Свет
Англиски надбискуп си поднесе оставка по откритието за масовно злоставување на деца во црквата
Надбискупот од Кентербери, Џастин Велби, поднесе оставка, откако се соочи со зголемен притисок да се повлече откако минатата недела беше откриено дека не реагирал доволно ригорозно на извештаите за злоупотреба на деца поврзани со црквата.
Независната ревизија на Кит Макин за злоупотреба на деца и млади од страна на адвокатот Џон Смит беше објавена минатата недела, јавува Би-Би-Си.
Се наведува дека во текот на пет децении во три различни земји дури 130 момчиња и млади мажи во Велика Британија и Африка биле наводно подложени на трауматски физички, сексуални, психички и духовни напади од страна на Џон Смит. Тој трајно им ги одбележа животите со овие ужасни постапки.
По ова следеше изјавата на Џастин Велби за неговата оставка.
„Откако побарав благословена дозвола од Неговото Височество Кралот, решив да се повлечам од функцијата надбискуп на Кентербери.
Извештајот на Макин го откри долгогодишниот молк за ужасните злосторства на Џон Смит.
Кога во 2013 година бев информиран и ми кажаа дека полицијата е информирана, погрешно верував дека ќе следи соодветно решение.
Јасно е дека морам да преземам лична и институционална одговорност за долгиот и ретрауматизирачки период помеѓу 2013 и 2024 година.
Моја должност е да ги исполнам моите уставни и црковни одговорности, така што точниот датум на повлекување ќе биде одреден по прегледот на сите обврски, вклучително и оние во Англија и во рамките на Англиканската заедница.
Се надевам дека оваа одлука покажува колку сериозно Англиската црква ја сфаќа потребата од промени и нашата длабока посветеност за создавање побезбедна црква. Како што се повлекувам, тоа го правам со тага за сите жртви и преживеани од злоупотреба.
Последните неколку дена повторно го разбудија моето долгогодишно и длабоко чувство на срам поради историските неуспеси на Англиската црква во заштитата. Речиси дванаесет години се борев да воведам подобрувања. Другите ќе проценат што е постигнато.
Во меѓувреме, ќе продолжам да се среќавам со жртвите, како што ветив.
Верувам дека повлекувањето е во најдобар интерес на Англиската црква, која длабоко ја сакам и на која ми беше чест да ѝ служам“, вели во изјавата англискиот надбискуп.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Мерц: Секоја земја од ЕУ треба да преземе еднаков дел од ризикот од планираната употреба на замрзнатите руски средства
Германскиот канцелар Фридрих Мерц се залагаше за тоа да се дадат јасни гаранции дека ризиците од планираната употреба на замрзнатите руски државни средства за поддршка на Украина ќе бидат подеднакво распределени меѓу сите земји-членки на Европската Унија.
Во колумна објавена во весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“, Мерц нагласи дека секоја земја треба да преземе „еднаков дел од ризикот во согласност со своите економски капацитети“, објави Ројтерс.
Вчера, Европската комисија презентираше предлог за употреба на замрзнатите руски средства или меѓународно задолжување со цел да се обезбедат 90 милијарди евра за финансирање на воените и основните државни потреби на Украина за време на војната.
Белгија, која го поседува најголемиот дел од овие средства, остана воздржана и посочи на неколку правни проблеми.
Мерц рече дека Белгија не може да се потпира само на политички ветувања и дека заслужува правно обврзувачки гаранции, нагласувајќи дека „не би било прифатливо една земја да носи преголем товар“, пренесува Танјуг.
Фото:ЕПА
Свет
Европскиот комесар за одбрана: Време е Европејците да развијат свој план за Украина
Време е Европејците да престанат слепо да го следат американскиот претседател Доналд Трамп и наместо тоа да создадат свој мировен план за Украина, изјави денес европскиот комесар за одбрана Андријус Кубилијус.
„ЕУ мора да биде независна или барем подготвена да биде силна во геополитичките случувања, вклучително и да има свои планови за тоа како може да се воспостави мир во Украина и да ги дискутира со своите трансатлантски партнери“, изјави Кубилијус за бриселскиот портал „Политико“.
Тој додаде дека нови планови се појавуваат на секои шест месеци и дека има чувство дека Европа чека планови да пристигнат од Вашингтон, нагласувајќи дека плановите треба да дојдат и од Брисел или Берлин.
Европскиот комесар за одбрана истакна дека е „многу важно“ Европа да создаде свој план за завршување на војната за да обезбеди место на преговарачката маса.
„Треба да имаме можност да разговараме за два плана: еден европски и друг, можеби, подготвен од нашите американски пријатели“, додаде тој.
Целта, рече тој, би била да се најде синергија меѓу двата плана и да се постигне најдобар можен исход.
Зборувајќи за одбраната, Кубилијус рече дека Европа секогаш треба да смета на Член 5, осврнувајќи се на одредбата на НАТО за заедничка одбрана.
Сепак, тој истакна дека фокусот на САД на Пацификот „се случува“.
„Прашањето е дали ни се потребни дополнителни безбедносни гаранции и институционални решенија за да бидеме подготвени во случај Член 5 одеднаш да не се спроведе“, рече Кубилијус.
Тој ги спомена и неодамнешните коментари на американскиот амбасадор во НАТО, Метју Витакер, дека Германија би можела да ја преземе највисоката воена позиција во НАТО, наместо да остане во рацете на американски генерал.
Ова „е сигнал дека Американците навистина бараат од нас да се грижиме за европската одбрана“, не само од воен, туку и од институционален аспект, рече Кубилијус, објави Танјуг.
Фото: ЕПА
Свет
„Америка може да нè предаде“: протече разговор меѓу Макрон, Мерц и Зеленски
Европските шефови на држави и влади длабоко не им веруваат на Соединетите Американски Држави кога станува збор за мировни преговори со Русија и Украина, пишуваат светските медиуми. Според белешките од конференцискиот повик до кои дојде „Шпигел“, германскиот канцелар Фридрих Мерц и францускиот претседател Емануел Макрон употребиле остри зборови во разговор со украинскиот претседател Володимир Зеленски и неколку други европски лидери, предупредувајќи дека САД би можеле да ја предадат и Украина и Европа.
Предупредувања од Париз и Берлин
Според белешките од повикот, кој бил воден на англиски јазик, Макрон предупредил на можноста за американско предавство.
„Постои можност САД да ја предадат Украина без јасност во врска со безбедносните гаранции“, рече францускиот претседател, додавајќи дека Зеленски е во „голема опасност“. Прашањето за руските барања за територијални отстапки е една од најчувствителните точки во преговорите.
Германскиот канцелар Мерц му рекол на Зеленски дека мора да биде „многу внимателен“ во наредните денови. „Тие си играат со тебе и со нас“, рекол Мерц, веројатно мислејќи на двајцата американски преговарачи – магнатот за недвижности Стив Виткоф и Џаред Кушнер, зет на американскиот претседател Доналд Трамп.
Недоверба кон пратениците на Трамп
Овие и други изјави запишани во документот сведочат за длабоката недоверба што Европејците ја имаат кон двајца од доверливите луѓе на Трамп. Иако европските лидери постојано ја фалат новата мировна иницијатива на Вашингтон јавно, документот открива дека, освен Мерц и Макрон, и другите учесници во повикот не им веруваат на американските пратеници, според написите.
Фото: ЕПА

