Македонија
Петок неработен ден за припадниците на албанската заедница
Министерството за социјална политика, демографија и млади соопштува дека, во согласностс со Законот за празниците на РМ (2Службен весник на РМ“ бр. 21/98 и 18/07), 22 ноември 2024 година (петок), Ден на албанската азбука, е неработен ден за граѓаните припадници на албанската заедница во Република Северна Македонија.
Министерството за социјална политика, демографија и млади на граѓаните припадници на албанската заедница им го честита Денот на албанската азбука.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски од Косово: Договоривме конкретни чекори, кои ќе придонесат за подобрување на транспортните и енергетските врски
„Нашата средба беше исклучително продуктивна и исполнета со отворен и искрен дијалог, што е од клучно значење за понатамошното зајакнување на односите помеѓу двете земји. Разговаравме за широк спектар на прашања од заеднички интерес, вклучувајќи економска соработка, зголемување на трговската размена, инфраструктурни проекти и заеднички напори за обезбедување регионална стабилност и безбедност. Договоривме конкретни чекори и иницијативи кои ќе придонесат за подобрување на транспортните и енергетските врски, што ќе има позитивно влијание врз економскиот развој и напредокот на земјите во регионот“, рече македонскиот премиер Христијан Мицкоски на заедничката прес-конференција со косовскиот премиер, Аљбин Курти.
Мицкоски посочи „Веруваме дека инвестирањето во овие области е инвестирање во нашата заедничка иднина. Дискутиравме и за важноста на евроатлантските интеграции, заедничката посветеност кон европските вредности и стандарди. Убедени сме дека иднината на Западен Балкан е во Европската Унија и НАТО, и дека преку заеднички напори можеме да ги надминеме предизвиците и обезбедиме просперитет и стабилност за нашите граѓани.
„Сакам да посочам нешто со кое се согласивме со мојот драг колега. Балканот предолго беше место кое интензивно ги полнеше црните хроники во европската и светската јавност. Предолго регионов потроши време на политички прашања, занемарувајќи ги прашањата од реалниот живот на граѓаните. И граѓаните на Приштина и граѓаните на Скопје или било кои други места од двете држави ги интересира подобар живот, подобар стандард, повисоки критериуми за образование. Да ги потенцираме точките кои нè обединуваат и за кои вреди заеднички да работиме. Време е да ги решаваме економските прашања. Оваа средба е токму од таква природа. Тука сме за подобар живот. Токму тоа беше нашиот мотив да ги потпишавме меморандумите и протоколите“, рече премиерот, кој му се заблагодари на Курти за топлото гостопримство и за успешната и конструктивна средба.
Македонија
Панова: Зголемувањето на буџетот за правосудството и Обвинителството треба да биде поврзано со конкретни реформи и јасни резултати
Во текот на денешната општа расправа за Предлог-буџетот за 2025 година, од собраниската говорница се обрати и пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Ели Панова, при што посебен акцент и осврт даде на судството и обвинителството кои до сега немале повисоки буџети.
Таа истакнува дека буџетот на судската власт е за речиси 8% поголем од буџетот предвиден за 2024 година, додека пак кај обвинителството зголемувањето е за 9,5%, но истовремено од друга страна, во последните години довербата на граѓаните во правосудството е алармантно ниска или само 2%, што е аларм дека системот не функционира како што треба и дека граѓаните не го чувствуваат истиот како средство за заштита на нивните права.
„Во овој контекст, поставувањето на барањето за зголемени средства за правосудството и обвинителството мора да биде предмет на внимателен преглед. Дали повеќе пари ќе го решат проблемот? Не, ако нема реформи во самиот систем. Буџетските средства не можат да го поправат структурниот проблем што лежи во етиката и интегритетот на самите судии и обвинители“, децидна е Панова.
Според неа, доделувањето на поголеми финансиски средства треба да биде условено со потполна системска реформа која истовремено ќе значи и повисоки стандарди на морал и етика во правосудството, бидејќи на нашето општество му е потребен систем кој ќе биде ефикасен, правичен и професионален.
„Предлогот за зголемување на буџетот за правосудството и обвинителството треба да биде поврзан со конкретни реформи и јасни резултати. Првенствено, мора да се постават стандарди за избор и оценка на судиите и обвинителите, кои ќе бидат транспарентни и јавни. Треба да се обезбедат механизми за надзор и санкционирање на неетичкото и неефикасно работење. Сè тоа ќе биде основа за изградба на довербата што ја изгубија нашите граѓани“, заклучува Панова.
Македонија
Јамалов: Во 2025 година очекуваме раст на економијата од 3,7 отсто преку реализација на капитални инвестиции во износ од 50,5 милијарди денари
Денес во Собранието на Комисијата за финансирање и буџет на која што се расправа предлог буџетот за 2025 година се обрати пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Александар Јамалов кој потенцираше дека во 2025 година се очекува економијата на Република Македонија да забележи раст од 3,7% и тоа би претставувало значително подобрување во споредба со изминатите години.
Јамалов додаде дека предвидениот раст од 8,1% на бруто-инвестициите ќе биде поттикнат од засилената реализација на големите инфраструктурни проекти, вложувања во патна и железничка инфраструктура, како и инвестиции во енергетиката, земјоделството, здравството и образованието.
„Дополнително, растот ќе биде поддржан преку поддршката на општините за реализација на капитални инвестиции со цел по рамномерен регионален развој и унапредување на животот на граѓаните во износ од нови 250 милиони евра, покрај овогодинешните 100 милиони евра. Значителен придонес се очекува и од инвестициската активност на домашните компании, како резултат на исклучително поволните финансиски средства обезбедени преку заемот од Унгарија“, рече Јамалов.
Пратеникот посочи дека капиталните инвестиции се централниот елемент на предлог буџетот за 2025 година кои ќе изнесуваат околу 50,5 милијарди денари.
„Со износ од 50,5 милијарди денари, или 5% од БДП, овие инвестиции ќе бидат насочени кон проекти кои ќе имаат долгорочен економски и социјален импакт. Ова создава предуслови за нов циклус на економски раст, обезбедување значително ниво на јавни инвестиции коишто се основа за подобрување на економските перспективи, како и подобар живот на граѓаните“, истакна Јамалов.