Македонија
Лефков: Во буџетот за 2025 година 25 проценти повеќе пари за здравството од оваа година
Владата со Буџетот за 2025 одвојува над 25% повеќе средства од тоа што владата на СДС и ДУИ имаа предвидено за 2024 година. Имено со предлог Буџетот за 2025 година кој е предложен од владата до Собранието се одвојуваат 7.5 милијарди денари за здравството, во споредба со 5.9 за оваа година, вели пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Миле Лефков.
– Здравството и подобрување на условите во здравството се високо на агендата на владата на ВМРО-ДПМНЕ, се планираат голем број на инвестиции. Инвестициите се насочени кон набавка на медицинска опрема за потребите на Јавните здравствени установи, изградба, реконструкција и доградба на објектите во Јавните здравствени установи. Владата за 2025 година планира реконструкции на следните ЈЗУ: Општа болница Кичево, Специјална болница за ортопедија и трауматологија „Св Еразмо“ – Охрид и Клиника за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ – Скопје. Предвидено е да продолжи изградбата на Клиничката болница во Штип, проект кој беше и предизборно ветување на ВМРО-ДПМНЕ. Со Буџетот се планираат и средства за градежни активности и реконструкции во Здравствен дом Скопје, Kлиника за психијатрија и други установи, рече Лефков.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Карпош и Центар утре без вода
Делови од Карпош и Центар утре ќе останат без вода, извести ЈП Водовод и Канализација.
„Поради промена на вентил ф-2 на крстосницата ул.Октомвриска Револуција/ бул.Партизански Одреди , прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од зграда 10,12 и 14 на ул.Октомвриска Револуција и дел од бул.Партизански Одреди (потегот од Никола Тесла до Октомвриска Револуција). Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со санација на дефектот. Поради водоводен приклучок од ф 100мм на ул.Наум Наумовски Борче бр.63, со прекинато водоснабдување ќе бидат корисниците од ул.Наум Наумовски Борче бр.63. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување.(Центар)“, се наведува во соопштението.
Македонија
Михајлов: Со над 7 милиони евра финансирани се 148 проекти во рамки на „Еразмус +“
Националната агенција за европски образовни програми и мобилност денеска ги презентираше резултатите од спроведувањето на програмите на Европската унија „Еразмус +“ и „Европски солидарен корпус“ во 2025 година. Податоците покажуваат 95% искористеност на расположливиот буџет и успешна имплементација на бројни проекти за вмрежување на корисници од Македонија со партнери од други европски земји.
В.д. директорката на Националната агенција, Ана Михајлов, информираше годинава со над 7 милиони евра финансирани се 148 проекти со кои, пак, опфатени се 2079 корисници.
„Најголем дел од проектите се однесуваат на хоризонтални приоритети, нови методи на учење и работа, вештини и компетенции за дигитална писменост, инклузија и ментално здравје. Проектите се реализираа во соработка со партнери од земјите од регионот, но и од Франција, Белгија, Австрија, Португалија, Полска, Финска, Германија и други“, рече Михајлов.
Државниот секретар во Министерството за образование и наука, Елена Ивановска изрази благодарност до сите кои се заложија да изработат проекти за поддршка и развој на образованието, обуката, младите и спортот.
„Финансирани се квалитетни и корисни проекти и јас ги повикувам досегашните корисници да ги задржат интересот и заложбата на исто ниво и следната повторно да аплицираат за поддршка преку овие програми, кои се исклучително значајна компонента на севкупната национална стратегија за интеграција на македонскиот образовен систем во европскиот образовен простор“, рече Ивановска.
Информираше дека буџетот за следната година достапен преку овие две програми, ќе биде најголем досега и ќе изнесува над 8,17 милиони евра, односно за 430 илјади евра повеќе од 2025.
„Очекувам од Националната агенција да ги интензивира активностите за запознавање и на што повеќе нови, потенцијални корисници низ државата – ученици, студенти, наставно – научни работници, истражувачи, образовни институции, компании, граѓански здруженија, волонтери, младински работници и така натаму, а Министерството за образование и наука како национален авторитет за програмите, ќе помогне во тоа. Важно е да има промотивни теренски кампањи во соработка со локалните самоуправи, да има отворени инфо денови, конференции, медиумски кампањи и така натаму, бидејќи и Европската унија сосема разбирливо очекува висока транспарентност и голема инклузивност“, рече Ивановска.
На конференцијата позитивни практики од реализирани проекти презентираа Филозофскиот факултет во Скопје, средното медицинско училиште „Д-р Панче Караѓозов“ во Скопје, Карате федерацијата на Македонија, Сојузот за младинска работа, Здружение за развој на ромската заедница „Сумнал“ и други корисници на средства во рамки на програмите.
Македонија
На аеродромот во Скопје откажани се осум лета, а еден е пренасочен
Авиосообраќајот на Меѓународниот Аеродром Скопје се стабилизира, реализирани се 27 лета, откажани се осум лета, а еден е пренасочен, соопшти ТАВ Македонија.
„Од 20:00 часот, вчера, 21 декември 2025 година до 12:00 часот напладне денеска, 22 декември 2025 година, на Меѓународниот Аеродром Скопје, поради намалена видливост предизвикана од магла, состојбата со авиосообраќајот е следна откажани се следниве 3 лета во пристигнување Белград, Истанбул, Истанбул – Сабиха Гокчен (презакажан за 23.12.2205). Пренасочен е еден лет во пристигнување: Франкфурт-Хан. Откажани се следниве 5 лета во заминување: Цирих, Белград, Атина, Истанбул, Истанбул – Сабиха Гокчен (презакажан за 23.12.2205)“, се наведува во соопштението.
Сите останати, 27 летови слетаа и полетаа, односно пристигнаа и заминаа согласно планираниот ред на летање.
„Со оглед на тоа што временските услови се менуваат постојано и секоја авиокомпанија согласно своите интерни процедури има свој праг на толеранција за слетување и полетување при намалена видливост, повторно апелираме до сите патници да ги следат информациите и насоките за нивните летови кои ги добиваат од авиокомпанија со која треба да патуваат“, се наведува во соопштението.
ТАВ известува дека сите капацитети на Меѓународниот Аеродром Скопје се во функција и аеродромот е отворен за авиосообраќај.
Промените во редовниот распоред на летање, се ажурираат на веб-страница во реално време https://skp.airports.com.mk/, како што стигнуваат од авиокомпаниите.
Доколку патниците имаат дополнителни прашања за нивниот лет можат да се обратат на пултот за информации во терминалната зграда или на телефонскиот број: +389 2 3148 333.

