Македонија
Град Скопје: Поради повредената суета на Мицкоски и инаетот кон Арсовска, граѓаните со часови чекаат автобус
Дали најавите на Мицкоски за преговори со компанија за набавка на 100 електрични автобуси и ветувањето за вкупно 250 нови автобуси од програмата за Скопје е причината за тригодишната блокада на градот од страна на ВМРО-ДПМНЕ, прашуваат од Град Скопје.
„Изјавите на Орце Ѓорѓиевски и Александар Николовски дека проблемот со автобусите ќе се реши по локалните избори се потценувачки кон граѓаните во Скопје. Ако имаат решение, зошто тие не го понудат веднаш, а за што градоначалничката Данела Арсовска повеќепати истакна дека ќе прифати соработка за доброто на граѓаните. Доколку навистина се грижат за граѓаните, нека донесат автобуси, нека го оправат ЈСП, зошто да чекаат до изборите и ги оставаат граѓаните со проблеми уште цела година? Дали оваа штета врз Скопје се прави поради повредената суета на Мицкоски, поради неговиот инает кон градоначалничката Арсовска или за Мицкоски политички да поентира на следните локални избори?
Ако Мицкоски има решение за ЈСП, зошто неговите советници сега не гласаат за набавка на нови автобуси или за воведување БРТ, зошто чекаа 3 години и зошто јавно најавуваат дека уште една година Скопје ќе биде нивен заложник? Жално е што Мицкоски и неговите партиски послушници мислат дека граѓаните имаат кратко памтење, дека ќе заборават што се случуваше пред три години и ќе заборават дека тие лично го создаваат хаосот во Скопје цели 3 години. Мицкоски не реализира ниедно од своите ветувања за Скопје, а богами, без да истури 250 милиони во своите општини, тешко дека ќе испорача што и да било и во Македонија“, истакнуваат од таму.
Единствен виновник за континуираната криза во ЈСП, како што оценуваат, се Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, чии советници, на чело со Трајко Славевски, се власт во Советот 3 години и веќе 24 седници по ред не гласаат за замена на дотрајаните автобуси со нови, ниту за решавање на хаосот што сами свесно го предизвикуваат во јавниот превоз.
„За седницата на Советот за ноември 2024 година 25. пат е доставена предлог-одлука за нови екоавтобуси до советниците од ВМРО-ДПМНЕ. Советниците од редовите на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, кои се власт и мнозинство во Советот веќе 3 години, континуирано не гласаат за подобрување на состојбите во ЈСП.
Поради суетата на Мицкоски, граѓаните во Скопје со часови чекаат автобус. Мицкоски, кој еден ден глуми спасител на скопските јавни претпријатија, а друг ден, како и за сите важни прашања во државата, негира што кажал, време е барем еднаш да си стои на зборот и да ги реши проблемите што континуирано ги создава.
За седницата на Советот во ноември 25. пат е доставена предлог-одлука за нови еколошки автобуси до советниците од ВМРО-ДПМНЕ, кои повеќе од две години не гласаат за нови автобуси, иако имаат мнозинство во Советот на Град Скопје.
Во сгласност со законот, градоначалник не може да донесе одлука за набавка на нови автобуси, ниту за решавање на кризата во ЈСП за што одлуките ги носат во Советот луѓето на Мицкоски.
Единствена одговорност за недостигот на автобуси во јавниот превоз имаат советниците од ВМРО-ДПМНЕ, од кои како власт и мнозинство во Град Скопје зависи дали ќе има нови наместо дотрајани екоавтобуси и подобар превоз. За потсетување, кризите што советниците на Мицкоски ги креираат во Скопје, а кои единствено тие може да ги решат со одлука во Советот:
1. Мицкоски креираше криза со Буџетот за да го саботира ЈСП и неговите луѓето во Советот на Град Скопје по наредба на шефот одлуките не ги носеа со месеци
2. Мицкоски креираше криза со недостаток и неисплата на веќе планирани буџетски средства за плати во ЈСП, поради што протестираа синдикатите, па откако им се удри од глава кризата што сами ја креираа Трајко Славески по наредба на шефот ја реши
3. Мицкоски креираше криза со недостаток на автобуси, при што за нови еко автобуси како замена за дотрајаните единствено можат да донесат одлука неговите советници на чело со Трајко Славевски
4. Мицкоски креираше криза и со проектот за воведување БРТ од каде следат за градот 60 нови автобуси, но и таму неговите советници не гласаат одлука за отпочнување.
