Спорт
Де Зерби на играчите на Марсеј им го покажал договорот што му го понудиле од Манчестер јунајтед
Роберто Де Зерби (45) во последните две сезони е хит тренер во европскиот фудбал. Италијанецот одлично се снајде во Брајтон, на крајот од сезоната кога објави дека ќе замине од „Амекс“ стадионот, доби неколку понуди, реши да ја прифати онаа од Марсеј.
Марсеј има шест победи, две нерешени и три порази, моментално е на третото место во францускиот шампионат.
Де Зерби се обиде на посебен начин да ги мотивира своите играчи. „Л’Екип“ пишува дека по домашниот пораз од Оксер (3:1) минатиот петок, Де Зерби на проекторот ја покажал понудата за договор што ја добил од Манчестер јунајтед во пресрет на оваа сезона.
Сумата која му била понудена, била заматена во договорот, па не се знае колкава плата му понудиле од „Олд Трафорд“.
Де Зерби им порачал на играчите: „Можев да бидам тука, но ја ставив страста пред парите. Дојдов во Марсеј поради страст“.
Во текот на својата кариера, Де Зерби ги водеше Дарфо Боарио, Фоџа, Палермо, Беневенто, Сасуоло, Шахтјор Доњецк и Брајтон.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Сејбен Ли експресно го напушти Макаби
Американскиот кошаркар Сајбен Ли по само шест недели ќе го напушти Макаби од Тел Авив.
Ли пристигна во „Гордоста на Израел“ по двете одлични партии за Маниса во Лигата на шампионите на ФИБА, а добар старт имаше и во Макаби.
Против Ефес постигна 23 поени, а потоа во последната секунда погоди за победа над Реал Мадрид.
Ли ќе се врати во Маниса, која се мачи оваа сезона, особено во турскиот шампионат, каде има само една победа во седум натпревари.
Инаку, тој го пропушти тренингот минатата недела, а со соиграчите се виде ден пред мечот со Армани.
Тој вечера не влезе во игра во дуелот со „манекените“ во кој Макаби го претрпе четвртиот последователен пораз.
Ли оваа сезона во Евролигата има просек од 12 поени, 2,5 асистенции и 2,1 скока.
Спорт
Бобан (повторно) на суд го доби Милан
Милан незаконски го разреши Звонимир Бобан (56) од функцијата спортски директор, одлучи Врховниот суд на Италија, а соопштија „Спорт Италија“ и фудбалски инсајдер Николо Шира. Да потсетиме, Бобан го тужеше Милан за отштета откако беше отпуштен од директорската функција во март 2020 година. На таа позиција тој помина девет месеци.
Во првата постапка судот одлучи дека клубот на Бобан мора да му плати 5.375.000 евра. Од нив, 4.125.000 евра се за материјална, а 1.250.000 за нематеријална штета, плус камати и ревалоризација и 843 евра трошоци и 51.450 евра за адвокатски трошоци.
Милан се жалеше на таа одлука, а судот во Милано во втората постапка ја намали казната на околу 4.200.000 евра, па Бобан мораше да ја врати разликата во износ од околу 1.200.000 евра.
Бобан ја обжали пресудата, а откако Врховниот суд пресуди во негова корист Милан ќе мора да му ги врати тие 1.200.000 евра.
Извесен период Бобан не се согласуваше со тогашната управа на клубот во кој главен говорник беше Иван Газидис, а потоа се огласи во интервју за „Газета дело Спорт“.
Во интервјуто тој отворено одговори на повеќемесечните гласини дека него, Малдини и тренерот Стефано Пиоли на лето ќе ги наследи еден човек, австрискиот фудбалски стручњак Ралф Рангник, кој на крајот не дојде во клубот туку ја презеде репрезентацијата на Австрија.
„До пред неколку дена мислев дека приказните за две души во клубот се невистинити и покрај разликите во културите, како и разликата во страста околу клубот. Тоа што зборуваме за ова секако не е добро. Најлошото е што овој дестабилизирачки момент се случува сега кога тимот напредува и можете да ја видите напорната работа на Стефано Пиоли. Тоа што не не предуперидија е потез без почит и елеганција. Тоа не е начин на кој се работи во Милан, или барем јас не се сеќавам дека дека така се работело“, остро рече Бобан, поради што доби отказ.
Спорт
Србија за опстанок во А-дивизијата против Австрија, Хрватска против Франција за место на завршниот турнир
Во седиштето на УЕФА во Нион, со ждрепка беа одредени четвртфиналните двојки во Лигата на нации и двојките за опстанок/пласман во А, Б, Ц и Д дивизијата. Натпреварите се во март наредната година, а завршниот турнир во Лигата на нации ќе се одржи во јуни.
Плеј-офот за пласман на завршниот турнир и борба за трофејот во Лигата на нации донесе два класици на европскиот фудбал, во реприза на финалето на СП од 2018 година ќе играат Хрватска и Франција, а нова епизода ќе добие и ривалството меѓу Италија и Германија. Актуелниот европски првак Шпанија за место на завршниот турнир ќе се бори со Холандија, а Португалија за противник ја доби Данска.
Четвртфинални двојки:
Холандија-Шпанија
Хрватска-Франција
Данска-Португалија
Италија-Германија
Полуфинале:
Италија/Германија – Данска/Португалија
Холандија/Шпанија – Хрватска/Франција
Двојки за место во А дивизијата:
Турција-Унгарија
Украина-Белгија
Аустрија-Србија
Грција-Шкотска
Натпреварите за опстанок/пласман во А дивизијата на програмата ќе бидат на 20 и 23 март 2025 година.
Дивизија Б/Ц, двојки:
Косово-Исланд
Бугарија-Република Ирска
Ерменија-Грузија
Словачка-Словенија
Натпреварите за место во Б дивизијата ќе се играат во истиот термин како и натпреварите за место во А дивизијата.
Извлечени се и двојките за местата во Ц дивизијата во Лигата на нации. Повластени беа тимовите кои во овој циклус беа во Ц дивизијата Латвија и Луксембург.
Гибралтар-Латвија
Малта-Луксембург
Натпреварите за место во Ц дивизијата ќе се играат дури во март 2026 година.