Македонија
(Видео) Тренчевска: Амандманите на СДСМ се за 20 отсто повисоки плати и 10 отсто повисока социјална заштита
„ВМРО ДПМНЕ со предлог Буџетот за 2025 уште еднаш ја покажа безидејноста и незаинтересираноста за интересите на граѓаните и развојот на економијата. Ова е буџет за власта, а не за народот. Нереален, неразвоен и недомаќински, буџет во којшто нема ништо од ветувањата за подобар животен стандард, социјална поддршка, нови инвестиции, развиена економија“, изјави Јована Тренчевска – пратеничка на СДСМ.
„ВМРО ДПМНЕ скори предизборен буџет, буџет кој ќе биде генератор на нови долгови, со планиран дефицит од 4% кој го крши законскиот максимум, со зголемени непродуктивни трошоци, а скратени пари за ставки важни за граѓаните.
Во новата буџетска каса не се планирани средства за зголемување на минималната плата.
Со ова ВМРО ДПМНЕ потврди дека нема намера за нагорна корекција на минималната плата и подобрување на животниот стандард на граѓаните. Ако се анализира поддршка за социјална политика, јасно се гледа дека за следната година власта решила да ги намали средствата за клучни ставки од овој сектор.
Намалени се средствата од 80 милиони денари на 60 милиони денари кои согласно Законот за игри на среќа се трансферираат кон Националните сојузи на инвалидските организации (Сојуз на трудови инвалиди, Сојуз на слепи лица, Сојуз на глуви и наглуви и сл.), кон Црвениот крст и здруженијата за борба против насилство врз жените.
Следната година ќе има помалку пари или речиси ич пари за трансфери кон невладини организации (провајдери) кои ги спроведуваат социјалните услуги кои се однесуваат на обезбедување услуги за помош и нега во домот за старите лица, лица со попреченост, личната асистенција на лица и деца со попреченост и други ранливи категории на граѓани.
ВМРО ДПМНЕ ветуваше за 30% зголемени права од социјална заштита, но и ова ветување не е исполнето во Буџетот за 2025 година. Нема предвидено средства за згоlемување на Гарантирана минимална помош, за правата на лицата со попреченост, за социјалната пензија.
Во делот на капиталните инвестиции за социјална заштита кои се однесуваат на инвестиции за нови дневни центри за лица со попреченост за старечки домови, е планирана сума која нема да биде доволна ниту за реализација на започнатите повеќегодишни инвестиции од 2023 година, а за оние од 2024 нема да има средства ниту за нови капитални инвестиции.
Покрај ова, при планирањето на новиот Буџет, власта не водела сметка ниту за изградба на нови градиники- следна година очигледно нема да се градат нови градинки.
СДСМ нема да гласа за буџет кој не ги застапува интересите на граѓаните. Затоа поднесовме 200 амандмани, со кои нудиме конкретни решенија за подобар животен стандард, повисока поддршка за социјална политика, за развиена економија. Со нашите амандмани предлагаме зголемување на платите во јавниот сектор и спроведување на обврските од Општиот колективен договор, односно поголеми плати за сите вработени во јавниот сектор.
Потоа предлагаме 2 милиони поддршка за Сојузот на борци, тоа им го должиме на оние кои се избориле за слободата што ја живееме денес. Со нашите амандмани предлагаме да се издвојат 995.490.000 денари за 10% повисок месечен надоместок за социјална заштита, а капитални инвестиции од областа на социјална заштита 88 милиони денари.
Ова се амандмани кои преставуваат вистинска грижа за граѓаните, особено за ранливите категории и ќе придонесат за социјален напредок.СДСМ активно ќе учествува во расправата за Буџетот, но цврсто ќе ги браниме нашите позиции, затоа што граѓаните заслужуваат да живеат во развиена и напредна држава со подобар животен стандард“, соопшти Јована Тренчевска – пратеничка на СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Средба Мицкоски-Зеленски: Само праведен мир носи стабилност
Премиерот Христијан Мицкоски во Минхен оствари средба со претседателот на Украина, Володимир Зеленски, со кого, како што објави, разговарале за актуелните безбедносни предизвици во Европа, за потребата од единство и солидарност, но пред сè, за праведен мир.

– Веруваме дека мирот мора да биде изграден врз правда, почитување на достоинството на народите. Само таков мир носи стабилност и сигурна иднина за Европа, напиша Мицкоски во објава на Фејсбук.

Мицкоски и Зеленски разговарале и за продлабочување на соработката, економска размена и поддршка во процесите за напредок на државите.

