Култура
Зоран Спасов-Ѕоф: Ако не се расплачеш или насмееш читајќи ја „И јас сум Сирма“, не си човек!

„И јас сум Сирма“ не е роман, туку нешто меѓу сага и еп. Тоа е приказна што ќе ве натера да плачете, да мразите и да се смеете… книга што никого нема да остави рамнодушен.
Со овие зборови вчеравечер (14 ноември) во преполниот Младинскиот културен центар – Скопје беше претставен новиот и досега најсложен и најсериозен роман на популарниот автор Зоран Спасов-Sоф – „И јас сум Сирма“. Кон книгата, која е во издание на „Попули“, дел од „Арс ламина – публикации“, се осврнаа промоторката Татјана Алексиќ и уредничката Татјана Димовска-Атанасова.
Ова е петта книга на Зоран Спасов-Sоф во издание на „Арс ламина“ по хит-книгите „Тито, мојот претпоследен херој“, „Торонто експрес“, „Џабе живиш у Скопје“ и „Цепај сине: пошто џабе живиш у Македонија“. Во своето обраќање Ѕоф истакна дека Сирма е всушност симбол за Македонија, а „И јас сум Сирма“ е приказна за Македонија.
„Сирма напати ме потсетува на некого: на мајка ти, баба ти, на мајка ми… но најмногу од сè ми личи на Македонија. Двете делат иста судбина со секој здив, со секој збор, со секоја реченица. Не ја познавам лично, но имам чувство дека цело време е тука некаде, на дофат… Книгата има многу слоеви. Има многу пораки меѓу редови и многу ликови. Една од ретките книги каде што на едно место ги има Страшо Пинџур, Нострадамус, Невена Георгиева-Дуња, Данте Алигери, Ибе Паликуќа и други… и се сместени на местото на кое припаѓаат. Еден од рецензентите на книгата ме праша како успеав една долга историја од 3.000 страници да ја спакувам во 200… Но, книгата е проследена и со веб-страницата ijassumsirma.mk, каде што се објавени рецензиите и сите материјали поврзани со неа, а има и проверка на фактите во книгата. Факти што не му се познати на Македонецот. Ќе се зачудат читателите како јас некои луѓе, кои се антихерои, ги носам на пиедестал како големи Македонци, а имам и некои „величини“ што малку ги имам намалено… Во книгата ве чекаат многу изненадувања – пријатни и непријатни, ако не се расплачеш, не си човек и ако не се намееш – пак не си човек… така ја пишував, со смеа и солзи“, рече Ѕоф.
Одамна имал желба да напише книга за Сирма Војвода, која ја смета за олицетворение на непокор, рамо до рамо со Роза Луксембург, Клара Цеткин или Милунка Савиќ. Според него, Сирма е трагичен лик, со трагична судбина, како што е трагична судбината на Македонија.
Уредничката на книгата Татјана Димовска-Атанасова истакна дека „И јас сум Сирма“ е најамбициозното дело на Зоран Спасов-Ѕоф досега. Станува збор за своевиден книжевен експеримент, што може да се перципира како хибрид, фрагментарен роман или, пак, како збирка раскази, што може да се читаат засебно и без одреден редослед. Жанровски е ситуиран како историска фикција со примеси на драма, политички трилер, сатира, магичен реализам и дистопија.
„Она што најпрецизно би ја дефинирало оваа книга е книжевен пачворк. Авторот зема парчиња од нашата историја, од сосем разни временски контексти и педантно ги пришива едно за друго, со една заедничка нишка – ликот на Сирма Војвода. Навидум неповрзани меѓу себе, приказните во романот се слеваат во еден вид наративен кластер кон центарот на романот – Сирма. Користејќи се со социјални типови, преместување на перспективата, инверзија и иронија, Ѕоф ги карикира колективните митови, си поигрува и се пресметува со стереотипите и со сето она што е типично за ова општествено-политичко и историско милје. Романот е импресивна вивисекција на македонскиот дух прикажана преку внатрешна и надворешна фокализација на главната херојка Сирма, која авторот ја издига на ниво на митолошка парадигма – синоним за сила, истрајност, храброст, бескомпромисност, но, пред сè, синоним за Македонија“, рече Димовска-Атанасова.
