Македонија
Претежно облачно, по котлините ќе има услови за појава на магла
Времето денеска ќе биде претежно облачно, по котлините ќе има услови за појава на магла. Претпладне во јужните делови ќе има повремени локални врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 7, а максималната ќе достигне од 5 до 10 степени.
Во Скопје, претежно облачно и тивко со услови за појава на магла. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 10 степени.
До петок времето ќе биде претежно облачно со повремени врнежи со променлив интензитет. Во четврток наместа врнежите ќе бидат пообилни (над 20 л/м2), а поради продор на постудена воздушна маса од север во четврток и петок на планините и на некои повисоки места врнежите ќе бидат од снег и ќе се формира снежна покривка. Ќе дува умерен до засилен северен ветер, особено во петок.
Во деновите од викендот времето ќе биде стабилно со пониски утрински температури.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Јаќимоски: Успешните инвестиции и економските проекти зависат од ефикасна, брза и транспарентна администрација
Заменик-министерот за јавна администрација, Лазе Јаќимоски, денес присуствуваше на бизнис форумот „Дијалог помеѓу бизнис секторот и Владата“, организиран од Владата на РСМ и Стопанската комора на Македонија-Турција (МАТТО).
Во рамки на форумот, тој истакна дека успешните инвестиции и економските проекти зависат од ефикасна, брза и транспарентна администрација, а соработката со бизнис секторот е од суштинско значење за постигнување на овие цели.
Во таа насока, како што беше наведено, министерството активно работи на подобрување на информативните канали, со цел компаниите и инвеститорите да бидат навремено и целосно информирани за сите постапки и можности.
Во согласност со заложбата за модернизација на администрацијата, министерството иницираше Предлог-закон за обука и стручно усовршување на административните работници, кој ќе овозможи континуирана професионална надградба и унапредување на вештините на нашите кадри.
“Веруваме дека само со компетентна и добро обучена администрација можеме да обезбедиме современи и ефикасни јавни услуги.” – истакна заменик-министерот Јаќимоски.
Преку овие реформи и преку блиска соработка со деловната заедница, според Јаќимовски, ќе се создаде подобра и подинамична деловна средина, која ќе ги поттикне инвестициите и ќе придонесе за економскиот развој на земјата.
Македонија
(Видео) Битиќи: Страшно е што јавниот долг ќе достигне 70,8 посто, најголем досега во историјата
Јавниот долг во декември 2023 година беше 58,6 посто, за да сега на 31 декември, ќе имаме 66 посто јавен долг, а ако на тоа ги додадеме неизмерените обврски од единците за локална самоуправа, доаѓаме на јавен долг од 70,8 посто. Еве, држете ме за збор и на 15 јануари ќе зборуваме дали е тоа така или не. Никогаш во историјата на Македонија не сме имале толкав јавен долг. И тоа е страшно, за државата, рече пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи, на денешната Комисија за финансирање на буџет.
„Треба да видиме како ќе се справиме со тоа. Затоа и во фискалната стратегија ова го нема, а ви укажавме. Но, кога ќе ги прочитаме бројките, ако отидете во документот кој е направен од парламентарната буџетска канцеларија на страна 36, во стоки и услуги, стои дека за цели 15 посто во споредба со ребалансот, се зголемуваат материјалите и ситниот инвентар. Тоа се 757 милиони денари. Во договорни услуги, 4,9 милијарди се зголемуваат договорните услуги. Па, тоа е 80 и нешто милиони евра договорни услуги“, рече Битиќи.
Македонија
Герасимовски: Центар е лидер во енергетска трансформација
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски денеска учествуваше на конференцијата „Локална енергија и социо-еколошка агенда“ на која се дискутираше за успесите и предизвиците на локалните енергетски трансформации, за бизнис моделирање на локалниот пазар на енергија, за намалување на енергетската сиромаштија, за вклучување на ранливите граѓани и за зајакнување на заедниците. На оваа конференција, учество зедоа странски експерти од енергетскиот сектор, бизнисот, науката и граѓанските организации од Шпанија, Италија, Чешка, Белгија, Холандија и Северна Македонија.
Во своето излагање, Герасимовски потенцираше дека Општина Центар е препознаена како позитивен пример за социо-еколошка трансформација на локално ниво со имплементирани неколку еколошки проекти.
„Во изминатиот период активно работиме за социо-еколошка агенда и иницијативи што треба да придонесат кон одржливи решенија за подобар живот на сите граѓани. Први отворивме енергетска канцеларија и први во земјава оформивме трговско друштво за продажба и производство на струја „Енергија Центар“. За основањето на трговското друштво добивме награда за најголем придонес кон одржливоста и искористувањето на обновливи извори на енергија. Особено сум горд што постигнавме заштеда од 50% од потрошувачката на електрична енергија со поставените фотоволтаици на покривот на градинката „Раде Јовчевски Корчагин“ во објектот „Пепелашка““, истакна Герасимовски.
Тој посочи дека позитивните искуства од Центар треба да ги имплементираат и останатите колеги градоначалници, затоа што кога граѓаните се во прашање мора да го дадеме максимумот за подобрување на квалитетот на живот.
Во текот на вчерашниот ден, Општина Центар беше домаќин на странските експерти кадешто им беа презентирани позитивните македонски искуства за социо-еколошка трансформација на локално ниво.
Конференцијата е во организација на Македонската платформа против сиромаштија и Фондацијата Фридрих Еберт – Скопје.