Култура
Премиера на претставата „Земја на штркови“
Претставата „Земја на штркови“ е претстава која предупредува и отворено говори за причините и последиците од енормниот број иселувања на младите луѓе од татковината, поставувајќи ги прашањата: Дали доколку го гледаме само својот пат, можеме да бидеме среќни? И дали доколку остануваме инертни, можеме да промениме нешто? Дали најлесното и наједноставно решение е да се замине таму некаде во туѓина, барајќи подобро место за живеење, или заминувањето е доживотна болка и непополнета празнина која останува цел живот? Дали овие крици од сцената се последните обиди да нѐ разбудат од летаргичноста, но и од заблудите, и да нѐ натераат да се преиспитаме самите себеси, до кое дереџе сме доведени и дали е крајно време да се преземе одговорност за последицата наречена – бела чума! Дејствието на претставата се одвива во Охрид и ги следи животните разидувања на два пара во однос на иселувањето од Македонија. Едниот – разделен пред 20-тина години, а другиот – го живее моментот на разидување од истите причини.
Премиерата на претставта е закажана на 18 ноември во НУЦК „Григор Прличев“ – Охрид, а следните изведби се на 22.11. во Свети Николе, 26.12. во Пробиштип, 06.12. во Велес, 10.12. во Охрид (реприза), 11.12. премиерно во Скопје во Младинскиот културен центар. Изведбите започнуваат во 20 часот.
Претставата е работена по мотиви од текстот „Топлината во ноември“ на Јана Добрева, а е во режија на Роберт Ристов, кој се потпишува и зад адаптацијата и сценографијата на „Земја на штркови“.
Костимите се креација и спонзорство на Елена Лука.
Автор на музиката е на Оливер Јосифовски (Љубојна), а кореографијата е на Кренаре Невзати – Кери.
Играат: Мирјана П. Ристов, Роберт Ристов, Изабела Јакимова и Радо Алексовски.
Претставата е делумно поддржана од Општина Охрид и од неколку општествено одговорни македонски компании.
Продукција: Театар Провокација – Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
УКИМ додели средства за потребите на ФМУ: Унапредувањето на условите за едукација на музичките уметници е од клучно значење за негување на културното наследство
Музичката култура е од исклучителна важност за секоја нација бидејќи преку неа се негуваат и промовираат традициите и вредностите, кои ја градат културната иднина на земјата, и токму затоа средствата што ги доделивме на Факултетот за музичка уметност (ФМУ) имаат цел да ги унапредат условите за едукација на идните музички уметници, со што ќе се обезбеди континуитет во развојот на музичката култура и зачувување на националното културно наследство, потенцираа од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УКИМ) осврнувајќи се на издвоените средства за потребите на ФМУ во висина од 3,384,000 денари.
„Музичките уметници играат круцијална улога во културниот и општествениот живот на државата. Тие нѐ промовираат и со своето творештво и професионализам придонесуваат за афирмација на македонската култура на светската сцена. ФМУ е местото каде што се создаваат идните професионалци, кои со своите таленти и знаења ќе ја претставуваат нашата држава во најубаво светло“, нагласи ректорката на УКИМ, проф. д-р Биљана Ангелова, посочувајќи дека целта на издвоените средства е да се обезбедат врвни услови за образование на талентите и создавање нови можности за нивно усовршување.
Со дел од средствата УКИМ ја поддржа обновата на концертната сала на ФМУ, каде што студентите може да се изразуваат и да ги покажат своите таленти пред јавноста, како и да се стекнат со сценско искуство, кое е од исклучително значење за нивниот кариерен развој. Освен тоа, обезбедена е и посебна просторија за рекреација и релаксација и уреден е просторот за физички активности, што е од огромно значење за академското и творечко искуство на студентите.
Сакаме нашите студенти засекогаш да ги паметат студентските денови, да стекнат врвно знаење и да имаат одлични услови за надградување на вештините. Затоа сме многу благодарни што УКИМ со издвоените средства за нас ни овозможи, покрај реновирањето и уредувањето, да набавиме и удирачки инструменти и пијано-столови, како и да одржиме концерт и фестивал, со што им отворивме нови можности на студентите“, нагласи деканката на ФМУ, проф. д-р Дарија Андоновска.
Активностите што се реализирани со поддршка на УКИМ имаат цел да создадат квалитетен простор за студентите, каде што ќе може да го достигнат својот полн потенцијал и да ги совладаат сите аспекти на музичката уметност.
Култура
Ексклузивен гала-настан „Жените на Пучини“ на 19 ноември во фоајето на Националната опера и Балет
На 19 ноември со почеток во 20.00 часот во фоајето на Националната опера и балет ќе се одржи ексклузивен гала настан, насловен како „Жените на Пучини“, во рамките на проектот „Месец на Пучини“.
Публиката ќе има единствена можност да ужива во изведбите на некои од највпечатливите и најпопуларни арии од големиот италијански композитор Џакомо Пучини. На ексклузивниот гала настан ќе настапат нашите оперски солистки: Весна Ѓиновска Илкова, Сандра Митровска, Павлина Новакова Георгиев, Злата Тошевска, Александра Лазаревска Василевски, Катерина Стојановска, Билјана Јосифов и Илина Митревска, со пијано придружба: Андреј Наунов, режисер на настанот е Дејан Прошев.
