Македонија
Нови сведоштва за убиствата на Вања и Панче: таткото барал да му се прати порака на Илон Маск за да ја најдат преку сателит
Нови сведоци на денешното судско рочиште за убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска и Панче Жежоски.
Прва братучетка на мајката на Вања раскажа дека во времето додека траела потрагата по Вања таа била во нивниот дом за да ѝ даде поддршка на мајката Зорица.
„Од вторникот бев во домот на Зорица. Гледавме снимки со таткото на Вања и тогаш констатиравме дека Вања е земена пред зградата бидејќи не се гледаше како излегува. Потоа во следните денови дојде и пријател на Александар, Гоце, и тој ги гледаше снимките. Во еден момент дојде во дневната, рече го видовме возилото ‘ситроен’ што се бара, а и некој човек. Рече да не е некој педофил, па да ја грабнал.
Таткото Александар беше вознемирен, излегуваше, влегуваше, бараше. Цело време на Зорица ѝ велеше не секирај се, ќе ја најдам. Јас немав многу комуникација со него. Само ми рече да му пратам порака на Илон Маск да ја најде преку сателит, што ми беше чудно, како јас него да го најдам“, рече Маја Спироска.
Била известена и дека Александар испратил порака во родителската вибер-група, а потоа ја избришал.
Не ја видов пораката, но ми кажаа дека напишал, „Вратете го детето, ќе ви дадам пари“, додава братучетката на Зорица.
На првото рочиште обвинетите Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов, како и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски, се произнесоа дека не се чувствуваат виновни.
Вања и велешанецот Панче беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес на 3 декември 2023 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Скопје утрово го сруши рекордот, најзагаден град е во Европа
Скопје утрово се најде на 21. место на најзагадени градови светот и прв во Европа, покажуваат податоците на светскиот сервис на мерење на квалитетот на амбиенталниот воздух „Ај-кју ер“ (IQAir).
Според последните податоци, индексот на загаденост за Скопје во 9 часот изнесува 95, што е во категоријата на средна загаденост.
Од европските градови зад Скопје се Амстердам , Сараево и Белград, додека на светско ниво најзагаден воздух дишат жителите на Лахор (Пакистан), Делхи (Индија) и Карачи (Пакистан).
Министерството за животна средина и просторно планирање завчера издаде препораки до граѓаните за заштита од загадувањето. На сите работодавци и им се препорачува да ги ослободат од работни обврски бремените жени, лицата постари од 60 години, како и граѓаните со хронична астма, прележан срцев удар или мозочен удар, без оглед на возраста. На оние кои мора да работат на отворено им се препорачува смените да им бидат поместени во интервалот од 11 до 17 часот.
Македонија
Татко и син тргувале со марихуана
Основното јавно обвинителство Гевгелија донесе наредба за спроведување истражна постапка против две лица, татко и син од гевгелиското село Богородица, за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“ од член 215 став 1 од Кривичниот законик.
При претрес со судска наредба во домот на осомничениот татко на 17 декември, како што информираат од Обвинителство, биле откриени околу 150 грама марихуана во разни пакувања, семки од канабис, метални и пластични грендери, две дигитални ваги, три бонга, како и шатор со електрична инсталација, светилки, ламби и мерачи на температура кои служеле за претходно производство на наркотична дрога-марихуана.
-Осомничениот син, пак, посредувал во купопродажбата на марихуаната. Дрогата која ја зел од неговиот татко со намера да ја препродаде, ја однел во куќата на дедо му каде престојувал. Кога полициските службеници отишле и таму да вршат претрес, тој ја заклучил влезната врата, наркотичната дрога ја фрлил во ВЦ шолјата и пуштил вода, а се обидел да се ослободи и од дигитална вага со остатоци од дрога, се вели во соопштението од ЈОРСМ.
Бидејќи постојат околности кои го оправдуваат стравот дека осомничените ќе се дадат во бегство или дека ќе ја попречуваат кривичната постапка со влијание врз сведоците на кривичното дело јавниот обвинител до судијата на претходна постапка во Гевгелија доставил предлог за определување мерка куќен притвор, како и дополнителна мерка на претпазливост – привремено одземање на патните исправи.
Македонија
АХВ откри над 2 тони киви со ларви и инсекти кои требало да се продаваат во државава
Поради променети органолептички својства и утврдено присуство на ларви и инсекти, инспектор за храна на Агенцијата за храна и ветеринарство, неделава забрани увоз на 22,3 тони киви наменети за индустриска преработка и издаде решение со наредба за нештетно уништување.
Како што информираат од АХЦ, станува збор за 22.340 килограми од овој вид овошје, увоз од Република Србија, за која пратка, со органолептички преглед од страна на инспектор за храна, утврдено е дека истата не е безбедна за увоз и за понатамошна преработка.
-На увозникот издедено му е решение со наредба за нештетно уништување на спорните количини киви, по добиеното известување од негова страна дека пратката не може да се врати во земјата извозник, стои во соопштението од Агенција за храна и ветеринарство.

