Македонија
МЖСПП: Ги интензивираме активностите за чист воздух

Со почетокот на грејната сезона и промента на временските услови се создаваат услови за зголемување на загадувачките честички на воздухот што влијаат врз здравјето на луѓето. Министерството за животна средина и просторно планирање работи во континуитет на реализација на долгорочните мерки за намалување на аерозагадувањето, но оваа година проектира низа дополнителни конкретни активности и ги насочи сите расположиви ресурси во навремено преземање конкретни мерки со кои ќе се постигне поголем ефект во намалување на аерозагаденоста, посочуваат од Министерството.
„Во Министерството е формирана интерна работна група за чист воздух од претставници на сите релеватни сектори од институцијата, која ќе ѝ предложи на Владата акциски план со конкретни краткорочни и долгорочни активности, чија цел е да забрза процесот на постигнување видливи резултати во подобрувањето на квалитетот на воздухот. За квалитетот на воздухот мора сите да преземеме нешто, а Министерството за животна средина и просторно планиарње оваа сезона дејствува поактивно и со предлог-мерки и со мотивирање на разните фактори да се подготват и посериозно да дејствуваат во пресрет на зимската сезона“, дополнуваат од таму и додаваат:
„Направен е план за посета и инспекторирање на индустриските капацитети што поседуваат А-интегрирана еколошка дозвола. Посетите ќе се одвиваат по плански региони во државата, а екипата ќе биде составена од претставници на Државниот инспекторат за животна средина и од Министерството. Целта не е само да се изврши контрола на индустрискот капацитет дали ги исполнува обврските од дозволата, туку и да се влијае на подигање на свеста и подготвеноста на компаниите во пресрет на зимската сезона да преземат и дополнителни мерки со кои би влијаеле позитивно врз квалитетот на воздухот. Министерството за животна средина и просторно планирање апелира до граѓаните и институциите, компаниите и до сите општествени фактори за совесно однесување во однос на начините на затоплување, чистење на оџаците, фрлање на отпадот, палење на депониите, користењето возила, градежните работи на отворено, палењето стрништа и слично, со цел сите заедно да дадеме свој придонес кон обезбедување почиста и поздрава животна средина и подобрување на квалитетот на животот за сите нас. Министерството континуирано ја следи состојбата со квалитетот на воздухот, редовно ги информира граѓаните и ќе преземе и други дополнителни активноси за што јавноста ќе бид навреме информирана“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Со порака дека хероите живеат вечно откриена беше спомен бистата на полицаецот кој загина во дискотеката „Пулс“

Хероите никогаш не умираат, тие живеат вечно и имаат само датум на раѓање, порачаа колегите на полицискиот службеник,Тоше Тодоровски кој загина во пожарот во кочанската дискотеката „Пулс“ на 16 март. Во дворот на Полициската станица во Пробиштип во присуство на семејството на загинатиот полицаец Тодоровски, министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев началници од СВР-Штип беше откриен спомен бистата на полицаецото Тоше Тодоровски кој на 16 март беше на службена должност и загина во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Министерот за внатрешни работи, Тошковски истакна дека споменот ќе остане за полицаецот Тоше Тодоровски од Пробиштип, којшто трагично загина.
-Тоше беше човек, којшто лично немав чест да го запознаам, но од она коешто го говорите сето она, од она што го говорат сите коишто лично го познаваат Тоше е голем човек и бил многу голем човек додека бил меѓу нас, а на жалост Господ-Бог најдобрите ги зема најрано, колку што може, рече Тошковски.
Мартин Ефремов претседателот на Независниот синдикат на полицијата истакна дека со денешниот настан одаваат почит на загинатиот Тоше Тодоровски, а на неговиот татко Винко му порача дека пред шест месеци изгуби син, но какошто рече доби илијадници синови, ќерки, браќа и сестри во униформа, кои секојпат ќе бидат со него и семејството на Тоше.
-Нека оваа биста не потсети дека секој еден од нас можеше да биде на местото на Тоше, исто како и секој еден од нас можеше да биде на местото на било кој еден од осомничените преживеани колеги на трагедијата, коишто денеска по насоки на Јавното обвинителството се без плати, без придонеси и на работ на егзистенција. Колеги на којшто очајно им треба нашата помош, вели Ефремов.
На спомен бистата букети цвеќе положија семејството на Тоше Тодоровски, министерот за внатрешни работи, Тошковски директорот на БЈБ, Јанев, полициски службеници и началници од СВР-Штип.
Македонија
Општина Аеродром од 29 септември почнува голема есенска акција за бесплатно собирање кабаст отпад

Општина Аеродром од 29 септември почнува голема есенска акција за бесплатно собирање кабаст отпад на целата територија на општината што ќе трае до средината на ноември.
Како што наведуваат од Општината, во соработка со ЈП за комунални дејности на Општина Аеродром, на повеќе локации ќе бидат поставени големи контејнери во кои граѓаните ќе можат да го оставаат својот стар и дотраен мебел.
Акцијата ќе почне од населба Мичурин каде што в понеделник и во вторник, 29 и 30 септември, садовите ќе бидат поставени на улица „Анастас Митрев“ зад паркот до трансформаторот и на улица „Венјамин Мачуковски“ до трансформаторот кај Железничка станица. Потоа, в среда и во четврток, 1 и 2 октомври, жителите на Острово, својот кабаст отпад ќе можат да го оставаат на улица „Владимир Комаров“ бр. 9, како и на „Владимир Комаров“ број 16 зад ТЦ „Скопјанка“.
Кабастиот отпад е планирано да се собира речиси до средината на ноември, а жителите за сите локации и датуми можат да се информираат на страницата на општината aerodrom.gov.mk, каде што е објавен планот со точните датуми и локации.
Македонија
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.