Промоторката на книгата Татјана Алексиќ рече дека „сите ние, помалку или повеќе, сме Сирма“.
„Мерак ми е што вечерва и јас сум Сирма! Сите ние сме Сирма. Ова не е омаж за Сирма, туку женски родослов… Сите ние, помалку или повеќе, сме Сирма, и треба да ѝ се поклониме, како што Sоф, писател и женољубец, со култ кон македонската жена, им се поклони – оживувајќи ја Сирма во еден современ роман – сага, приказна во приказна, затоа што сите живи суштества се раѓаат со инстинкт за преживување. Пајаците, за да преживеат, ткаат мрежи. Луѓето, за да преживеат, ткаат приказни. За нас, нема ништо поважно од овие приказни, што би рекол генијалниот Горан Стефановски, со кого нашиот ткаач на приказни, Sоф, го почнува второто поглавје на романот ‘И јас сум Сирма’. Можете да го читате романот од напред, од средина, а и од назад… како Хазарски речник. Хронологијата нема свој крај во романот, како ни идеологијата на Сирма. Да напишеш ваков роман фикција, фузија од историски факти и митови, среќа и горчина, реалност и фантазија, треба да си начитан, наслушан, нагледан, нашетан и наигран. Да си доообар играч на полето (терен) на културата. Не мора да си најаден и напиен затоа што испишаните страници се храна и вино. Дегустаторите на романот ‘И јас сум Сирма’ ќе имаат сервирана богата трпеза на пикантерии од далечното минато, поблиското минато и блиската иднина, без да почувствуваат дека се во сегашноста, качени на временската машина ала автобусот од филмот ‘Ко то тамо пева’“, рече Алексиќ
Специјална гостинка на настанот беше младата актерка Јована Спасиќ, која беше во улога на Сирма. Со доза на драматичност, хумор и сарказам таа ја оживеа Сирма на бината во денсинг-салата на МКЦ претставувајќи ја истовремено нејзината храброст и сила, но и нежност и убавина. По промоцијата, забавата продолжи со настап на „Сирма рокенрол-бенд“, кој изведе познати рок и поп-нумери од домашната и светската сцена.
Како што беше случајот со претходните книги, така и со новата – заработката од продажбата на „И јас сум Сирма“, Ѕоф ќе ја донира во хумани цели. Вчера, на Детската клиника во Скопје беше отворена библиотеката „Соба на бајките“ – донација на Зоран Спасов-Ѕоф и „Арс ламина“. Библиотеката е направена и опремена со средства од продажбата на претходната хит-книга на Ѕоф – „Цепај сине: пошто џабе живиш у Македонија“. Во библиотеката се застапени 100-ина книги за деца, сликовници, читанки и лектири на македонски и на албански јазик. Со оваа донација Ѕоф и „Арс ламина“ ја продолжуваат заедничката мисија да им помогнат на најранливите категории, особено на децата.
Книгата „И јас сум Сирма“ веќе е достапна во книжарниците „Литература.мк“ и онлајн преку www.literatura.mk.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Лазар Ристовски, лауреат на фестивалот „Преку езерото“: наградата „Мето Јовановски“ е значајна бидејќи носи име на еден голем актер

Лазар Ристовски, годинешниот лауреат на наградата „Мето Јовановски“, што ја доделува фестивалот на балкански и медитерански филм „Преку езерото“, денеска на прес-конференција изрази благодарност за високотo признание и жалење што никогаш не работел на проект заедно со Мето Јовановски, чие име ја носи наградата што му ја додели фестивалот.
„Роден сум во Војводина, татко ми е од Мариово. Оваа награда е и голема и значајна бидејќи носи име на еден голем актер, Мето Јовановски, кого го познавав, со кој бев пријател, но никогаш не сум играл со него во ист проект. И жалам поради тоа. Почестен сум и среќен што сум во Македонија на овој мошне интересен и оригинално конципиран фестивал ‘Преку езерото’“, истакна лауреатот.
Во поглед на процесот на работа истакна дека секогаш го интересирал токму самиот процес, каде што секогаш давал сѐ од себе.
„Кога ќе дојде премиера, црвен килим, тука не се чувствувам пријатно и не се оптоварувам со тоа. Кога бев помлад – да, но како што поминував сѐ повеќе време во оваа работа, а еве веќе 50 години работам како актер, режисер и продуцент, сѐ она што доаѓа потоа не ме интересира“, рече Ристовски.
