Македонија
(Видео) Битиќи: Додека Владата купува мебел и автомобили, илјадници семејства со платите не може да го поминат месецот
Просечната плата во земјата бележи загрижувачки пад. Во јуни, просечна плата изнесуваше 41.939 денари, веќе досега просечната плата е намалена за цели 1000 денари што е далеку од доволно за да ги покрие основните потреби на граѓаните. СДСМ поднесе амандман со кој бара зголемување на платите. Односно, 3,5 милијарди денари или 57 милиони евра за зголемување на платите на граѓаните, што не е само барање на финансии, туку барање на одговорност и социјална правда, рече пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи, на комисијата за финансирање на буџет.
„Најпрвин, без розовите очила на власта да погледнеме реално во економските бројки кои ја нагласуваат потреба од зголемување на платите на граѓаните. Просечната плата бележи загрижувачки пад, а во меѓувреме, потрошувачката кошничка достигна 61.306 денари во септември. Ова е јасен показател дека платите се далеку од доволни за да обезбедат достоинствен живот“, рече Битиќи.
Тој потенцираше дека со растечкиот јаз меѓу платите и трошоците, не може да се очекува да издржат наставници, здравствени работници, администрација и сите други кои вршат дејност од јавен интерес и кои треба да го движат општеството напред.
„Зад овие бројки стојат вистински луѓе, семејства, деца. Погледнете ги своите домови. Замислете го вашето дете како ви бара нешто основно – книга, облека, можност за екскурзија, а не можете да му го обезбедите тоа. Токму тоа е реалноста со која се соочуваат илјадници семејства на вработените во јавниот сектор“, рече Битиќи.
Само минатиот месец трошоците за живот се зголемиле за 3,5% додека платите се намалија за 1.000 денари и тоа е економска и социјална неправда.
„Да се осврнеме на изборот на Владата, каде и се приоритетите за трошење. За нови возила ќе се потрошат 7,5 милиони евра. За мебел – 1,5 милиони евра, за договорни услуги зголемени за 80 милиони евра. Сумите се апсурдни. Како можете да оправдате купување луксузни автомобили, мебел и зголемување на договорни услуги додека илјадници семејства се прашуваат како ќе го преживеат месецот? Овие непродуктивни трошења се срамни и покажуваат дека приоритетите на Владата не се во интерес на граѓаните. Само ставката стоки и услуги е 1,2 милијарди евра. Проверете кога таа ставка била 20% од буџетот“, рече Битиќи.
Според него неприфаќањето на амандманот за зголемување на платите ќе значи прекршување на Општиот колективен договор и продолжување на праксата на системско непочитување на законите. Оваа Влада, со својот Предлог-буџет за 2025 година, како што појасни, веќе го прекрши Законот за буџети со проектираниот дефицит над 3%. Сега, додаде Битиќи, сакаат да ги прекршат и колективните договори, на штета на граѓаните. Отфрлањето на овој амандман ќе значи порака дека оваа Влада не ги почитува ниту трудот, ниту правата на работниците, оценува тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Никој во тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ не живее од плата туку на грбот на граѓаните, велат од СДСМ
„Антилогика – ЗНАМ го напаѓа СДСМ затоа што Максим Димитриевски призна дека не живее од плата.
Па СДСМ само ја објави вистината, не може да им бидеме криви ние за признанието на Максим.
Никој во тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ не живее од плата туку на грбот на граѓаните.
Тоа веќе сите го знаат“, велат од СДСМ.
Според опозициската партија, со ваквата политика, како што велат, сè да биде приватен бизнис на тендер коалицијата, веќе недостигаат две милијарди евра.
„Што се однесува на времето на ковид кризата државата се задолжуваше за да им помогне на граѓаните, бидејќи СДСМ и тогаш и сега, се грижи за граѓаните. За разлика од тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ кои се луксузираат на грбот на народот и вратат тендери.
Таков е примерот со тендерот од 1,2 милиони евра Пошта, за фирмата блиска до ЗНАМ. Додека вработените во Пошта со месеци им доцнат платите.
Работниците да гладуваат, а тие да живеат во луксуз. Така е составен и буџетот, само за нивните потреби“.
Македонија
Снег на Попова Шапка, магла на одредени патни правци, сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови,по претежно влажни коловози.
Врнежи од снег на Попова Шапка со задржување на коловоз од с.Лисец-Попов Шапка.
Намалена видливост поради појава на магла до 80 метри на патниот правец Штип – Неготино кај Серта, во Крушво до 50 метри, на планинскиот премин Стража до 100 метри и кај Маврово до 50 метри.
Сите патни правци во државата се проодни.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Утре променливо облачно и релативно топло
Времето утре ќе биде променливо облачно и релативно топло.
Претпладне ќе има слаб локален дожд, а по одделни котлини ќе има појава на магла. Кон крајот на денот и во текот на ноќта во западните делови ќе има врнежи од дожд. На повисоките планини во северозападните делови врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во западните делови наместа повремено засилен ветер од западен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 5, а максималната ќе достигне од 11 до 18 степени.
Во Скопје, времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Претпладне во делови од котлината ќе има појава на магла. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Во наредните денови следува период на променливо време. Во недела претпладне ќе има локални врнежи од дожд, а на планините во северозападните делови од снег. Врнежи од дожд ќе има и во понеделник кои ќе бидат поинтензивни во југоисточните делови, а на планините ќе бидат од снег. Поради продор на постуден воздух врнежите од дожд ќе преминуваат во снег и на некои од повисоките места. Потоа во следните два дена ќе се задржи претежно стабилно време, а нови врнежи повторно се очекуваат од четврток.

