Македонија
Утрото студено со појава на магла по одделни котлини
Времето денеска со студено утро со појава на магла по одделни котлини. Преку денот променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Кон крајот на денот и во текот на ноќта во западните делови ќе има повремен локален дожд. Минималната температура ќе биде во интервал од -6 до 1, а максималната ќе достигне од 8 до 16 степени.
Во Скопје наутро во делови од котлината со појава на магла. Преку денот променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до -2, а максималната ќе достигне до 12 степени.
Од среда до сабота под влијание на серија од влажни воздушни бранови времето ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд, наместа пообилни. Ќе дува засилен до силен ветер (над 70 km/h). Поради продор на постудена воздушна маса од север во петок во текот на ноќта и во сабота врнежите од дожд ќе преминуваат во снег на планините и на повисоките места.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Жени лидери: Министерството за енергетика и WOBA во заедничка мисија“
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини и WOBA (Women on Boards Adria) потпишаа Меморандум за соработка, со кој се потврдува посветеноста за јакнење на улогата на жените во раководните позиции и создавање инклузивно општество.
И покрај тоа што жените сочинуваат половина од населението во Македонија, нивното учество на лидерски позиции останува предизвик. Овој Меморандум е важен чекор кон подобрување на родовата рамнотежа и унапредување на можностите за жените.
Министерката Сања Божиновска е именувана за амбасадор на WOBA за Македонија. Оваа позиција ја одразува нејзината посветеност на промоцијата на родовата еднаквост и јакнењето на улогата на жените во раководните позиции.
„Како Министерство, сме целосно посветени на создавање услови каде што жените ќе имаат еднакви можности за успех, создавање на општество каде жените се признаени и вреднувани за нивните способности и придонеси. Потпишувањето на Меморандумот со WOBA не е само формален чин, туку и израз на мојата лична заложба за жените во нашето општество. Да ја поддржиме секоја жена која се стреми кон лидерство, која ги урива бариерите и ја создава иднината“, истакна Божиновска.
WOBA, како регионална иницијатива, е активна во земјите од Западен Балкан, вклучувајќи ги Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Косово, Црна Гора, Македонија, Србија и Словенија. Организацијата е посветена на рушење на бариерите за жените и постигнување на европските стандарди, како што е Директивата на ЕУ за жени во управни тела.
Билјана Брејтвејт (Biljana Braithwaite), Претседателка на WOBA, истакна дека партнерството на WOBA со Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини претставува голем чекор напред за регионот и за Северна Македонија. Вклучувањето на министерката Божиновска е од клучно значење – нејзиното лидерство и ангажман на владино ниво може да предизвикаат вистински позитивни промени.
„Преку поставување на амбициозни цели и креација на соодветни практики во рамки на политиката кои ќе ја направат родовата еднаквост реалност, особено во енергетскиот сектор. Енергетиката е еден од најважните сектори за одржлив развој и време е жените да имаат многу поголема вклученост во оваа сфера. Овозможувајќи им на жените да водат и да придонесуваат на секое ниво, не само што отвораме можности за нови иновации, туку и создаваме сектор кој е поотпорен, поинклузивен и поподготвен да се справи со предизвиците на денешницата“, изјави Брејтвејт.
„Women on Boards Adria во својата суштина се залага за промовирање на поголема родова разновидност и инклузивност низ регионот на Адриа, усогласување на регионалните родови политики со стандардите на ЕУ и обезбедување можности за жените да водат и да се истакнат во секоја област. Заедно со министерката Божиновска и нејзиниот тим, ќе работиме на тоа да овозможиме жените да не бидат само учеснички, туку лидери и пример за следните генерации,“ изјави Тања Михајловска Димитриевска, главна амбасадорка на WOBA за Северна Македонија.
Со заеднички напори, Министерството и WOBA ќе спроведуваат проекти што ќе донесат позитивни промени за жените во Македонија и регионот. Заедно, создаваме општество каде жените ќе можат да го достигнат својот потенцијал.
