Економија
Халкбанк АД Скопје – лидер во поддршка на женското претприемаштво
Халкбанк АД Скопје веќе една ипол година гради успешна приказна за поддршка на женското претприемништво, промовирајќи ја истовремено својата заложба за рамноправност и финансиска слобода на жените.
Преку внимателно креиран Пакет за жени кој е дизајниран да одговори на различните потреби на микро, малите и средните претпријатија каде сопственици или менаџери се жени, со реализирана кредитна линија од 10 милиони евра, банката веќе им овозможи успешен бизнис на повеќе од 300 клиентки во земјата.
Пакетот за жени нуди низа погодности како можност за добивање финансиски средства за основни и обртни средства во висина до 500.000 евра, со фиксна и варијабилна каматна стапка во зависност од намената на средствата. Пакетот обезбедува и низа други бенефиции како бесплатно водење на сметката, пониски провизии за денарски платен промет и за плаќање налози преку е-банкинг, без месечен трошок за електронско банкарство. Тој исто така вклучува и бизнис Мастеркард дебитна картичка без надоместок за издавање и намален трошок за годишна членарина за Мастеркард кредитна картичка, зголемени каматни стапки за депозити за правни лица, како и еднократен попуст за каско, домаќинско и патничко осигурување издадено од Халк Осигурување.
Покрај финансиските услуги, Халкбанк преку платформата за зајакнување на финансиската слобода на жените, реализира и низа настани, кампањи и поддршки. Почнувајќи од хуманитарните акции поврзани со продажба на „Фустаните со џебови“, преку пласирање на кампањите за финансирање на женските бизниси, па се до низата настани наменети за вмрежување и овозможување на меѓусебна поддршка на жените, Халкбанк заедно со својот партнер Мастеркард ја подигнаа на повисоко ниво свеста и перцепцијата за финансиската моќ и слободата на жените во земјата.
Оваа платформа денес е повеќе од финансиска поддршка – таа е инспирација за „Силни, храбри и независни приказни“ која продолжува да се развива и унапредува согласно потребите од задоволните и потенцијални клиентки.
ПР
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Ветерниците може да ја намалат цената на струјата за граѓаните ако државата ги обврзе приватните инвеститори да произведуваат за домашниот пазар
Најавите за изградба на големи ветерни паркови во земјата, кои ќе произведуваат струја што безмалку може да ги покрие потребите на сите македонски домаќинства, зачестија последниве неколку години, но потребите на домаќинствата засега се користат само за владините претставници да ја прикажат големината на инвестициите. Домаќинствата, и доколку се изградат сите најавени ветерни паркови, директна корист нема да имаат. Приватните инвеститори произведената струја ќе ја продаваат на слободниот пазар. Нема законска можност да бидат обврзани дел од произведената струја да ја наменат за домашниот пазар.
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска прецизно укажува дека пазарот на електрична енергија е целосно либерализиран со донесувањето на Законот за енергетиката во 2018 година и не постои законска можност приватните инвеститори да бидат обврзани, покрај за слободниот пазар, да произведуваат струја за домашните потреби.
Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), пак, има малку полабав став во однос на договорите со приватните инвеститори на ветерниците и смета дека сепак има начин да влијаат на намалување на цената на струјата што ја плаќаат граѓаните.
„Во моментот не постои закон во кој приватните инвеститори се обврзуваат дел од производството да го отстапуваат за домашни потреби. Но постои можност во процесот на преговори со инвеститорот да се регулира и ова прашање. Зголемената понуда влијае во формирањето на цената на отворениот пазар и таа станува конкурента за потрошувачите, оние што се на отворен пазар. Што се однесува за домаќинствата, може да има влијание доколку државата склучи билатерални договори со приватните инвеститори за користење на произведената енергија од ветерни електрани или воопшто од кои било приватни производствени капацитети“, велат од Регулаторната комисија за „Макфакс“.
Од таму нагласуваат дека кога се работи за капацитети од обновливи извори, тие се карактеризираат со тоа што струја произведуваат во време кога има ветер, сонце. За поголема флексибилност во располагање со енергијата од обновливи извори, регулаторите велат дека се цели кон надградба на инвестициите со батериски системи за складирање на енергијата, која би се користела тогаш кога потрошувачката се зголемува.