5. Мицкоски креираше криза со приватните превозници за кои одлука за промена на условите за работа може да донесат единствено неговите послушници во Советот, а иницијативата веќе 4 месеци Трајко Славески не ја става ниту на дневен ред
6. Мицкоски креираше криза во ЈСП за гориво, за прв пат од постоењето на претпријатието кадрите на шефот на ВМРО ДПМНЕ во Бирото за јавни набавки ја поништија редовната јавна набавка за гориво во ЈСП како смислено сценарио за нова криза“, се наведува во информацијата од Град Скопје.
Според оваа институција, сите одлуки за Скопје може да ги донесат единствено советниците од ВМРО-ДПМНЕ, кои се власт во Градот веќе 3 години. Тие, како што е наведено во реакцијата, континуирано по наредба на шефот Мицкоски демонстрираат сила и самоволие, вршат притисок за да се излечи суетата на човекот кому сè додека не се елиминира градоначалничката Арсовска, нема да му се смири егото, а за тоа трпат граѓаните.
„Угнетувачот Мицковски со три години притисоци и закани се обидува Арсовска да си замине, што на негово разочарување нема да се случи затоа што вина за проблемите имаат само неговите слуги во Советот на Град Скопје, од чии одлуки, за жал, зависи нормалното функционирање на градот.
Според програмата за Скопје на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, што ја промовираа на локалните избори во 2021 година, требаше до крајот на мандатот да се испорачаат 250 автобуси. За потсетување, шефот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, и лично ги ветуваше новите екоавтобуси за скопјани. Со набавка секоја година по 50 автобуси, ќе се постигнеше квалитетот на превоз и услуги што граѓаните ги заслужуваат и ќе се испорачаа 250 автобуси до крајот на мандатот“, стои во соопштението на Град Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ТИТАН Усје: Неоснованите напади само кон една компанија се неразбирливи – фабриката не работи, а загадувањето е високо
И покрај сите факти и докази кои потврдуваат дека компанијата работи согласно домашната регулатива и кои беа јасно потврдени од страна на релевантните институции, продолжуваат нападите кон ТИТАН Усје. Овие напади не само што се тенденциозни, бидејќи не се засновани на факти, туку на произволни толкувања, тие истовремено отвораат и дилема, од кои причини и мотиви неосновано „прстот“ се посочува само кон една компанија, која е значајна за националната економија, и додава нова вредност за вработените, за заедницата и за сите наши партнери. Што е најважно, овие напади ниту малку не придонесуваат кон изнаоѓање на решение за загадувањето во Скопје.
Дека компанијата не е причина за ваквите состојби, покрај другото, зборуваат и фактите од последните неколку дена. Имено, поради редовен ремонт двете печки не работат – едната од 20.12.2025 година, а втората од петокот на 16.01.2026 година. И покрај тоа што ТИТАН Усје целосно не работи, во петокот на 16.01. највисоката вредност на ПМ 10 честичките достигна 275 микрограми на кубен метар, во саботата (17.01.2026) – 250, во неделата (18.01,2026) – 143, во понеделникот (19.01,2026) – 190 и вчера, во вторник (20.01.2026) – 221 микрограми на кубен метар. Оваа состојба се потврдува секоја година.
ТИТАН Усје е компанија која не само што работи согласно законите и е носител на А-интегрирана дозвола, таа е под континуиран 24-часовен независен мониторинг на излезните гасови од оџаците, а резултатите од мерењата се јавно достапни преку неделни извештаи. Мерењата на оџаците во Титан Усје се одвиваат согласно законската регулатива која ја пропишуваат институциите и е усогласена со европските директиви. Дека нашето работење не е поврзано со состојбите со амбиенталниот воздух во Скопје зборува и фактот дека и кога компанијата не работи, загадувањето е високо.