– Напредокот е можен кога има визија, храброст и јасна определба. Македонија ќе продолжи да биде глас на разумот, партнер на стабилноста и поддржувач на праведниот мир, порачува Мицкоски.

На вториот ден од 62-та Минхенска безбедносна конференција Мицкоски оствари средби со Ричард Гренел, специјален пратеник на претседателот на САД Доналд Трамп за специјални мисии, со холандскиот премиер Дик Схоф, со Џаред Коен, претседател за глобални прашања и ко-раководител на Глобалниот институт Голдман Сакс и со Тед Дојч од Американско-еврејскиот комитет.
Македонија
Пациенти со хемофилија со месеци без „фактор 8“, се бара одговор од МЗ
Од Левица велат дека пациентите со хемофилија повеќе од шест месеци се без неопходниот лек „фактор 8“ поради нераспишан тендер, што, според нив, ги доведува во сериозна здравствена состојба.
Пратеничката Јована Мојсоска преку социјалните мрежи се обрати до министерот за здравство Азир Алиу и директорот на Институтот за трансфузиона медицина Амир Елези, потсетувајќи дека на седница за пратенички прашања било најавено дека лекот ќе биде обезбеден.
Според неа, пациентите со хемофилија живеат во тешки услови додека го чекаат лекот, а добила и повик од лице кое подолг период е врзано за кревет поради недостиг од терапија.
Мојсоска прашува кој ќе сноси одговорност доколку настанат сериозни последици по здравјето на пациентите поради пролонгирањето на постапката.
Македонија
Трипуновски: Нема кратење на субвенции, но приоритет ќе добијат вистинските земјоделци
Нема кратење на субвенции, но приоритет ќе добијат вистинските земјоделци што егзистираат од земјоделство. Вака одговори денеска министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски, на новинарско прашање, по закројувањето винова лоза во Кавадарци, во чест на празникот Свети Трифун, што се смета за заштитник на лозарите и винарите.

На новинарско прашање околу реакцијата дека годинава субвенции ќе добиваат лозари со над пет декари лозје, министерот одговори дека нема кратење на субвенции.
– Имаме сериозна и навремена поддршка и реформи во земјоделскиот сектор, што ќе значат сериозно зголемување на продукцијата. Она што е новина можеби во програмата за 2026 година, е, јасната распределба. Приоритет ќе добијат вистинските земјоделци, што егзистираат од тоа. Во изминатите години се воочени таканаречени ловци на субвенции, кои не обработуваат земјоделски површини, а сакаат да бидат корисници на субвенции. Ова сметам дека не е ниту фер кон вистинските земјоделци, ниту пак е законски. Затоа оваа година најавуваме дека ќе имаме сериозна контрола на терен, за парите да завршат кај вистинските лозари, земјоделци, што се многу важни за економијата и руралната средина, појасни министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Во новата програма се предвидувало, минималната површина да биде 0.5 хектари, за да се биде корисник на земјоделски субвенции. Трипуновски подвлече дека земјоделството е еден од приоритетите.
Запрашан кога ќе бидат одблокирани средствата од ИПАРД програмата, тој рече дека платежната агенција со новиот менаџерски тим, работела на отстранување на сите забелешки што биле нотирани и оти се очекува многу бргу агенцијата да почне нормално да функционира. Агенцијата, посочува тој, и сега работи нормално, со тековните плаќања во делот на субвенции и во врска со ИПАРД апликации.
На новинарско прашање, тој информираше дека за оваа година, веднаш по носењето на програмата, традиционално пред овој празник, вчера биле исплатени субвенциите кон лозарите. На над 12 500 лозари, исплатени биле речиси осум милиони евра. На почеток на наредна недела, најавува исплата на субвенците и за овоштарите.
Трипуновски уверува дека навремено се исплаќаат и ќе се исплаќаат сите субвенции.
Министерот рече дека на денешниот празник ја негуваме традицијата и културата во делот на една од нашите најдобри и најголеми земјоделски култури, лозаропроизводството. Им оддаваме почит на нашите лозари кои произведуваат квалитетно грозје, а нашите винарски визби прават квалитетно вино, коешто е наш амбасадор.
– Како Влада и Министерство остануваме посветени да ја поддржуваме оваа гранка и да ја развиваме оваа битна земјоделска култура, истакна министерот за земјоделство.
Во најголемиот лозаровинарски регион во државата, посака здравје и бериќет, а трудот на земјоделците да биде вреднуван.

