Свет
Фон дер Лајен: ЕУ ќе биде на страната на Украина сè додека е потребно
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денеска, по повод одбележувањето 1.000 дена од почетокот на војната во Украина, изјави дека ЕУ ќе биде на страната на Украина сè додека е потребно и дека земјата еден ден ќе биде дел од Унијата.
Таа рече дека денеска е ден на жалост, но и ден на ветување.
„Пред 1.000 дена Русија се обиде да ја избрише Украина од мапата. И 1.000 дена Русија пропадна поради отпорот на Украина и пожртвуваноста на вашите херои. Денеска е ден на жалост, но и ден на ветување. Ветуваме дека ќе бидеме на ваша страна онолку колку што е потребно“, истакна Фон дер Лејен. „Истовремено, таа најави дополнителни 65 милиони евра за поддршка на иницијативата за купување училишни оброци за украинските деца. И иднината на една земја почнува од нејзините деца. Русија сака да ја украде иднината на Украина. Тоа нема да го дозволиме. Затоа, давање право на образование на децата и обезбедување топол оброк на училиште е исто така форма на отпор“, рече Фон дер Лајен, пренесува „Танјуг“.
Таа посочи и дека Украина може да биде сигурна дека европската и западната поддршка за таа земја ќе продолжи и во тој контекст потсети дека до 2027 година ќе бидат обезбедени 50 милијарди евра од ЕУ, а до 2026 година 50 милијарди евра од земјите од Г7 и ЕУ, се вели во соопштението на Европската комисија.
Таа исто така посочи дека приходите од имобилизираните руски средства сега се користат за зајакнување на военото производство во Украина и за поправка на енергетската инфраструктура на земјата пред зимата.
„Затоа што Русија треба да плати за 1.000 дена криминал и уништување“, смета Фон дер Лајен. Таа додаде дека претстојната зима може да биде страшна, но истакна дека вистинските пријатели се појавуваат во бурните денови.
„И Европа е вашиот вистински пријател. Знаеме дека еден ден, кој не е толку далеку, ќе бидете дел од нашата Унија. Вашиот напредок кон придружувањето ни е импресивен, уште повеќе кога водите егзистенцијална војна. И јас сум убедена дека можеме да преминеме во следната фаза од нашите преговори“, рече Фон дер Лајен.
Таа истакна дека иднината на Украина е во Унијата. „Вашата слобода е наша слобода. А нашиот сојуз е вашиот дом“, заклучи претседателката на Комисијата. По повод 1.000 дена од почетокот на војната во Украина, и претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола, најави дека ЕУ ќе биде со Украина сè додека е потребно. Таа додаде дека претходните 1.000 дена биле денови на храброст и пркос, денови на надминување на шансите, денови на заедништво како браќа и сестри.
„Како едно семејство што дели заедничка иднина“, изјавила Мецола на социјалната мрежа „Икс“. Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, им порача на украинските пријатели дека ЕУ е на нивна страна и е подготвена да ги поддржува сè додека е потребно наведувајќи дека претходните 1.000 дена биле обележани со агресија против Украина, жртви и страдање и храброст.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Руте: Новата арктичка мисија на НАТО е многу значајна
Отфрлајќи ги критиките дека новата арктичка мисија на НАТО е само ребрендирање на постојните активности, генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, рече дека тоа е „многу значајна“ иницијатива.
НАТО предложи нова операција „Арктички стражар“ завчера, која би ги консолидирала заедничките вежби во областа под команда на алијансата.
Сепак, дипломатите и експертите веруваат дека ова е главно комуникациски потег насочен кон смирување на Доналд Трамп, како и одговор на заканата што ја оценуваат како во голема мера претерана.
Руте објасни дека мисијата ќе има „чекор-по-чекор пристап“ и ќе започне со обединување на „постојните вежби и активности“ на алијансата во регионот под една команда за да се утврди „што друго ни треба“.
Врховниот командант на сојузничките сили за трансформација, адмирал Пјер Вандиер, исто така ќе биде замолен да испита како „најновите иновативни технологии“ можат да се користат на Арктикот.
фото/Depositphotos
Свет
Макрон: Русија е значително ослабена од конфликтот
Францускиот претседател, Емануел Макрон, тврди дека Русија всушност е значително ослабена од конфликтот.
Според него, Русија влегла во рецесија, станала целосно зависна од Кина, има демографски проблем и се соочува со воен неуспех.
Макрон нагласи дека Европејците сега станаа „единствениот извор на воено финансирање“ за Киев, алудирајќи на Соединетите Американски Држави, кои побараа од Европа да ги засили своите напори.
Тој верува дека не може да се постигне мировен договор меѓу Украина и Русија без учество на Европејците.
„Ние ќе бидеме дел од решението и треба да бидеме дел од решението“, рече Макрон. Тој додаде дека токму тоа е причината зошто неговата канцеларија неодамна воспостави контакт со Москва.
foto/Depositphotos
Свет
Тројца скијачи загинаа во лавина на француските Алпи
Тројца скијачи загинаа откако беа однесени од лавина во луксузниот француски алпски скијачки центар Вал д’Изер, изјави за новинарите Седрик Боневие, задолжен за патеките на одморалиштето.
Боневие рече дека една жртва е француски државјанин, додека другите се странци.
Тој додаде дека инцидентот се истражува.
Медиумските извештаи велат дека инцидентот се случил надвор од пистата.
Се чини дека една од жртвите била зафатена од лавина високо на планинската падина, додека другите двајца биле во група од пет скијачи, вклучувајќи и професионален водич, пониско од планината каде што не можеле да ја видат катастрофата што се приближува.
Не е познато што ја предизвикало лавината, рече Боневие.
Метео Франс, националната метеоролошка служба, во четвртокот го стави подрачјето под црвена тревога поради ризик од лавини.
фото/Depositphotos

