Македонија
ССНМ остро ги осудува заканите и обидите за замолчување на новинарите
Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници остро ги осудува денешните закани, заплашувања и обиди за замолчување насочени кон новинарката на „Сакам да кажам“, Соња Колевска-Делевска, и кон новинарот на телевизијата „Телма“, Срѓан Стојанчов.
Новинарот Стојанчов, по објавувањето текст за кандидатурата на Афрона Верзиволи за избор во Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелните услуги, во приватна порака добил сериозни закани и заплашувања проследени со пцости од профилот на извесен Фаик Демири, кој се совпаѓа со името на братот на Адријан Демири, сопруг на Верзиволи, и прв човек на разгранокот на Алијансата за Албанците во Липково. Ваквите закани, особено кога доаѓаат од лица блиски на политички или партиски функционери, се недозволиви и претставуваат сериозен обид за замолчување на новинарите, предизвикуваат несигурност и се сериозен потенцијал за автоцензура.
Во вториот случај новинарката Колевска-Делевска, додека ги извршувала секојдневните работни задачи во Собранието, односно му поставувала прашања на директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски, директно била попречена од пратеникот Драган Ковачки со обвинување дека снима. Иако телефонот на Колевска-Делевска не бил вклучен на снимање (што и не би било чудно за работата на новинар кога поставува прашања), Ковачки продолжил да ја попречува работата и да го извлекува Христовски од разговорот повторувајќи ги обвинувањата.
ССНМ смета дека крајно непрофесионално и недозволиво е избрани лица, кои ги претставуваат граѓаните во Собранието, да се однесуваат на ваков начин со новинарите и тие треба да бидат свесни за потребата од транспарентност и отвореност кон медиумите, а со тоа и кон граѓаните.
Потенцираме дека ваквите навреди и обиди за замолчување новинари се недопустливи во едно демократско општество и се сериозен удар за слободата на медиумите.
ССНМ за овие инциденти ќе ги извести Меѓународната федерација на новинарите и Европската федерација на новинарите, чиј член е.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Петнаесетгодишник претепан пред обложувачница во Скопје
Осумнаесетгодишник ноќеска претепал петнаесетгодишник пред обложувачница во Скопје, а настанот го пријавиле лекарите од Клинички центар.
„Утрово во 06:31 часот во Полициската станица Кисела Вода од Ургентен центар при комплекс клиники ’Мајка Тереза’ во
Скопје е пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди е донесен 15-годишник од Скопје, кој претходно, според пријавеното околу 00:30 часот во обложувачница во Скопје бил физички нападнат од Л.В.(18)“, извести МВР.
Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.
Македонија
Двегодишно дете со тешки телесни повреди од Битола пренесено во Скопје, го нападнале кучиња скитници додека си играло
Лекарите од Клиничката болница во Битола вчера во полиција приавиле дека примиле двегодишно дете со тешки телесни повреди по напад од кучиња скитници.
„Доктор од Клиничка болница Битола пријави дека кај нив со тешки телесни повреди е донесено двегодишно дете од Битола, кое, според пријавеното, додека си играло во близина на семејната куќа во Битола, било нападнато од кучиња скитници. Детето е пренесено во Комплекс клиники ’Мајка Тереза‘ во Скопје“, соопшти МВР.
СВР Битола презема мерки за расчистување на настанот.
Македонија
Измамена 76-годишна битолчанка: се претставил како лекар и ѝ зел 7.000 евра за да ја спаси внуката повредена во сообраќајка
Во полицијата во Битола, 76-годишна жена вчера пријавила дека била измамена за 7.000 евра.
„76-годишна жена од Битола пријави дека била измамена од страна на непознато машко лице, кое и се јавило на телефон и ѝ се претставило како лекар, по што и кажало дека нејзината внука е тешко повредена во сообраќајна несреќа и треба да даде пари за да ѝ го спаси животот. Пријавителката заедно со сопругот однеле 7000 евра и ги дале на едно лице кое, според договорот, ги чекало кај саатот во Битола. Подоцна, пријавителката сфатила дека била измамена односно дека нејзината внука не учествувала во сообраќајна несреќа“, соопшти МВР.
Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.