Вели дека во овие 50 години глумата била негов живот.
„Актерството е многу тешка професија, бидејќи наша алатка е нашето тело и нашата психа и разликата меѓу актерите се состои во тоа колку се храбри да ископаат во себе по својата психа. Оние кои се храбри да копаат подлабоко, пожестоко- тие се поголеми актери. Тоа не значи дека тоа ќе се види на нивните лица, некој глуми лесно, без оглед колку копал во себе и што се нашол. На некои актерски имиња тоа се гледа во смисла на напор и грч, има актери кои се потат, има некои кои лесно минуваат низ тоа… Јас сум некаде помеѓу- не се потев премногу, но доживував тежок процес, Во последно време малку глумам, но и немав некои понуди кои би ме мотивирале. Имав среќа да работам со некои што се светска елита и во театар и на филм, така што таквите актерски предизвици ги поминав, бидејќи актерот глуми најмногу за режисерот, тој му е огледало додека ја работи својата работа и во театар додека траат пробите, актерот со едно око гледа во режисерот како реагира“, раскажа Ристовски.
Првпат во животот ќе одржи мастер-клас токму на фестивалот „Преку езерото“ во Дојран.
„На фестивалот ќе одржам мастер-клас првпат во мојот живот. Никогаш не сум сакал никому да му солам памет или да држам предавања и затоа никогаш не сакав да бидам професор по глума. Јас како ученик и во основно, и во средно училиште, и на факултет никогаш целосно не им верував на професорите. Секогаш наоѓав некое поинакво мислење, секогаш бев критичен и често поради тоа ме бркаа од часовите. И сега јас како таков некому да давам памет не ми одеше и затоа не се занимавав со педагошка работа“, рече Ристовски.
Лазар Ристовски има одиграно повеќе од седумдесет улоги на филм и телевизија, во сите жанрови, на сите јазици на некогашната заедничка земја.
„Играше на српски, играше на англиски, на француски, на германски, a во филмот `Бело одело`, иако сите знаеме дека пишува `Не нагињи се кроз прозор`, тој висеше од надворешната страна на возот во движење се додека на сто јазици не кажа `Те сакам`! Во Македонија играше на македонски во филмовите `Јазол` и `Збогум на дваесеттиот век`. Но, она што е поважно е дека Лазар Ристовски во сите свои карактери играше со јазикот на љубовта, играше на јазикот на среќата, играше на јазикот на тагата, играше на јазикот на надежта, за сите разбирлив како универзален јазик на уметноста на филмот“.
Му благодрам на мајсторот на филмот Лазар Ристовски, кој со своето актерско, но и човечко достигнување, направи во светот на филмот соништата на илјадници деца, илјадници тинејџери, илјадници студенти, а подоцна илјадници филмаџии по овие балкански и медитерански светови на сонот да создаваат свет составен од приказни за тоа како се расте, како се живее, како се страда, како се љуби, и како се создава свет на идеали, свет на совршената причина да постоиме и да создаваме свои соништа во форма на подвижни слики! Нека му е честита наградата `Мето Јовановски` за високо актерско достигнување во уметноста на филмот“, рече на денешната прес-конференција Јани Бојаџи, директорот на фестивалот „Преку езерото“.
Култура
Снимањето на новата серија на „Ејч-би-о“ било толку трауматично што студиото платило терапија за филмската екипа

Бруталното силување и убиство на четири тинејџерки во Остин, Тексас, во 1991 година е тема на новата документарна серија на HBO „Убиства во продавница за јогурт“, во режија на Маргарет Браун.
Иако Браун веќе била запознаена со случајот, идејата за серијата во четири дела дошла од актерката Ема Стоун и нејзиниот сопруг Дејв МекКери, кои го предложиле проектот на продуцентската куќа A24. Браун работела на серијата повеќе од три години, собирајќи сведоштва од истражители и родители и браќа и сестри на жртвите.
