Свет
Борел: Секој повик за нуклеарна војна е неодговорност
Секој повик за нуклеарна војна е неодговорност, изјави денеска високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел во врска со одлуката на рускиот претседател Владимир Путин да ја промени руската нуклеарна доктрина, што значи дека отсега Русија го задржува правото да користи нуклеарно оружје.
На прес-конференција во Брисел, по состанокот на Советот за надворешни работи на ЕУ за одбрана, Борел го осуди секое спомнување на употреба на нуклеарно оружје.
„Не е првпат да се закануваат со нуклеарна ескалација, што е целосно неодговорно. Русија го прифати принципот дека нуклеарна војна не може да се победи и дека никогаш не смее да се води. Секој повик за нуклеарна војна е неодговорен“, рече тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Во следните три години Шпанија ќе го легализира статусот на околу 300.000 мигранти годишно
Шпанија ќе го легализира статусот на околу 300.000 илегални имигранти годишно во следните три години, бидејќи се обидува да ја зголеми својата работна сила поради стареењето на населението, изјави министерката за миграција Елма Саиз за новинарите.
Шпанија, предводена од левичарската малцинска коалициска влада, е главно отворена за мигранти, иако другите европски земји како Италија и Германија се обидуваат да воведат построга контрола на границите.
„Шпанија треба да одлучи дали ќе биде отворена, просперитетна земја или затворена и сиромашна земја, а ние ја избравме првата“, рече Саиз, додавајќи дека на нацијата и се потребни 250.000 до 300.000 странски работници кои плаќаат данок годишно за да се одржи благосостојбата на државата.
Регион
Вучиќ: Го познавам Путин, Србија ќе ги подготвува скривниците за нуклеарен напад
Ако безбедноста на Москва и нејзиниот народ е загрозена, Путин ќе користи нуклеарно оружје, рече претседателот на Србија Александар Вучиќ. Тој кажа дека и Србија ќе се подготвува за нуклеарен напад.
„Путин нема да се двоуми да употреби нуклеарно оружје. Ние како земја не сме подготвени. Имаме скривници кои во моментов може да соберат само 258 илјади луѓе. Мораме да ги обновуваме, и да дојдеме до 1 милион до 1,5 милиони луѓе да можеме да сместиме. Ние нема да бидеме мета, но ќе бидат мета сите околу нас, и затоа мораме да водиме сметка. Им се извинувам на граѓаните што таа работа навреме не ја направивме, но ќе се занимаваме со тоа што е можно побрзо“, рече српскиот претседател вечерва во обраќање кон граѓаните на Србија.
„Познавајќи ги сите актери, мислам дека никој нема да се двоуми да ги искористи сите алатки што ги има. Малкумина го познаваат претседателот Путин како мене, ниту се критикувам, ниту се фалам со тоа, посочи тој и додаде:
„Ако е загрозена безбедноста на Москва и нејзините сили, ако нема излез, однапред ви велам дека нема да се двоуми ниту еден час, да го искористи нуклеарното оружје.
Свет
Украина ја нападна Русија со американски ракети со долг дострел, тврди Москва без потврда од Киев и САД
Русија објави дека Украина истрелала ракети со долг дострел обезбедени од Соединетите Американски Држави, еден ден откако Вашингтон даде дозвола за такви напади, информација што ниту Киев ниту Вашингтон не ја потврдија.
На 19 ноември Украина употреби воен тактички ракетен систем АТАКМС (ATACMS) во напад на руската област Брјанск, соопшти Министерството за одбрана во Москва. Тврдењето не можеше ни независно да се потврди.
Украинската војска претходно потврди дека нападнала складиште за муниција во руската област Брјанск, но не прецизираше дали е користен АТАКМС. Се наведува дека нападот, на магацин на околу 100 километри од границата кај градот Карачев, предизвикал 12 секундарни експлозии.
Соборени се пет проектили, а еден е оштетен, чии фрагменти предизвикале пожар во воен објект во регионот, се вели во руското соопштение.
Нападот е првпат ракети со долг дострел да се користат на меѓународно призната руска територија, откако Вашингтон ѝ сигнализираше на Украина дека има дозвола да го стори тоа. Русија изјави дека „соодветно ќе реагира“.