Регион
ЕУ ги повикува политичарите во БиХ да се однесуваат поодговорно
Босна и Херцеговина сè уште има можност да напредува на патот кон членство во Европската Унија, а дали ќе успее во тоа е исклучиво прашање на волјата на нејзините политичари за соработка, изјави генералниот директор на Генералниот директорат за соседство и проширување во Европската комисија, Герт-Јан Купман.
Тој беше во дводневна посета на Босна и Херцеговина во обид да ги убеди политичарите во таа земја дека мора да постигнат компромиси и да го продолжат европскиот пат, кој е блокиран од март.
Сепак, ниеден од бараните закони досега не е усвоен од парламентот на БиХ, а во таа земја не успеаја да се договорат и за програмата за реформи неопходни за пристап до фонд од шест милијарди евра обезбедени преку планот за раст на Западен Балкан.
За време на одвоените состаноци со политичарите во Сараево, Купман повика да не се пропушти оваа можност, потврди во вторникот делегацијата на ЕУ во Босна и Херцеговина.
„Тој ги повика носителите на одлуки да се договорат за нерешените прашања што ги спречија локалните власти да ја финализираат реформската агенда, што на крајот ќе ѝ овозможи на Босна и Херцеговина да добие средства од инструментот за реформи и раст од планот за раст“, се вели во соопштението.
Купман беше во Сараево на почетокот на неделата, во која се очекува политичарите од БиХ да докажат дали се подготвени да го спроведат минатонеделниот начелен договор постигнат на средбата во Бања Лука за деблокирање на спроведувањето на реформите. Тие најавија нова средба за среда во Сараево.
Актуелниот претседавач со Претседателството на БиХ, Жељка Цвијановиќ, која потоа се сретна и со Купман, изјави дека сега верува оти напредокот е сè уште можен.
„Мислам дека сме на добар пат да дојдеме до конечни решенија“, изјави Цвијановиќ.
Таа потсети дека и понатаму е спорно спроведувањето на две од 113-те реформски мерки на кои инсистира Европската комисија за да ѝ даде зелено светло на БиХ за пристап до фондот од планот за раст и смета дека има можности да се постигне договор истовремено почитувајќи ја уставната рамка каква што е во сила во Босна и Херцеговина.
Република Српска претходно го отфрли барањето на Брисел за што побрзо пополнување на Уставниот суд на БиХ со двајцата судии избрани од парламентот на тој ентитет, а нејзиниот лидер Милорад Додик исто така го отфрли предлогот за нов закон за судовите чие седиште на апелацискиот оддел на Судот на БиХ би било во источно Сараево. Тој побара седиштето да биде во Бања Лука.
Во Босна и Херцеговина се надеваа дека ќе ги отворат пристапните преговори до крајот на годината, но сè уште не го одредиле главниот преговарач, освен што се согласиле ставот да ја следи етничката рамнотежа во државните органи, па во оваа фаза би бил личност од српска националност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Вучиќ: Го познавам Путин, Србија ќе ги подготвува скривниците за нуклеарен напад
Ако безбедноста на Москва и нејзиниот народ е загрозена, Путин ќе користи нуклеарно оружје, рече претседателот на Србија Александар Вучиќ. Тој кажа дека и Србија ќе се подготвува за нуклеарен напад.
„Путин нема да се двоуми да употреби нуклеарно оружје. Ние како земја не сме подготвени. Имаме скривници кои во моментов може да соберат само 258 илјади луѓе. Мораме да ги обновуваме, и да дојдеме до 1 милион до 1,5 милиони луѓе да можеме да сместиме. Ние нема да бидеме мета, но ќе бидат мета сите околу нас, и затоа мораме да водиме сметка. Им се извинувам на граѓаните што таа работа навреме не ја направивме, но ќе се занимаваме со тоа што е можно побрзо“, рече српскиот претседател вечерва во обраќање кон граѓаните на Србија.
„Познавајќи ги сите актери, мислам дека никој нема да се двоуми да ги искористи сите алатки што ги има. Малкумина го познаваат претседателот Путин како мене, ниту се критикувам, ниту се фалам со тоа, посочи тој и додаде:
„Ако е загрозена безбедноста на Москва и нејзините сили, ако нема излез, однапред ви велам дека нема да се двоуми ниту еден час, да го искористи нуклеарното оружје.
Регион
Вучиќ: Утре очекувам нови оставки во Владата на Србија
Претседателот Александар Вучиќ изјави дека утре очекува нови оставки и во Владата и на други места поради несреќата во Нови Сад.
Сигурен сум дека надлежното обвинителство во најбрз можен рок ќе преземе мерки“, изјави Вучиќ.
Претседателот на Србија на конференцијата во Палатата Србија изјави дека „одговорноста не може да се избегне“.
Регион
Вархеји: Проширувањето на ЕУ е неизбежно, прашање е колку земји ќе се приклучат и кога
Понатамошното проширување на Европската унија е неизбежно, а сега прашање е колку земји ќе се приклучат и кога, изјави денеска комесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеји пред парламентарната комисија за европски прашања.
„Политиката на проширување стана една од најважните теми за ЕУ“, рече Вархеји, пренесе МТИ.
Зборувајќи за пакетот за проширување на европскиот блок од 2024 година, Вархеји рече дека проширувањето е еднакво на „инвестирање во долгорочниот мир, безбедност и просперитет на ЕУ“.