Како компанија која е дел од интернационална групација, ТИТАН Усје во континуитет инвестира во модернизација на технолошките процеси . Изминатите шест години инвестициите надминаа 36 милиони евра, од кои 4,5 милиони евра беа наменети за намалување на влијанието врз животната средина.
Искрено веруваме во потребата од еднаков третман на сите ентитети во земјата и согласно принципот на владеењето на правото очекуваме нашето работење да се опсервира и оценува низ призмата на стручноста и законите, а не преку лични и паушални ставови.
Остануваме отворени за конструктивен дијалог со сите релевантни партнери во насока на изнаоѓање на трајно решение во интерес на сите, се додава во соопштението.
Македонија
Најмногу снег на Попова Шапка, утре со врнежи од дожд и снег претпладне , попладне облачноста ќе се намалува
Висината на снежна покривка во 16 часот на Попова Шапка изнесува 34 сантиметри, 17 сантиметри се измерени во Маврови Анови, 12 во Битола, 7 во Ѓуриште, 5 во Тетово, Крушево (во 13ч), 3 сантиметри во Претор, 2 во Штип, Демир Капија, 1 во Крива Паланка, Прилеп, Виница.
До крајот на денот ќе биде облачно со повремени локални врнежи од снег.
Утре се очекува променливо облачно време со сончеви периоди. Претпладне ќе има локални врнежи од дожд и снег, а на повисоките места и на планините од снег. Попладне облачноста ќе се намалува. Ќе дува слаб јужен ветер.
Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 0, а максималната ќе достигне од 2 до 7 степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Минималната температура ќе се спушти до -2, а максималната ќе достигне до 4 степени.
До сабота времето ќе биде променливо облачно со пораст на дневната температура. По одделни котлини ќе има појава на магла. Од сабота кон крајот на денот се очекуваат локални врнежи од дожд, а на планините од снег. Пообилни врнежи ќе има во недела во попладневните и ноќните часови, кога на повисоките места ќе преминуваат во снег.
Македонија
Стаменкоска-Трајкоска: Најсилната општина е онаа што ги слуша своите граѓани
Денес во oпштина Кисела Вода се одржа работен состанок меѓу градоначалничката Бети Стаменкоска-Трајкоска и референтите и претседателите на месните и урбаните заедници од општината, со цел директно согледување на потребите, проблемите и барањата на граѓаните.
Градоначалничката се информираше од прва рака за состојбите на терен, преку луѓето кои се првиот и најблискиот контакт на граѓаните со локалната самоуправа. Месните и урбаните заедници претставуваат прва адреса каде што жителите ги изнесуваат своите проблеми, без потреба да доаѓаат во општинската зграда, туку најблиску до своето место на живеење. Токму таму најчесто се евидентираат секојдневните предизвици, инфраструктурните потреби и конкретните барања, кои потоа се пренесуваат до раководството на општината.
Во општина Кисела Вода функционираат вкупно 15 месни и урбани заедници, што овозможува поефикасно работење на општината и побрза, подостапна услуга за граѓаните. Ваквиот модел на децентрализирана комуникација значително придонесува за подобро функционирање на локалната самоуправа и навремено решавање на проблемите, истакнуваат од таму.
На состанокот, на кој присуствуваа и раководителите од Секторот за месна самоуправа од општината, беше потенцирана важноста од континуирана и интензивна соработка, при што беше договорено навремено да се интервенира за сите прашања што се во надлежност на општината, но и координирано да се постапува во оние случаи каде што решавањето на проблемите зависи од Град Скопје или од централната власт.
-Претставниците од месните заедници се нашите очи и уши на терен. Преку нив имаме директен увид во реалните потреби на граѓаните и можеме побрзо и поефикасно да реагираме. Нашата цел е силна, отворена и двонасочна комуникација, затоа што само така можеме да градиме општина што навистина им служи на своите жители. Денешниот состанок е потврда дека заеднички, со уште поголема соработка, можеме да ги решаваме проблемите, и локалните, и оние што бараат поширока институционална координација- изјави Стаменкоска-Трајкоска.

