Македонија
Срамно е што СДС е против покачувањето на платите на вработените во здравството, велат од ВМРО-ДПМНЕ

Срамно е што опозициската СДС е против покачувањето на платите на вработените во здравството, додека Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ постигна историски договор за нивно покачување и посветено работи за подобрување на состојбите во здравството, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.
„За прв пат после долги години во Македонија има влада која има слух за здравствените работници. ВМРО-ДПМНЕ покажува вистинска грижа за здравството и здравствените работници. ВМРО-ДПМНЕ активно работи на подобрување на состојбите во здравството преку вложување во здравствените работници со цел нивно задржување во државата, како и преку осовременување на технологии и методите на лекување.
Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ во соработка и консултации со синдикатите и синдикалните организации постигна историски договор за покачување на платите на здравството.
Потпишан е анекс на колективниот договор за коригирање на коефициентите од 0,233 за сите здравствени работници и од 0,364 коефициент за медицинските сестри со средно образование и останатиот средно-медицински кадар.
Со корекцијата на коефициентите на вработените во здравството со кој сите медицинските работници, уште од следната плата ќе добијат покачување од 2.450 денари“, истакнуваат во соопштението.
За разлика од СДС која ги заборави во целост медицинските сестри и останатиот средно-медицински кадар, ВМРО-ДПМНЕ, додаваат од партијата, покажува особена грижа за овој важен столб во здравствениот систем, така што и до крајот на годината истите ќе добијат покачување на платите од 3.850 денари.
Според нив, освен покачувањето на платите од 10% кое што здравствените ќе го добијат годинава како резултата на корекцијата на бодовите од колективниот договор, покачување на платите во здравството од пет проценти ќе има и во март следната година.
Најавуваат дека покачувањето на платите во здравството нема да застане тука, туку продолжува и во следните 2026 и 2027 година каде што покачувањето се очекува да биде од 5-7% во зависност од кондицијата на буџетот, додека во 2028 година покачувањето на платите ќе биде од 7-10%.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) СДСМ: Инфлација од 4,8 отсто, властите да ги прифатат нашите предлози за укинување на ДДВ за храна

Заменик-претседателката на Форумот на жени при СДСМ, Ема Нешковска, на денешната прес-конференција изјави дека инфлацијата од 4,8 проценти на годишно ниво ја доведува економијата во сериозен пад и ја турка населението во сиромаштија. Според неа, ова е резултат на промашените економски политики на владата предводена од Христијан Мицкоски.
Нешковска истакна дека најмногу поскапување има кај храната и основните производи, што го прави животот потежок за граѓаните кои се приморани да прават тешки избори помеѓу плаќање сметки и купување намирници.
Таа ги повика властите да ги прифатат предлозите на СДСМ за укинување на ДДВ за храна, зголемување на минималната плата и покачување на платите во другите сектори како начин за намалување на трошоците и заштита на стандардот на граѓаните.
„Времето на владина незаинтересираност и арчење на парите на граѓаните мора да заврши. Сметката ја плаќаат граѓаните“, порача Нешковска.
Македонија
Влен: Бујар Османи и во МНР спроведувал сомнителни и криминални тендери!?

Државниот завод за ревизија јавно потврди тоа што граѓаните одамна го знаат, дека Министерството за надворешни работи, во време кога министер беше Бујар Османи, спроведувало незаконски тендери поврзани со организацијата на самитот на ОБСЕ во 2023 година, велат од Влен преку соопштение.
„Според ревизорскиот извештај: Потрошени се над 120 милиони денари без јасна евиденција; Не постои документација што точно е испорачано, инсталирано или оставено како трајна опрема во СРЦ „Борис Трајковски“; Договорите и јавните набавки биле спроведувани без транспарентност и со сериозни законски пропусти.
Ова е уште една потврда дека Бујар Османи, каде и да оди, зад себе остава сомнителни и криминални тендери!
Ова не е изолиран случај, истиот Бујар Османи беше осомничен од СЈО за сомнителни набавки уште кога беше министер за здравство во владата на Никола Груевски.
Граѓаните на Чаир добро знаат две работи за Бујар Османи: Прво, никогаш ништо не направил за Чаир, ниту еден проект, ниту една инвестиција, ниту една иницијатива. Второ, секогаш кога бил на функција, се поврзувал со скандали, сомнителни тендери и злоупотреби на јавни пари!“, велат од „Влен“.
„Влен“ додава дека Чаир не заслужува човек чие име се повторува во секој извештај за криминал и злоупотреба.
Македонија
Надлежните со препораки до граѓаните поради најавата за температури до 39 степени во периодот до 13 август

Министерството за здравство информира дека според најновата прогноза од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), од 8 до 13 август 2025 година се очекува значително зголемување на дневните температури, кои на некои места ќе достигнат и до 39 степени Целзиусови.
Поради тоа, Министерството апелира до граѓаните да ги почитуваат препораките за заштита од топлотен удар: престој во разладени простории, внесување на доволно течности, избегнување на алкохол и засладени пијалаци, носење лесна и светла облека, како и ограничување на физичката активност во најтоплите часови.
Особено внимание треба да се посвети на ризичните групи — деца, стари лица, лица со хронични заболувања и бремени жени.
Во случај на појава на симптоми како вртоглавица, главоболка, гадење или забрзан пулс, веднаш треба да се побара медицинска помош.
Министерството ја следи состојбата и ќе постапува според потребите.
Според најавата на УХМР, времето денес ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северероисточен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 30 до 37 степени.