Македонија
Бочварски: Во буџетот 2025 нема 250 милиони евра за општините
Во буџетот кој го предлага владата, нема 250 милиони евра за општините, нешто што ДМНЕ го ветуваше пред изборите и ова е уште една манипулација на власта, рече пратеникот на СДСМ, Благој Бочварски, на Комисијата за финансирање на буџет.
– Пред неколку месеци, ДПМНЕ велеше дека до крај на годината ќе бидат дадени на општините 100 милиони евра, за капитални проекти, а за наредната 2025 година, нови 250 милиони евра, исто така за капитални проекти. Еве сме, на крај на ноември нема ниту еден денар, ниту еден проект реализиран во ниту една општина од тие 100 милиони евра кој власта ги даде на општините. Денес во новиот буџет не гледаме 250 милиони евра за реализирање на капитални проекти во општините за 2025 година, туку само 100 милиони евра. Ова значи дека 2004 реализација на општинските проекти е 0, а за 2025 година, нема да има 250 милни, туку 100 милиони евра‘, рече Бочварски.
Тој потенцираше дека СДСМ реализираше проекти во делот на локалните патишта, водоводи, канализации на општините со поповолен кредит, со под 1 посто камата, кредит од светска банка, за денес ДПМНЕ да земе поскап кредит и да ги дава парите по лоша методологија исклучиво по глава на жител на општините, што е погрешна политика.
Бочварски кажа и дека Владата предизборите ветуваше намалување на јавниот долг, намалување на дефицитот, раст на капиталните инвестиции и повисок животен стандард.
– Кога сме кај јавниот долг, власта СДСМ ја предаде во месец јуни 2024 со јавен долг од 55%, а денес во ноември 2024 јавниот долг е зголемен на над 65%. Што значи, не е точно дека новата влада ќе направи консолидација и намалување на задолжувањето, туку напротив ќе не дозадолжи за речиси нови 10% од БДП од 55 на преку 65%. СДСМ функционираше во две огромни кризи, а оваа влада на ДПМНЕ, без никаква криза за 5 месеци го покачи јавниот долг. Од овде јасно се гледа дека оваа Влада едно зборуваше пред избори, а друго прави после избори, рече Бочварски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Населбата Бел Камен добива нова водоводна мрежа
Населбата Бел Камен добива нова водоводна мрежа, со што се решава долгогодишниот проблем со водоснабдувањето, изјави градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
„По даденото ветување за време на изборниот период, денес започнуваат градежните активности за поставување на нова водоводна мрежа во должина од повеќе од 600 метри, во соработка со Општина Бутел и ЈП „Водовод и канализација“, со што ќе се обезбеди сигурно, квалитетно и континуирано снабдување со вода за пиење за домаќинствата во Бел Камен“, вели Ѓорѓиевски.
Според него, овој зафат значи сигурно, квалитетно и континуирано водоснабдување за домаќинствата во Бел Камен, чиста вода за пиење во секој дом.
Ѓорѓиевски најави дека по поставувањето на новата водоводна мрежа, ќе следува и реконструкција на улиците.
Македонија
Цената на дизелот се намалува
Цената на дизелот се намалува за два денари, одлучи Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ)
Од 20.12.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 71,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 73,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 64,50 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 65,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 32,635 (денари/килограм)
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се намалува за 2,00 денари за литар.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, како и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) и на Мазутот М-1 НС не се менуваат.
„Напоменуваме дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 20.12.2025 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени“, соопшти РКЕ.
Македонија
За побрз пристап до услугите, промовирани е-киоск и е-сандаче; Андоновски вели дека дигиталната трансформација мора да биде достапна за сите
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, заедно со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, се обрати на конференцијата за промоција на националната ИКТ-стратегија СМАРТ/МК 2030 нагласувајќи дека дигиталната трансформација се реализира преку конкретни, мерливи решенија, што директно го подобруваат секојдневието на граѓаните.
„Дигиталната трансформација мора да биде достапна за сите, без разлика на дигиталните вештини или пристапот до лична опрема“, истакна Андоновски.
Денеска беа промовирани терминалите за услуги (е-киоск) како практично решение за дигитална инклузија и побрз пристап до услуги. Планот е терминалите да бидат поставени на фреквентни локации во државата и да бидат достапни 24/7, со јасно воден процес и визуелни инструкции, приспособени и за граѓани со пониско ниво на дигитални вештини.
Преку е-киоск граѓаните ќе може да се идентификуваат со лична карта или пасош, да изберат услуга, да извршат плаќање и да го добијат документот веднаш – испечатен на самиот терминал. Терминалите се особено значајни за руралните средини, повозрасните лица, граѓаните без постојан интернет-пристап и за општините со ограничени административни капацитети.
Министерот истакна дека е-сандачето претставува официјален, безбеден и правно валиден канал за комуникација меѓу институциите и граѓаните – централизирано место за прием на службени документи, решенија, известувања и други акти со доказ за прием.
„Важно е да се нагласи: е-сандачето не е обична електронска пошта“, потенцира министерот Андоновски.
Системот овозможува нотификации во реално време, побрза достава без чекање, следење статуси на предмети и поефикасна административна комуникација.
Во завршниот дел министерот нагласи дека со досегашната дигитализација на услуги, документ – менаџмент-систем во голем број институции, интероперабилност, како и со е-сандачето и терминалите за услуги државата води конкретна и мерлива имплементација на дигиталната трансформација, со цел ефикасна, достапна и европска дигитална држава.