За посебни билатерални договори со инвеститорите, кои ќе ги обврзат за производство на струја и за домашни потреби, ниедна досегашна влада не известила. Извесно е дека инвестициите во ветерните паркови се прогласени за стратешки, а како посебно достигнување и напредок во носењето странски инвестиции во случајот на ветерниот парк „Вирови“, кој го најавија и поранешниот премиер Зоран Заев и сегашниот Христијан Мицкоски, беше претставено дека тој ќе се развива на пазарен принцип, без субвенционирана цена или државна помош и со целосна одговорност на инвеститорот.
Од компанијата „Впд“ за „Макфакс“ велат дека проектот „Вирови“ не е условен со каков било откуп на енергија.
„Проектот од самиот почеток е предвиден да се реализира на трговска основа. Тоа значи дека ВП ‘Вирови’ не ја условува неговата реализација со каков било вид гарантиран откуп на електрична енергија од Владата или од јавните компании. Како и да е, ова е голем проект за обновлива енергија, кој ќе понуди значителни количини чиста енергија, пред сè, на македонскиот пазар, што значи дека ќе биде отворен за долгорочни комерцијални договори со јавни или приватни трговци и доставувачи, кои ги снабдуваат граѓаните и бизнисите на Северна Македонија, како и големите крајни корисници. Тоа, пак, значи дека граѓаните и економијата на Северна Македонија може да очекуваат да имаат корист од чиста енергија на достапни и долгорочни предвидливи услови. Ова особено ќе ја заштити земјата од ефектите на скокови на цената на енергијата, енергетски кризи и недостиг како оние што се случија во периодот 2022 – 2023 година. Исто така, реализацијата на проектот ‘Вирови’ ќе биде од големо значење за македонските извозници да останат конкурентни во многу енергетски интензивни индустрии што ги извезуваат своите производи во ЕУ по усвојувањето на граничниот механизам за јаглерод (CBAM) бидејќи ќе имаат можност за набавка на енергија од обновливи извори со гаранции за потекло“, велат од компанијата „Впд“.
Голем број експерти, пак, сметаат дека сосема погрешен е пристапот со кој приватните инвестиции во производните капацитети, вклучително и оние од обновливи извори, се прогласуваат за стратешки инвестиции. За државата да има корист од приватните инвестиции во ветерниците, посочуваат дека најдобар би бил пристапот тие да се градат со јавно-приватно партнерство.
„Националните производствени капацитети за производство на зелена енергија – ветропаркови, фотонапонски централи и хидроелектрани, во ниеден случај не треба да се прогласуваат како национални стратешки проекти или како гринфилд-инвестиции и да се доделуваат на концесии на 99 години во случаи кога нашата држава нема сопствени средства да ги изгради бидејќи користа на државата е сосема мала… Таквите инфраструктурни проекти треба исклучиво да одат преку јавно-приватно партнерство во согласност со Законот за ЈПП, каде што јавната страна ги има придобивките. Со други зборови, секој месец приватната страна ѝ плаќа одреден процент, сигурно не помалку од 15 % од вкупниот приход. Во согласност со нашиот Закон за ЈПП, сопственоста на земјиштето не се отуѓува, а тоа значи по 35 години, колку е максимумот на ЈПП, инфраструктурниот објект станува сопственост на државата“, вели Зоран Лазаревски, координатор на Алијансата за јавно-приватно партнерство Ц.Р.Е.А.М., која претставува заедница за реализација на европската помош во земјата.
Министерката за енергетика нема конкретен одговор на прашањето зошто државата не гради ветропаркови кои би произведувале струја за домашниот пазар, но потсетува дека државата веќе изградила еден ветерен парк, оној во Богданци. Неговата втора фаза допрва треба да се догради, а министерката Божиновска вели дека тоа ќе се реализира токму преку јавно-приватно партнерство.
„АД ЕСМ како производител на електрична енергија со најголем инсталиран капацитет во државата досега има изградено и ставено во функција еден ветерен парк во Богданци со инсталиран капацитет од 36 MW, кој користи повластена тарифа, и 14 MW за втората фаза на проектот. Според информациите од АД ЕСМ, ветерниот парк во Миравци би располагал со ветерен потенцијал за вкупна инсталирана моќност од над 100 MW. Планираното годишно производство на електрична енергија е над 300 GWh. Овој проект ќе биде реализиран по принцип на јавно-приватно партнерство во кое доминантна сопственост ќе има АД ЕСМ“, вели министерката Божиновска.
