Македонија
Следејќи ја локацијата на телефонски повик, спасувачите пронајдоа исчезнато лице во Маврово
Регионалниот ЦУК Тетово, известува дека во 17.58 часот на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК е добиена пријава за изгубено лице над Галичките терени во Маврово (Општина Маврово – Ростуше).
Од страна на РЦУК Тетово веднаш е остварен контакт со пријавителката како и со ПС Маврово од каде добиле информација дека екипи од ПС Маврово, ПС Ростуше и од Национален парк „Маврово“ се упатени на терен, односно на локацијата каде што е евидентиран последниот телефонски повик од изгубеното лице.
По кратко време, односно околу 18:45 часот во Регионалниот ЦУК Тетово е добиена информација дека лицето е пронајдено и дека е во добра општа состојба.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Меѓувладина седница на македонската и косовската Влада, земјите остануваат силно посветени на одбранбената соработка која е столб на регионалната безбедност
Министерот за одбрана Владо Мисајловски денеска (18 ноември) во Приштина за време на меѓувладината седница помеѓу македонската и косовската Влада предводена од премиерите Христијан Мицкоски и Албин Курти разговараше со неговиот косовски колега, Ејуп Маќедонци, со кого ја потврдија намерата на двете земји за продлабочување на одбранбената соработка. Министрите Мисајловски и Маќедонци истакнаа дека регионалната стабилност и безбедност е приоритет за двете Влади.
„Нашата држава е активен и посветен НАТО сојузник чиј приоритет е регионалната стабилност и безбедност. Македонската Армија веќе четири години дава свој придонес во НАТО мисијата КФОР на Косово што е доказ дека регионот и неговата сигурност за нас се од исклучително значење“, рече Мисајловски.
Министерот Маќедонци се заблагодари за отвореноста на македонското Министерство за одбрана и министерот Мисајловски за континуирано унапредување на билатералната соработка и додаде дека таа е клучна за одржување и зацврстување на безбедноста на целиот регион.
Двете земји во областа на одбраната соработуваат од 2010 година, кога е потпишан првиот Меморандум за соработка. Согласно годишните планови за одбранбена соработка, таа се реализира во доменот на обуките на армискиот полигон „Криволак“, военото образование, одбранбената политика, медицинската обука, справувањето со дезинформации и сл.
За време на денешната меѓувладина седница беа потпишани протоколи и меморандуми за соработка во три области – меморандум за енергетика, рударство и минерални суровини; протокол за спроведување на Договорот за заеднички гранични премини „Блаце – Елез Хан“ и „Јажинце-Глобочица“; и меморандум разбирање и соработка меѓу Министерството за образование и наука на Македонија и Министерството за образование, наука, технологија и иновации на Косово.
Македонија
Тошковски: Потпишан протокол за заеднички гранични премини со Косово, чекор сме поблизу во имплементација на One Stop Shop концептот
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска учествуваше на заедничката меѓувладина седница со Владата на Република Косово која се одржа во Приштина.
На оваа седница се потпиша протокол за спроведување на Договорот за заеднички гранични премини Блаце – Елез Хан и Јажинце – Глобочица.
„Со ова направен е уште еден значаен чекор кон целосна имплементација на концептот „One Stop Shop,“ кој ќе овозможи побрз, поедноставен и поефикасен проток на патници и стоки. Овој систем ќе го скрати времето на чекање на границите и ќе придонесе за подобро поврзување и олеснување на движењето помеѓу нашите две земји.“, истакна министерот Тошковски.
Министерот Тошковски во рамките на седницата имаше можност да оствари разговор со министерот за внатрешни работи на Косово, Џелал Свечла на кој се разговараше за наредните конкретни чекори потребни за имплементација на „One Stop Shop“ на овие гранични премини.
Македонија
Мицкоски од Косово: Договоривме конкретни чекори, кои ќе придонесат за подобрување на транспортните и енергетските врски
„Нашата средба беше исклучително продуктивна и исполнета со отворен и искрен дијалог, што е од клучно значење за понатамошното зајакнување на односите помеѓу двете земји. Разговаравме за широк спектар на прашања од заеднички интерес, вклучувајќи економска соработка, зголемување на трговската размена, инфраструктурни проекти и заеднички напори за обезбедување регионална стабилност и безбедност. Договоривме конкретни чекори и иницијативи кои ќе придонесат за подобрување на транспортните и енергетските врски, што ќе има позитивно влијание врз економскиот развој и напредокот на земјите во регионот“, рече македонскиот премиер Христијан Мицкоски на заедничката прес-конференција со косовскиот премиер, Аљбин Курти.
Мицкоски посочи „Веруваме дека инвестирањето во овие области е инвестирање во нашата заедничка иднина. Дискутиравме и за важноста на евроатлантските интеграции, заедничката посветеност кон европските вредности и стандарди. Убедени сме дека иднината на Западен Балкан е во Европската Унија и НАТО, и дека преку заеднички напори можеме да ги надминеме предизвиците и обезбедиме просперитет и стабилност за нашите граѓани.
„Сакам да посочам нешто со кое се согласивме со мојот драг колега. Балканот предолго беше место кое интензивно ги полнеше црните хроники во европската и светската јавност. Предолго регионов потроши време на политички прашања, занемарувајќи ги прашањата од реалниот живот на граѓаните. И граѓаните на Приштина и граѓаните на Скопје или било кои други места од двете држави ги интересира подобар живот, подобар стандард, повисоки критериуми за образование. Да ги потенцираме точките кои нè обединуваат и за кои вреди заеднички да работиме. Време е да ги решаваме економските прашања. Оваа средба е токму од таква природа. Тука сме за подобар живот. Токму тоа беше нашиот мотив да ги потпишавме меморандумите и протоколите“, рече премиерот, кој му се заблагодари на Курти за топлото гостопримство и за успешната и конструктивна средба.