Свет
Руте: Сојузниците во НАТО сами да одлучат за употреба на оружје со долг дострел во Русија

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денеска повтори дека ставот на НАТО е оти најдобро е да не се поставуваат ограничувања на снабдувањето со вооружени системи за Украина и додаде дека на секоја земја членка е да одлучи дали ќе дозволи користење на нејзиното оружје со долг дострел за напад на цели во Русија.
„Отсекогаш сум сметал дека е мудро да не зборуваме премногу за она што го правиме. Јасно е дека НАТО претходно кажа дека кога сојузниците ја снабдуваат Украина со системи за оружје, најдобро е да не се поставуваат ограничувања за нив. Ова е генерален став, но сојузниците поединечно треба да одлучат што да прават“, им рече Руте на новинарите по пристигнувањето на состанокот на Советот за надворешни работи на ЕУ посветен на одбраната.
„Во моментот гледаме ескалација на војната бидејќи Русија во неа ја вклучи и Северна Кореја. Минатиот викенд видовме што се случи со нападот на Украина, кој беше масовен. Но, не навлегувам во тоа дали поединечните сојузници треба да дадат или не или што прават. На нив е да комуницираат ако сакаат. Генерално, би рекол да не комуницираме премногу и да не ги правиме противниците помудри отколку што е потребно“, изјави Руте, пренесува „Танјуг“.
Тој посочи дека денеска се одбележуваат 1.000 дена од војната во Украина и додаде дека за време на состанокот на Советот за надворешни работи на ЕУ посветен на одбраната ќе разговараат како да ѝ се помогне на Украина да победи. „Тоа значи повеќе помош, повеќе пари и мораме да им ги ставиме на располагање, особено сега кога Северна Кореја се вклучи, и знаеме дека Кина ѝ помага на Русија во воените напори. Знаеме и дека Иран ја поддржува Русија во воените напори. Како што знаеме, Путин мора да плати за ова“, рече Руте.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Србија им препорачува на граѓаните да не патуваат во Хрватска на почетокот на август

Министерството за надворешни работи на Србија им препорача на граѓаните на Србија да се воздржат од патување во Хрватска во периодот од 1 до 10 август.
Во соопштението Министерството им советува на граѓаните што ќе бидат на територијата на Хрватска во тој период да избегнуваат собири и други јавни собири, кои може да носат ризик од инцидентни ситуации.
Во тој период – на 5 август, Хрватска ја одбележува годишнината од воено-полициската операција „Бура“. Прославата се одржува на денот кога завршила акцијата. Во Србија годишнината од „Бура“ е на 4 август, денот кога почнала, како ден на сеќавање на жртвите и протераните Срби.
Свет
Откриен можниот мотив на убиецот од Њујорк – оставил проштално писмо

Шејн Девон Тамура (27), напаѓачот кој вчера уби четири лица во деловна зграда во Њујорк, пред да си го одземе животот, оставил проштално писмо во кое тврдел дека боледува од хронична трауматска енцефалопатија (ЦTE) и побарал неговиот мозок да биде анализиран по смртта, јавува „Си-ен-ен“.
Во краткото писмо од три страници, пронајдено во неговиот џеб по пукањето, Тамура напишал: „Тери Лонг и американскиот фудбал ми ја донесоа ЦTE, поради што испив литри антифриз. Не можете да се борите против NFL – ќе ве згази.“ Тери Лонг, поранешен играч на Pittsburgh Steelers, беше дијагностициран со ЦTE и изврши самоубиство во 2005 година.
Тамура во пораката додал: „Ве молам, проучете ми го мозокот. Жал ми е. Кажете им дека ми е жал за сè.“
Според извори на „Си-ен-ен“, Тамура во младоста играл американски фудбал, што дополнително го поддржува неговото тврдење дека страдал од ЦTE – болест што најчесто се поврзува со повторувачки удари во глава кај спортисти, дури и без забележани потреси на мозокот.
Според досегашните сознанија, Тамура бил незадоволен од начинот на кој Националната лига за американски фудбал (NFL) со години го игнорира проблемот со ЦTE, кој е потврден кај бројни поранешни играчи по нивната смрт, а многумина имаат проблеми и додека се живи. Полицијата претходно објави дека Тамура имал „историја на ментални нарушувања“.
Тој влегол со пушка во зградата каде се наоѓа седиштето на NFL и почнал да пука во фоајето, а потоа и на 33. кат, пред да си го одземе животот. Еден вработен во NFL е тешко повреден, додека останатите биле навреме евакуирани.
Пријател од училишните денови, Калеб Кларк, го опишал Тамура како „најголемиот шегаџија во одделението, полн со енергија“. „Никогаш не би помислил дека би можел да биде поврзан со насилство. Луѓето му велеа дека е талентиран и посебен, но тој никогаш не кажуваше дека ќе игра во NFL,“ изјавил Кларк.
Во 2015 година, Тамура се преселил во Гранада Хилс и работел во казино во Лас Вегас, каде што поседувал дозвола за носење оружје.
Свет
Кремљ: Путин му се јави на Нетанјаху, разговараа за Сирија и за Иран

Претседателот на Русија, Владимир Путин, разговараше по телефон со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, објави прес-службата на Кремљ. Според руските власти, лидерите на двете земји разговарале за напнатата ситуација на Блискиот Исток.
„Руската страна ја потврди својата цврста позиција во корист на исклучиво мирно решавање на проблемите и конфликтите што постојат во регионот“, вели Кремљ. Путин ја нагласи важноста од поддршка на единството, суверенитетот и територијалниот интегритет на Сирија.
Рускиот претседател исто така ја изрази подготвеноста на Русија да помогне во наоѓањето преговарачки решенија поврзани со нуклеарната програма на Иран.