Во исто време во фоајето е поставена изложба од богатата архива на Националната опера и балет, насловена како „Пучини низ историјата на МОБ“.
Култура
„Пред дождот“ за малку немаше да се случи, откри Манчевски во Кина, на 30-годишнината од македонскиот класик
Македонскиот светски признат филмски класик „Пред дождот“ на Милчо Манчевски, во чест на 30-годишнината од премиерата во 1994, изминатата недела беше прикажан во Сужу, Кина. Во организација на Државниот филмски архив на Кина, режисерот Манчевски со видеообраќање го претстави „Пред дождот“ пред кинеската публика, а филмот имаше три проекции за три дена проследени со панел-дискусии со реномирани кинески филмолози.
„Како да ви го претставам ‘Пред дождот’? Тоа е филм што ‘Њујорк тајмс’ го стави на својата листа на 1.000 најдобри филмови некогаш создадени. Македонската држава го прогласи за културно наследство. Тоа беше филм што се случи многу бргу; тоа е исто така филм што речиси и немаше да се случи откога две недели по почетокот на продукцијата проектот беше речиси откажан. Снимањето на филмот беше исполнето со позитивна енергија, со инспирација, но и со борба да се одржи на вистинскиот пат, да се зачува неговата душа. Снимавме во македонските планини, кои не беа лесно достапни. Професионалци од 13 земји ги здружија силите во оваа македонско-британско-француска копродукција. Во близина, во Босна, беснееше војна“, рече Манчевски.
Тој додаде дека филмот е снимен и завршен на 35-милиметарска филмска лента, на старомоден начин. 20 години подоцна, во 2014 година кога македонската Кинотека ја презеде дигитализацијата на неговите филмови, меѓу кои и „Пред дождот“, се сочил со можност, но и со дилема – дали со дигитално коригирање на боите да се промени изгледот на филмот на значаен начин.
„Сепак, имав сериозни сомневања за оваа опција колку и да изгледаше привлечна. Причината за ова беше етичка. Чувствував дека ‘Пред дождот’ беше завршен во 1994 година. Тоа беше филмот што требаше да биде, завршено уметничко дело, што ги претставува филмаџиите во одреден момент во времето. Влегувањето во филмот повторно се чинеше малку како сквернавење. Се чинеше малку нечесно да се смени филмот години по неговото завршување. Така, решив дека најдоброто нешто за филмот и најчесното нешто во целина е да не ги сменам колор-корекциите на ‘Пред дождот’. Освен некои мали дотерувања, кои ги направија боите и светлината поспецифични и поверни на првичната идеја, новата колор-корекција најмногу ја зачува и ја изострува сликата од оригиналниот негатив. И, еве го, пред вас, драги гледачи во Кина. ‘Пред дождот’ од моето до вашите срца“, рече Манчевски.
„Пред дождот“ во Сужу беше дел од фестивалот со 8 реставрирани светски класици, меѓу кои и „Седум самураи“ на Акира Куросава, „Жртвување“ на Андреј Тарковски, „Разјарениот бик“ на Мартин Скорсезе, „Сенки на заборавените предци“ на Сергеј Параџанов, а ќе следуваат проекции и во Пекинг.
На 30-годишнината од светската премиера на Венецискиот фестивал и освојувањето на „Златниот лав“ за најдобар филм, „Пред дождот“ набргу повторно ќе се прикаже и во Бразил, каде што своевремено освои и фестивалски награди, имаше извонреден прием од публиката и критиката во кинодистрибуцијата и беше меѓу избраните за филм на годината. Исто така, „Пред дождот“ до крајот на годинава ќе игра и на државната телевизија во Словенија.
„Пред дождот“ беше прв македонски филм прикажан во Кина, наиде на голем успех и има култен статус. Неколку кинески режисери – како Лу Је и Шу Хаолун – го цитираат како еден од клучните филмови во нивниот развој. Менаџерот на Шангајскиот фестивал, Мао Лијун, вели дека филмската академија го предава „Пред дождот“ „како библија во филмската нарација во три чина“. Филмовите на Манчевски се многу популарни во Кина и се предаваат на универзитетите во Пекинг, Шангај и Чонкинг, а со „Пред дождот“ студентите учат за филмската структура.
Минатиот месец Државниот филмски архив на Кина обезбеди прикажување на сите филмови на Манчевски. Филмскиот архив, кој е и единствениот дистрибутер на странски авторски филмови во Кина, во земјата ќе ги прикажува „Пред дождот“, „Прашина“, „Сенки“, „Мајки“, „Бикини Мун“, „Врба“, „Кајмак“ и краткометражните „Четврток“ и „Крајот на времето“.
Во 2017 Манчевски беше првиот македонски уметник со сеопфатно претставување во Азија воопшто. Три големи институции во Шангај одвоено го поканија да гостува пред кинеската публика. На јубилејното 20. издание на фестивалот во Шангај во 2017 имаше ретроспектива на филмовите на Манчевски, а тој беше и во жирито за главната награда на фестивалот. Потоа одржа и мастер-клас при Универзитетот во Шангај, а имаше изложба фотографии и се промовира негова книга со фотографии и есеи издадена во Кина. Беше поканет и да предава на државната филмска академија во Пекинг. Во 2019 Манчевски беше и во жирито на Интернационалниот филмски фестивал во Хаинан заедно со француската филмска ѕвезда Изабел Ипер и култниот американски режисер Абел Ферара.