Работата на толку тешка тема имала длабоко емоционално влијание врз филмската екипа. Браун, која имала искуство со трауматски приказни, признава дека не била подготвена за емоционалната тежина на случајот:
„Бев преплашена. Не знаев колку разговорите со семејствата ќе ме погодат. Ако мене ми беше тешко, што е со нив?“
Режисерката успеала да собере архивски снимки претходно подготвени од други документаристи. Снимките на документаристката Клер Хуи, која се откажала од снимањето на свој документарец бидејќи приказната ја скршила емоционално, биле особено вредни. Меѓу тие материјали е интервјуто со Роберт Спрингстин, еден од осудениците кој бил затворен откако дал лажно признание.
„Без тие снимки, серијата не би била иста“, нагласи Браун.
Поради исклучително тешката содржина, било одлучено да не се прикажуваат слики од местото на злосторството.
„Ми рекоа: Никогаш не гледај во нив. Беа толку ужасни што го трауматизираа и уредничкиот тим“, се присети режисерката.
Емоционалниот притисок бил толку голем што студиото А24 обезбедило терапија за сите членови на тимот. Браун заклучува: „Иако темата беше мрачна, филмот покажа како семејствата се справуваат со загубата“
Култура
Дајте му Оскар додека сè уште знае кој е: семејството на Брус Вилис бара награда за актерот додека е жив

Брус Вилис беше еден од најпрепознатливите и најсакани актери во Холивуд во последните неколку децении.
Неговата кариера опфаќа разновидни жанрови – од напнати трилери и незаборавни акциони класици, до емотивни драми кои оставија длабока трага во филмската историја. Но, додека здравјето на 69-годишниот актер се влошува со брзо темпо, неговите најблиски сè погласно бараат неговото филмско наследство да биде официјално признато – додека уште може да го доживее тоа.
На чело на оваа тивка, но решителна борба за признание стои Деми Мур – поранешната сопруга на Брус Вилис и мајка на нивните три деца. Заедно со ќерките, веќе со години се обидува да ја убеди Американската академија за филмска уметност и наука да му додели почесен Оскар. Според извори блиски до семејството, фрустрацијата расте бидејќи, и покрај неговиот огромен придонес кон современата кинематографија, признание сè уште изостанува – признание кое, според нив, одамна му припаѓа.
„И таа и девојките веруваат дека придонесот на Брус за модерниот филм е неспорен. Сите знаат дека одамна заслужи таква чест, а времето истекува“, изјавил неименуван извор.
Она што ја прави оваа иницијатива уште поважна е здравствената состојба на Вилис. Во февруари 2023 година, неговото семејство објави дека му е дијагностицирана фронтотемпорална деменција – прогресивна и неизлечива болест која влијае на говорот, однесувањето и когнитивните функции. Претходно му беше дијагностицирана и афазија, што значително ја ограничуваше неговата способност за понатамошна работа.
По овие дијагнози, Брус се повлече од светот на филмот. Неговата последна улога беше во 2023 година, во филмот „Assassin“, каде што го играше шефот на воена корпорација. Иако повеќе не се појавува на филмски сетови, неговото име и понатаму е синоним за акциониот жанр, во кој беше пионер и еден од највлијателните актери.
Поретко, но болно, се појавува споредба со други холивудски великани, што дополнително ја засилува горчината кај семејството. Кога, на пример, Том Круз и Семјуел Л. Џексон добија почесни Оскари, семејството на Вилис не можеше да го сокрие чувството на неправда.
„Секако, Том има со што да се гордее – го врати народот во кино со ‘Top Gun: Maverick’, но Брус е подеднакво важен за историјата на акциониот филм. И тој има снимено класики“, вели изворот.
Тој додава дека е неправедно што Академијата годинава одлучила да ги награди оние што сè уште се активни, додека Брус, не по своја волја, е принуден да се повлече поради сериозна болест.
„Академијата згреши што ја истакна заслугата на Том, но не и на Брус. Тоа само го зголемува притисокот врз семејството да преземе нешто додека сè уште има време“, додава изворот.
Деми Мур и Брус Вилис беа во брак 13 години, но останаа блиски и по разводот. Нивната семејна динамика со години се истакнува како пример за пријателство и заемна почит. И додека Деми денес ужива во критичкиот успех на нејзиниот филм „Субстанца“, нејзината лична амбиција не го засенува она што го смета за своја мисија – поранешниот сопруг да биде овековечен додека е сè уште жив.