Економија
Потпишан меморандум за соработка помеѓу Народната банка и Фискалниот совет

Зајакнување на комуникацијата и соработката од областа на макроекономските движења и макроекономската рамка, размена на податоци, анализи и други релевантни материјали, коишто се од заемен интерес, консултации и експертизи за проекти, пренос на стручни знаења и вештини, обуки и едукативни настани. Ова се придобивките коишто се содржани во Меморандумот за соработка помеѓу Народната банка и Фискалниот совет, којшто го потпишаа гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска и претседателот на Фискалниот совет, Глигор Бишев. На потпишувањето, присуствуваа и вицегувернерите Ана Митреска и Фадил Бајрами, како и членовите на Фискалниот совет, академик Абдулменаф Беџети и проф.д-р Марина Трпеска.
Координацијата помеѓу Народната банка и Фискалниот совет е од суштинско значење за постигнување долгорочна макроекономска стабилност. Фискалниот совет го следи спроведувањето на фискалните политики и фискалната одржливост, додека централната банка е засегната од влијанието на фискалните политики врз ценовната и финансиската стабилност. На средбата беше нагласена улогата на одржувањето на високото ниво на кредибилитет во работењето и независноста на институциите како важни фактори коишто придонесуваат за успешно остварување на целите.
„Независноста на Народната банка е исклучително важна за одржување на ценовната и финансиската стабилност во земјава. Според индексот на независноста на централните банки на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Народната банка е меѓу највисоко рангираните во регионот и цела Европа. Независноста на Народната банка, придружена од транспарентноста и отчетноста, ѝ овозможува на централната банка високо ниво на доверба од страна на јавноста. Поголемата независност на централните банки во периодот на неколку последователни кризи се поврзува и со преземените мерки за стабилизирање на инфлацијата, одржување на стабилноста на девизниот курс и за постигнување стабилен долгорочен економски раст“, истакна гувернерката Ангеловска-Бежоска, при што додаде дека целта на двете институции е преку независни стручни мислења да придонесат кон обезбедување макроекономска стабилност.
На средбата беше истакнато дека споделувањето информации и анализи помеѓу Народната банка и Фискалниот совет е предност при донесувањето одлуки засновани на податоци и факти, коишто придонесуваат за подобро согледување на целокупниот економски амбиент во земјата заради остварување повисок економски раст.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Трговијата меѓу САД и Кина може да падне за 466 милијарди долари, предупреди Светската трговска организација

Поради се позатегнатите односи меѓу двете најголеми светски економии, трговијата меѓу САД и Кина може да се намали за дури 80 отсто, предупредува Светската трговска организација (СТО). Според минатогодишните податоци, двете земји размениле стоки во вредност од 582,5 милијарди долари, што значи дека потенцијалниот пад на трговската размена би изнесувал околу 466 милијарди долари.
„Таквата постојана конкуренција и одмазднички мерки меѓу САД и Кина – кои заедно сочинуваат околу 3 проценти од светската трговија – имаат далекусежни последици што може сериозно да ги загрозат глобалните економски изгледи“, рече шефот на СТО, Нгози Оконџо-Ивеала. Таа особено посочи дека во конфликтот меѓу двете економски сили, најмногу може да настрадаат посиромашните земји, кои се поранливи на нарушувања во глобалната трговија.
„Ако дојде до поделба на светската економија на два спротивставени блока, долгорочно би можеле да бидеме сведоци на пад на глобалниот БДП од речиси 7 отсто“, предупреди Оконџо-Ивеала.
Во меѓувреме, повеќе од 166 членки на СТО ја повикуваат организацијата поодлучно да ги брани правилата на светската трговија. Во исто време, Кина поднесе нова жалба против американските царини во Женева оваа недела, што предизвика нова фаза од правниот спор во рамките на СТО.
Економија
Скок на берзите по објавата на Трамп за стопирање на царините

Берзите силно растат по објавата на претседателот на САД, Доналд Трамп, за стопирање на царините.
Брз поглед на тоа како некои клучни индекси на Волстрит пораснале:
Dow Jones порасна за 5,76 отсто
S&P 500 порасна за 6,46 отсто
Nasdaq порасна за 8,04 отсто
Од вчерашното затворање на пазарот, омпаниите од S&P 500 изгубија пазарна вредност од 5,8 трилиони долари од објавувањето на тарифите на Трамп минатата среда. Тоа е најдлабоката загуба од четири дена од основањето на индексот во 1950-тите, според податоците на „ЛСЕГ“.
Економија
УЈП: Поднесувањето на МПИН-пресметките завршува утре

Вкупно 59.681 даночни обврзници веќе поднеле МПИН пресметки за месец март. Од нив, 30.090 даночни обврзници веќе ги платиле МПИН пресметките за исплата на мартовската плата. До крајниот законски рок – утре, 10 април, четврток до полноќ, се очекува уште 5.000 даночни обврзници да поднесат пресметки за плата за месец март, соопштија од Управата за јавни приходи.
Од таму потсетуваат даночните обврзници да направат проверка на своите профили на системот „е-Даночни услуги“ и да ги преземат кодовите кои веќе се изработени и се поставени на профилите, а апелираме даночните обврзници кои сè уште немаат поднесено барање за издавање на код за идентификација тоа да го направат преку „е-Даночни услуги“.
Управата за јавни приходи изготви видео-корисничко упатство кое ги објаснува сите чекори потребни за навремено подигнување и инсталирање на кодот за идентификација со кој ќе може да се поднесат пресметките за плата за месец март.
Даночните обврзници кои имаат потреба од поддршка при процесот за инсталирање на кодовите може да се обратат на контакт лицата назначени од Управата за јавни приходи.