Македонија
Меџити: Невладините организации, значајни партнери во заштита на животната средина
Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити учествуваше на годишната конференција на граѓански организации на тема “Соработката помеѓу Владата и граѓанското општество”, организиран од националниот форум на Цивика Мобилитас.
На тематска дискусија со министри во Владата, грантистите на програмата Цивика Мобилитас, поставуваа прашања според тематските приоритети и надлежности по ресори. На прашањето за политиките на Владата за унапредување на меѓуетничките односи во државата Меџити истакна: „Во овие први месеци по промената на власта кога сеуште трае процесот на транзиција, се создаде впечаток дека меѓуетничките односи се нарушени. Сакам да бидам јасен: мултиетничноста е реалност на нашата држава, со неа живееме, твориме, дејствуваме. И во многу постари и поразвиени демократии од нашата, сеуште постојат предизвици кон основните постулати врз кои почива државата и таквите предизвици ќе продолжат да постојат. Тоа е така затоа што станува збор за демократија, за постоење на различно мислење, за можност за изразување на истото“ и додаде дека она што е битно е да се сочува умереноста во мнозинството, а екстремистите кои се на маргините отсекогаш ги имало и ќе ги има.
Во однос на секторските политики во животната средина, акцентот невладините организации го ставија на состојбата со природните езера, Охридското и Преспанското, за што Меџити информираше дека Нацрт Закон за прогласување на Охридското Езеро за споменик на природата и Предлог Законот за прогласување на Студенчишко блато во Охрид за заштитено подрачје во категорија IV парк на природата се вратени во почетна фаза од страна на собраниската комисија надлежна за заштита на животна средина, заради дополнителна доработка на предлог законите, со цел изнаоѓање на поквалитетни решенија во однос на заштитата на Охридскиот регион и неговото исклучително универзално природно добро.
Во однос на исполнувањто на препораките на мисијата на УНЕСКО за заштитеното подрачје Охрид, тој истакна дека постапувајќи по Одлуката на Комитетот за светско наследство од Ријад, надлежните институции, вклучувајки го и Министерството за животна средина и просторно планирање, ги спроведуваат препораките од Комитетот за светско наследство со цел намалување и отстранување на факторите кои негативно влијаат на квалитетот на животот на нашите граѓани.
„Визија споделена меѓу сите учесници“, рече Меџити „е да се зачува исклучителната универзална вредност на доброто, препораките од Комитетот за светско наследство при УНЕСКО кои силно инсистираa државите членки да ги имплементираат итните мерки за да се нагласат постојните закани и да се спречи појавата на нови закани кои би влијаеле врз исклучителната универзална вредност“.
Исто така, Меџити сподели информации за степенот на имплементација на регионалниот систем за управување со отпад по региони, како и пречистителната станица за отпадни води во Скопје.
„ Во моментот се во тек подготвителните работи и се прават дизајни. Очекуваме дека градежните работи за пречистителната станица Скопје ќе започнат до крајот на годинава. Согласно договорот за градба, изградбата трае три години и дополнителни две години период на пробна работа. Доколку сите активности се одвиваат согласно предвидената динамика и рокови, пречистителната станица за отпадни води за Скопје ќе биде во функција во 2030 година“ информираше Меџити.
Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Меџити се заблагодари на амбасадорката на Швајцарската Конфедерација во Република Северна Македонија, Вероник Улман, која е покровител на настанот и на организаторот Александар Кржаловски од тимот на Цивика Мобилитас, нагласувајќи дека очекува добра соработка со еколошките невладини организации како партнери кон заштитата на природата и нејзината одржливост.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Срушена дивоградба во Јурумлери, инспекции во Општина Гази Баба
Градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, информира дека во Јурумлери на ул. 9 е отстранета дивоградба по постапување на општинската инспекција и донесено решение за рушење.
Сопственикот постапил по решението и сам ја отстранил дивоградбата.
Градоначалникот најави дека инспекциите се на терен и вели дека нема да дозволи диво градење и непочитување на прописите.
„Ставаме ред и почитување на Законот за градење. Инспекциските служби континуирано се на терен и постапуваат таму каде што има неправилности. Нема да дозволиме диво градење и непочитување на прописите“, вели Стефковски.
Тој упати апел до сите граѓани да го почитуваат Законот за градење.
Македонија
(Видео) По барањето за извинување од „Пирамид билдинг солушнс“, СДСМ тврди: Сè е јавно достапно
Откако компанијата „Пирамид билдинг солушнс“ побара извинување од СДСМ, од опозициската партија велат: „Тоа што АКТ го објави се факти, аргументи и докази. Станува збор за 51 тендер во општините, во вредност од 16 милиони евра, и сите податоци се јавно достапни.
Петар Огњеновиќ рече дека фирмата може да се обрати до Јавното обвинителство и од таму да бара извинување.
СДСМ прашува дали е спорен мандатот на Доновски како член на избирачки одбор од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и дали станува збор за клевета или за факти што, како што тврдат, укажуваат на тендерски шеми.
Според СДСМ, сопругата на Доновски е сопственичка на три фирми, а една од нив, „Аксес инженеринг груп ДОО увоз-извоз Скопје“, е основана во 2019 година со Филип Гулевски, кој подоцна станал сопственик и на „Аксес констракшн груп увоз-извоз Скопје“.
СДСМ тврди дека оваа фирма на 4 декември 2025 година добила тендер од 1,1 милион евра за спортски сали во Крушево и Аеродром, доделeн од Министерството за спорт.
Од партијата порачуваат дека Антикорупцискиот тим ќе продолжи со јавно објавување на информации и докази, наведувајќи дека, според нив, „работата не е завршена“.
Македонија
Општина Аеродром објави оглас за давање под закуп покриен шанк во паркот „Авионче“
Општина Аеродром објави оглас за давање под закуп на урбана опрема – покриен шанк, по пат на електронско јавно наддавање, што ќе се спроведе преку електронскиот систем www.e-stvari.mk.
Предметот на закуп е покриен шанк со вкупна површина од 118,76 квадратни метри, лоциран во паркот „Авионче“ во Ново Лисиче. Објектот располага со кафе-бар, кујна, тоалети, тераса и помошни простории и се дава под закуп за период од пет години.
Рокот за поднесување пријави е до 13 февруари 2026 година, а електронското јавно наддавање ќе се одржи на 16 февруари 2026 година.
Како дел од посебните услови, најповолниот понудувач ќе има обврска во рок од 90 дена да постави детско игралиште со реквизити во паркот, да обезбеди редовно одржување на просторот, јавен пристап до тоалетите, систем за управување со отпад и 24-часовна чуварска служба.
„Со оваа постапка продолжуваме со транспарентно управување со јавниот простор, унапредување на парковската инфраструктура и создавање подобри услови за граѓаните, како и поддршка на локалниот бизнис сектор“, велат од Општина Аеродром.
Целосната документација и условите за учество се достапни на www.e-stvari.mk и на официјалната веб-страница на Општина Аеродром, односно на следниов линк: https://sn.rs/rvpmd.

