на централните банки, како и одредени оперативни аспекти поврзани со управувањето со емисиите на стакленички гасови. Во рамките на овие теми беше разгледана Предлог-политиката за одржливост на Народната банка, вклучувајќи ги и активностите за оперативна ефикасност, клучните показатели за успешноста (КПИ), како и целите за одржливост со акцент на транспарентноста. Исто така, беа обработени и стандардите и методологиите за пресметка на емисиите на стакленичките гасови, стратегиите за декарбонизација и техниките за поставување цели.
„Преку оваа работилница, Народната банка цели кон зајакнување на принципите на одржливост, коишто ги опфаќаат еколошкиот интегритет, социјалната еднаквост и економскиот напредок, осигурувајќи се дека одржливите практики се спроведуваат и стратегиски, и оперативно. Со носењето на Среднорочниот план на активностите на Народната банка во доменот на управување со ризиците поврзани со климатските промени за периодот 2023 – 2025 година се дефинираа активностите на Народната банка за активно управување со ризиците од климатските промени и институционално профилирање како одржлива и општествено одговорна институција, додека една од активностите предвидени за спроведување на Среднорочниот план е изработката на Политиката за одржливост на Народната банка заради преземање активности за одржливо работење и градење на капацитетите на вработените во Народната банка во однос на овие прашања“, информираа од НБРМ.
„Инвестицискиот фонд за зелен раст“ е влијателен инвестициски фонд којшто ги ублажува климатските промени и промовира одржлив економски раст, пред сè преку инвестирање во мерки со коишто се намалуваат потрошувачката на енергија, употребата на ресурси и емисиите на CO2. Фондот го насочува ова наменето финансирање кон деловните претпријатија и домаќинствата преку локални финансиски институции и преку директни инвестиции кон подобни проекти и компании. Наменскиот фонд за техничка помош обезбедува знаења и техничка експертиза за да се осигура дека овие инвестиции се успешно спроведени и со високи меѓународни стандарди. Фондот работи на 19 пазари низ Југоисточна Европа, вклучувајќи ги и Турција, Европскиот источен соседски регион и Блискиот Исток и Северна Африка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Андоновски: Е-трговијата веќе не е алтернативен, туку доминантен економски модел
Владата на Република Македонија ја потврдува својата посветеност кон унапредување на електронската трговија како двигател на економијата, преку спроведување на јасна стратегија за дигитална трансформација, зајакнување на интероперабилноста и намалување на административните пречки за граѓаните и компаниите, изјави министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, на отворањето на 8-та Регионална Е-комерц конференција во Скопје.
Тој истакна дека е-трговијата веќе не е алтернативен, туку доминантен економски модел, кој бара силна поддршка од државата преку модерни дигитални платформи, регулаторна предвидливост и иновации ориентирани кон пазарот.
„Интероперабилноста што ја бесплатно ја овозможивме за повеќе од 76 институции и компании – со повеќе од 2.6 милиони безбедни трансакции месечно и раст од 260% – претставува не само успех на администрацијата, туку можност за приватниот сектор. Таа отвора простор за дигитални услуги, безбедна размена на податоци, брз пристап до потребните административни податоци и нови бизнис-модели што ја поврзуваат државата и компаниите во еден заеднички дигитален екосистем“, изјави министерот Андоновски.
Во рамки на поддршката за мали и средни претпријатија, Министерството за дигитална трансформација преку Европскиот дигитален иновациски хаб – INNOFEIT EDIH, им овозможува на компаниите пристап до лаборатории, дигитални алатки и експертска поддршка за тестирање нови технологии пред инвестирање. Овој хаб нуди и обуки за дигитални вештини во областа на вештачка интелигенција, сајбер-безбедност, автоматизација и интернет на нештата, со цел да ја зголеми конкурентноста на домашните компании на европскиот пазар.
Во истата насока, Националниот центар за вештачка интелигенција – Везилка, развива АИ решенија применливи и во приватниот сектор, со што создава услови електронската трговија да стане поефикасна, попаметна и побезбедна.
„Намалувањето на бирократијата и отворањето на податоците за бизнис-заедницата се клучни за модерна држава. Владата создава инфраструктура каде иновацијата е во центарот, а граѓаните и компаниите се вистинските корисници на дигиталната трансформација“, додаде Андоновски.
Тој најави дека во следниот период Владата ќе продолжи да инвестира во дигитална инфраструктура, унапредување на екосистемот за иновации, како и во програми за поддршка на стартапи и претприемачи во дигиталната економија.
Економија
„Виз Ер“ воведува евтина „бизнис класа“, можете да платите за да го задржите средното седиште празно
Нискобуџетната унгарска авиокомпанија „Виз Ер“ ќе започне со тестирање на таканаречената „основна бизнис класа“ на одредени летови од декември оваа година, нудејќи малку повеќе удобност во рамките на својата стандардна услуга без додатоци. Оваа нова функција ќе биде воведена на пет рути, вклучувајќи летови до Лондон, Рим и Будимпешта.
Концептот е едноставен – во првиот ред од авионот, средното седиште ќе биде оставено празно за да им се обезбеди на деловните патници повеќе простор и да се олесни качувањето. Мајкл Делехант, виш комерцијален и оперативен директор, нагласи дека цената нема да биде драстично повисока.
„Што се однесува до цените на билетите, таа никогаш нема да биде повеќе од цената на купување дополнително седиште“, изјави тој на прес-конференција.
Иако билетите за овие специјални седишта ќе бидат поскапи, патниците сепак ќе бидат третирани исто како и сите други.
„Повеќе се работи за ефикасноста на патувањето и малку дополнителен простор во авионот“, рече Делехант.
Воведувањето премиум услуги е тренд што го следат и американските нискобуџетни превозници за да се натпреваруваат со големите превозници.
Делехант забележа дека сè уште има силна побарувачка за нискобуџетни летови во Европа, но дека пазарот треба да се развива.
Економија
Поскапуваат бензините и дизелот
Бензините и дизелот од ноќеска на полноќ ќе поскапат за половина и за еден денар, соопшти Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ).
Од 4.11.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 74,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 76,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 71,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 69,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 36,913 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се зголемува за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менува.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,856 ден/кг и сега ќе изнесува 36,913 ден/кг.