Регулаторната комисија за енергетика во овој момент не прави разлика меѓу државни и приватни инвестиции во согласност со надлежноста за лиценцирање и при примената на регулаторните акти. Како експерти, пак, регулаторите сметаат дека неопходни се што повеќе стратешки енергетски инвестиции во насока на јакнење на енергетската независност и обезбедување сигурна и стабилна испорака на енергенти.
Досега РКЕ има издадено само две лиценци за производство на струја од ветер. Едната е на приватниот инвеститор ВЕЦ ТОР, другата е на ВЕЦ „Богданци“ . Според податоците од регулаторите, заклучно со 30 септември 2024 година, производство од ветерниците учествува со 2,64 % во вкупното производство на струја во земјата.
Германската компанијата „Впд“, која најави инвестиција од над половина милијарда евра во ветерниот парк „Вирови“, со изградба на 69 ветерници на потегот Куманово – Старо Нагоричане – Крива Паланка, за „Макфакс“ најави дека доколку се отстранат бирократските пречки и доколку има чиста регулаторна рамка, за три години ќе стигнат до фазата подготвени за градба. Тие од 2022 година имаат мерачи на ветер во Кумановско. Во најава е и ветерниот парк на инвестицискиот фонд „Алказар енерџи“, кој ќе постави 55 ветерници во реонот Штип – Карбинци – Радовиш, а најавуваат дека ќе почнат со изградба во текот на следната година.
Со овој текст „Макфакс“ се приклучува на иницијативата за зголемена транспарентност на институциите што Институтот за комуникациски студии ја спроведува во соработка со медиумите во рамките на проектот „Користи факти“, кој е поддржан од британската амбасада.
Економија
Управата за јавни приходи со повик до даночните обврзници навремено да ги поднесат ДДВ-04 пријавите за изминатиот даночен период
Управата за јавни приходи ги повикува сите даночни обврзници да ги достават потребните документи до своите сметководители и навремено да ги поднесат ДДВ-04 пријавите за изминатиот даночен период.
Крајниот рок за поднесување на ДДВ-04 пријавата е 25 ноември 2024 година (понеделник).
Досега, како што е наведено во соопштението, поднесени се само 615 ДДВ-пријави од очекуваните 7.399, што претставува само 8,31 % од вкупниот број даночни обврзници. Ова, според УЈП, покажува дека значителен број обврзници сè уште не ја исполниле својата законска обврска.
Управата за јавни приходи апелира до сите даночни обврзници да ги исполнат своите законски обврски навремено за да избегнат казни и дополнителни финансиски трошоци.
Навременото поднесување на ДДВ-04 пријавата е од исклучителна важност за правилното усогласување со даночните прописи, одржување на финансиската стабилност на бизнисите и за развојот на економијата.
Економија
Николоски: Проектот „Купи куќа за млади” почнува в година
По Нова година, ќе излеземе со условите и начинот на кој младите брачни двојки ќе може по поволни услови да учестуваат на проектот „Купи куќа за млади“, истакна заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски.
„Сакам да најавам дека в година ќе почнеме да го развиваме проектот ‘Купи куќа за млади’, кој треба да им овозможи на многу млади брачни двојки да стекнат сопствен дом по исклучително поволни услови. Затоа ги спремаме плановите и по Нова година, ќе излеземе со конкретни предлози во кои општини ќе може тоа да се реализира и на кој начин ќе може младите брачни двојки да добијат подршка и помош за сопствен дом“, изјави Николоски.
Тој денеска се обрати на настанот во организација на Сојузот на стопанските комори поврзан со иновативни решенија за паметни домови.
„Иновативните предлози значат забрзување на стопанскиот и економскиот раст. Дополнително, има уште еден сегмент, кој се однесува на дуалното образование и мислам дека тоа е клуч за генерациите што доаѓаат и нешто што треба да даде нова можност за македонската економија. Тука ги вклучуваме и иновативните решенија во однос на начинот на градење и изведба на објекти. Ние како Влада стоиме на располагање со цел да дадеме подршка на вакви иницијативи“, истакна Николоски.