Македонија
Голем пожар во село Стримница, изгоре маж
Регионалниот ЦУК Тетово, ја пренесува информацијата од Територијалната противпожарна единица Тетово дека во период од 23.34 до 02.45 часот после полноќ со 11 пожарникари и четири противпожарни возила гаснеле запалена куќа во село Стримница, општина Желино.
Уште во текот на интервенцијата од ПС Групчин, конкретно во 00:19 часот дежурните известиле дека машкото лице на 90-годишна возраст го загубило животот во големиот пожар.
Од страна на тетовските пожарникарите починатото лице е извадено од куќата и за настанот беа известени јавен обвинител и лекар по судска медицина за понатамошна постапка, а увид на местото на пожарот извршила екипа од СВР Тетово.
РЦУК Скопје ја пренесува информацијата од Бригадата за противпожарна заштита БППЗ на Град Скопје дека во изминатото деноноќие имала две помали интервенции на отворен простор.
Македонија
„Скандалозно“ – Ахмети и Османи реагираа на изјавата на Курти дека албанскиот јазик не е под закана во Македонија
Првиот човек на ДУИ, Али Ахмети и партискиот потпретседател, Бујар Османи, реагираа на изјавата на косовскиот премиер, Албин Курти, кој вчера во Приштина изјави дека албанскиот јазик не е загрозен во Македонија, спротивно на тврдењата на Интегративците.
Османи ја нарече скандалозна изјавата на Курти. Во разговор за косовските медиуми, Османи изјави дека изјавата на Курти е штетна и охрабрувачка за сите оние кои сакаат да го поништат Охридскиот договор.
Османи изјави дека македонската страна сметала оти Охридскиот договор предвидува албански јазик само во општините каде што над 20 отсто од населението се Албанци, но од нивна страна албанскиот јазик на сите нивоа во државата е еднаков со македонскиот јазик.Законот за употреба на јазикот, во член 1, вели дека службен јазик во државата е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо. Исто така, јазикот што го зборуваат повеќе од 20 отсто од населението е официјален јазик, вели Османи.
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, како што пренесоа косовските медиуми, пред сопартијците истакнал дека додека ДУИ е жива, во опозиција или на позиција, нема да толерира да биде погоден Охридскиот договор.
Косовскиот премиер вчера на заедничката прес-конференција со премиерот, Христијан Мицкоски, изјави дека треба да се почека одлуката на Уставниот суд во Македонија кој го почитува повеќејазичниот карактер во земјата.
„Во Северна Македонија нема закон за употреба на албанскиот јазик ниту, пак, имало во минатото. Постои Закон за употреба на јазиците што го говорат најмалку 20 отсто од граѓаните. А, тоа не е закон за албанскиот јазик, туку Закон за употреба на јазиците“, изјави вчера Курти одговарајќи на новинарско прашање за можноста за загрозување на албанскиот јазик во Северна Македонија, поради тврдењата на ДУИ.
Тој заклучи дека во Северна Македонија не може да се каже дека албанскиот јазик е службен јазик и дека сега е под закана, бидејќи тоа не е вистина.
Мицкоски пак рече дека судиите што во моментот се дел од Уставниот суд се избрани судии во време кога на власт беа Демократската унија за интеграција (ДУИ) и Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ), и не му е јасно од каде впечатокот дека ВМРО-ДПМНЕ е семоќно, контролира и има влијание. Според премиерот ова прашање се актуелизира од страна на политичари што се темни сенки од минатото, што не можат да се слушнат да говорат за предлози и реформи во економијата, даночниот систем, образованието, туку единствената карта на која ја темелат децениската кариера е криминал и корупција и етнички конфликти.
Неодамна Ахмети испрати писмо до врвот на ЕУ, САД, премиерот Мицкоски, но и првите луѓе во Косово и Албанија, во кое изразува загриженост за неодамнешните одлуки на Уставниот суд.